Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска прими поголема делегација претставници на бизнис заедницата на Полска, како и делегација од градоначалници од оваа земја.
Заев нагласи дека традиционалното пријателство меѓу двете земји се рефлектира и во економската соработка за што сведочи и вредноста на вкупната трговска размена која оваа година се предвидува да достигне рекордни 300 милиони евра.
– Граѓаните на Република Северна Македонија се посебно благодарни на народот на Полска кои Северна Македонија ја имаат поставено високо на листата за туристички посети што е особено значајно оваа година заради ограничувањата на патувањата што ги наметна пандемијата со ковид-19 – рече Заев.
Тој уште ги запозна полските деловни луѓе со предностите и поволностите за инвестирање во нашата земја со посебен акцент на даночните и други олеснувања кои можат да достигнат и до 50 отсто од вкупната вредност на инвестицијата.
Бизнисмените од Полска покажаа интерес за поволностите од Законот за стратешки инвестиции и за можностите за инвестирање во енергетски капацитети од обновливи извори како што се фотоволтаичните и ветерните електроцентрали.
На средбата стана збор и за соработката помеѓу единиците на локалната самоуправа, особено во делот на збратимување меѓу општините на двете земји како добра основа за поврзување на малите и средни претпријатија од локалните заедници каде има голем потенцијал за поврзување и соработка.