Ако има прекршување на Уставот од страна на носителите на највисоките државни функции (претседател на државата, претседател на Собранието, премиер…), секако, треба да има одговорност за која ќе расправа и ќе ја оцени Собранието, а наредната инстанца е Уставниот суд. Изјавите и постапките на државните функционери што се направени од небрежност или со умисла, а кои се спротивни на Уставот и на законите, во битието го загрозуваат функционирањето на уставноправниот систем. Кога тоа се прави од позиција на носители на највисоките државни институции, тогаш токму „од изворот извира“ пораката дека не постои владеење на правото, нема правна држава, а всушност нема ни право, ни држава
Ерозија на принципот на легалитет во државата
Политичката еквилибристика и импровизација со сѐ почести агресии, полека но сигурно, го окупираат универзалното начело на законитост, односно легалитет, го нагризуваат владеењето на правото и на Уставот и на законите. Прекршувањето на позитивното право стана хронично од страна на највисоки политички и државни позиции. Активното опструирање на највисокиот правен акт и актите што произлегуваат од него е сѐ поочигледно и сѐ поагилно. Трагедијата да биде уште подлабока, тоа се прави од оние што се најодговорни да ги штитат и чуваат правниот систем и државата.
Нулта толеранција за
прекршителите на Уставот и на законите
Зачудува и фактот што во јавноста за таквите противуставни и противзаконски активности на политичарите се употребуваат еуфемизми како: политичка прагматичност, импровизација, имагинативен добронамерен пристап, а се занемарува фактот дека сѐ почесто се прават такви нелегални постапки. Уште поважно е дека надлежните замижуваат и никој не бара одговори или одговорност?! Во македонската јавност силно одекна изјавата на премиерот дека претседателот на Собранието можеби го прекршил македонскиот Устав говорејќи албански јазик во меѓународна институција, како што е Европскиот парламент, но за тоа „не треба да се бара одговорност“. Од друга стана, пак, се бара доследно усогласување на именувањето на новото уставно име на државата во резолуцијата за евроинтегративниот пат на Македонија и националните црвени линии, што е во ред, бидејќи начелото на уставност и законитост важи еднакво за сите. Но тоа значи дека политиките на толерантност и двојни аршини треба да бидат веќе минато. Во однос на прекршувањето на македонскиот Устав во Брисел од страна на спикерот Џафери веќе е поднесена интерпелација за претседателот на Собранието. Но истиот тој ја врати на корекција до предлагачите, наводно поради „некоректното наведување на уставното име на државата при адресирањето на интерпелацијата“.
„Играње играчки“ со позитивната правна регулатива
– Според Деловникот на Собранието, сета кореспонденција што е адресирана до претседателот на Собранието стигнува како негова пошта и што ќе преземе во тој однос, тоа е негова одговорност. Исто така, предлог-законите, резолуциите, интерпелациите од пратениците се упатуваат до претседателот на Собранието. Негова обврска е да ги стави на дневен ред на првата наредна седница. Додека било невообичаено претседателот на Собранието да ги врати предлозите до предлагачот, но ако тоа го стори, мора да ги образложи причините, во согласност со Деловникот и Законот за архивско работење. Дали причината за враќање на предлогот е суштинска или техничка, исто така е во доменот на одговорноста и процената на претседателот на Собранието. Но ако го вратил предлогот до предлагачот без образложение, само се засилуваат причините и аргументите за интерпелација – вели адвокатот Александар Новаковски, поранешен генерален секретар на Собранието.
По враќањето на интерпелацијата, партијата Левица најави дека ќе го тужи претседателот на Собранието, Талат Џафери, за злоупотреба на службената положба. Основа за тужбата, според нив, е одговорот што Џафери им го доставил на пратениците од опозицијата по доставената интерпелација против него. Во барањето на Левица, која доби поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ, не е напишано уставното име на државата. Според пратеникот Борислав Крмов, целта на Џафери е да избегне соочување со пратениците.
Враќањето на интерпелацијата оневозможува таа да се стави на дневен ред на една од јулските седници во Собранието. Роковите наведени во Деловникот не предвидуваат вратен предлог за интерпелација да може да се стави на дневен ред во рок од 15 дена. Сепак, интерпелацијата може да се разгледа на некоја од седниците во септември.
Уставноправниот систем има своја логика додека се спроведува доследно
Многу е лошо кога на примената на Уставот се гледа политички, односно во контекст на политичката прагматичност. Уставноправниот систем има своја логика додека се спроведува доследно. За жал, одговорноста во секоја сфера на општеството и државните институции е сведена на ниво на „каучук-параграф“, кој се „моделира“ според прагматичниот политички интерес. Да имаше одговорност, воопшто немаше да имаме никакви уставни дилеми и државата да биде сведена на ниво каде што партиите се директни арбитри, пред надлежните институции, кои треба да проценат и пресудат. Ако има прекршување на Уставот од страна на носителите на највисоките државни функции (претседател на државата, претседател на Собранието, премиер…), секако, треба да има одговорност за која ќе расправа и ќе ја оцени Собранието, а наредната инстанца е Уставниот суд. Секој треба да внимава кога и како ги применува Уставот и законите. Несериозноста на политичките структури сериозно го загрозува функционирањето на уставноправниот систем. Отсуството на политичка култура кај носителите на власта остава неубав впечаток на влијанието на политиката во државата и општеството. Секој треба да ги извршува компетенциите во рамките на своите овластувања – вели поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски.