Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, изјави дека е очигледно оти владејачката коалиција СДСМ и ДУИ сè повеќе се плашат од тоа да им дозволат на пратениците да направат увид во СЈО. Тој рече дека вчера добиле допис со неосновани технички образложенија од страна на спикерот Талат Џафери дека предлог-одлуката за анкетната комисија ја враќа на подносителите.
– Наводно, поради одредени недостатоци, ги видовме сите оние нешта што тој ги споменал како недостатоци и нема ниту еден деловнички, пропуштен, суштински дел од предлог-одлуката, што може да се смета за сериозен недостаток. Напротив, предлог-одлуката за формирање анкетна комисија по содржина и структура е иста со предлог-одлуката за анкетна комисија што господинот Талат Џафери во претходниот состав ја поднесе за формирање анкетна комисија за прислушувањето. Нема никаква разлика.
Она што нам ни е информација од собраниските служби и од самиот ракопис на овој предлог за враќање на одлуката за формирање анкетна комисија е дека ова не е ракописот на Талат Џафери. Ова е ракописот на Цветанка Иванова, генерален секретар на Собранието, или на некој близок советник на СДСМ, што Талат Џафери морал да го послуша и да го потпише и да го врати предлогот за формирање анкетна комисија затоа што очигледно и Талат Џафери е седнат во скутот на владејачката партија. Од кои интереси, дали се тоа лични, фамилијарни, политички, партиски, сигурни сме дека во следниот период тоа бргу ќе го докажат – истакна Милошоски.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се откаже од оваа намера и дека ќе ги искористат сите можни деловнички процедури, а дека темата анкетна комисија за СЈО и увидот и дискусијата за работата на незаконско, нестручно и несовесно работење и постапување на СЈО, ќе дојде на дневен ред на собраниската седница, порано или подоцна.
– Сметаме дека власта доколку држи до својот глас за разрешување на Катица Јанева за незаконско, несовесно и нестручно работење, треба да дозволи формирање анкетна комисија и треба да дозволи расправа за оваа точка, па ако сакаат, СДСМ и ДУИ нека гласаат против. Ако имаат доволно аргументи дека СЈО работело законито, дека Катица Јанева работела совесно, стручно и законски, ќе имаме расправа на дневен ред и на пленарната седница нека се изјаснат, нека гласаат воздржано или против, но нека не го скратуваат правото да се расправа за ова и да ги понудиме аргументите во таа насока.
Дополнително тоа што во меѓувреме го имаме како сознанија е следното. Не било случајно тоа што во изминативе неколку години сите финансиски извештаи што СЈО ги доставувало со Собранието на Република Македонија во ниту еден извештај не се наведени прецизни ставки во трошењето на средствата. Разгледани се сите извештаи и во сите пишува, повеќето од средствата се потрошени за наемнини, хонорари, набавки и слично, помал дел не е потрошен. Не се кажува колку се потрошени на вештаци, колку се потрошени на плати, колку се потрошени на хонорари, колку се потрошени на јавни набавки. Она што го имаме како сознание дека имало злоупотреба и прекршување на постојните законски прописи од страна на СЈО при вршењето јавни набавки внатре во СЈО, односно индиции дека се злоупотребени пари на граѓаните, несовесно, незаконски и нестручно за нечија сметка, односно за нечие материјално богатење.
Од друга страна, имаме исто така податоци дека на блиските роднини на помошник-обвинители внатре во СЈО или на самата специјална обвинителка или на блиските лица на судии, обвинители, пратеници, функционери и министри надвор од СЈО, кои биле вработени во СЈО, им се исплаќани несразмерно високи хонорари по потпишани договори за чување деловна тајна, а самиот опис на работа на човек што влегува да работи во обвинителска функција, основната плата му е во описот на тоа да биде претпазлив и да чува деловна тајна, односно за тоа нема потреба за посебен договор.
Затоа цениме дека господинот Талат Џафери, Цветанка Иванова и СДСМ во Собранието треба да размислат да не го штитат веќе механизмот кој може на сите нам да ни помогне, темата незаконско работење на СЈО да ја истражиме и да им ја дадеме на увид на сите граѓани затоа што 15 милиони евра од граѓаните на Република Македонија плус донации од Шведска, Холандија и Америка се потрошени за работата на СЈО, а голем дел од нив сметаме дека е потрошен незаконски – изјави Милошоски.