Моментот на почнување предистражна постапка од страна на Основното јавно обвинителство за работата на претседателот Ѓорге Иванов се чини дека е некако обвиткан со мистерии, почнувајќи од иницијаторите на постапката, преку правната основаност и надлежност, до политичката мотивација за ваквиот потег. Според информациите од ОЈО, предистражната постапка е насочена кон тоа дали претседателот ги пречекорил овластувањата со тоа што одби да ги потпише Законот за употреба на јазиците и спогодбата од Мала Преспа, а е отвoрена откако во обвинителството стигнале две анонимни кривични пријави, чии наводи сега се истражуваат. За таа цел веќе се побарани податоци и информации од Собранието на Република Македонија и од кабинетот на претседателот на Република Македонија за тоа кога се донесени одлуките во законодавниот дом, односно од кои причини не се потпишани од претседателот Иванов, велат од Јавното обвинителство.
Додека од кабинетот на претседателот сѐ уште нема реакција за отворањето на предистражната постапка, како и за побарувањата на документација од ОЈО, од Собранието му излезе во пресрет на обвинителството и веднаш е започнато со подготвување на документацијата за целокупната службена преписка со кабинетот на претседателот за тоа како се одвивала постапката по двата основа за кои сега се води истражна постaпка.
Анонимните кривични пријави се засноваат на фактот дека претседателот Иванов и по двете собраниски гласања на кои се изгласани Законот за употреба на јазиците и спогодбата од Мала Преспа, ги нема потпишано указите за тие да стапат во сила и да имаат правно дејство, односно не можат да бидат објавени во „Службен весник“. Имено, претседателот веќе со месеци го користи т.н. џебно вето, односно недореченоста на Уставот во поглед на временскиот рок во кој е обврзан да потпише указ на закон што е два пати изгласан во Собранието.
Сепак, за правната јавност, предистражната постапка што ја поведе обвинителството за пречекорување на овластувањата на претседателот претставува пукање во празно, односно ОЈО нема надлежност да води кривичен прогон во врска со претседателскиот мандат и имунитет.
– Работата на претседателот на државата е уставна категорија, а за прекршување на Уставот надлежност има Собранието. Значи, постапка за уставноста на работењето на претседателот на државата може да поведе само Собранието, а таа постапка е импичментот, што е подолготрајно и комплицирано, а на крајот завршува со нови избори, што мислам дека на власта не ѝ одговара. Така што оваа предистражна постапка на ОЈО претставува пукање во празно – вели Димитар Апасиев, професор на Правниот факултет при УГД „Гоце Делчев“ во Штип.
Поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, смета дека оваа постапка на ОЈО против претседателот Иванов поради кршење на Уставот претставува некакво решение поради неможноста да се обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието за поведување импичмент на шефот на државата.
– За кршење на Уставот следува уставноправна и политичка одговорност, за која се отвора посебна постапка во Собранието, со двотретинско мнозинство, а потоа и пред Уставниот суд. Доколку се утврди дека постои таква одговорност, исто така со двотретинско мнозинство од гласовите на судиите, со самиот тој чин, му престанува функцијата на претседателот. Свесни дека такво мнозинство не можеше и не може да се обезбеди, државата е ставена на некој начин да бара некакви решенија, меѓу кои е и оваа со отвoрањето на предистражната постапка од страна на ОЈО – вели Ивановски.
Меѓу шпекулациите што се појавија во јавноста по отворањето на предистражната постапка од ОЈО за претседателот Иванов е дека тоа е опипување на пулсот за можноста за поведување собраниски импичмент, со кој би се пресретнале можните правни и политички пречки од Иванов за спроведување на договорот со Грција.