Претседателoт на МАНУ, Љупчо Коцарев, вчера во своето обраќање на годишното собрание на МАНУ, се осврна на клучните предизвици со кои се соочуваме, нудејќи размислувања што би биле корисни за истражувачите и за креаторите на политики. Академик Коцарев ги анализира состојбите со пандемијата и глобалниот поредок, предизвиците за Македонија, а се осврнува и на договорите со Грција и со Бугарија, реформите во образованието, улогата на МАНУ итн. На крајот од обраќањето, кое го пренесуваме ексклузивно во нашиот весник, претседателот Коцарев испраќа и три важни пораки

Пандемијата и глобалниот поредок

Живееме во свет што се наоѓа на граница меѓу две епохи, време во кое тешко можеме да ја осознаеме, видиме, перципираме новата епоха. Пандемијата веќе предизвика низа каскадни кризи во здравството и економијата, и сега се заканува да ја преплави политиката и да ги надмине националните рамки во кои се случува голем дел од светската политика. Таа го стави на тест светот, укажувајќи на инхерентните слабости што досега беа забошотувани, во рамките на една држава, но, многу повеќе, и во транснационалните институции. Интересот што стои зад национализмот и неговите институции (на пример, националната држава) – достоинство на личниот идентитет – пандемијата го зацврсти. Така, транснационалните институции (ООН и нејзините агенции, ЕУ и нејзините институции, воените сојузи) и глобалните процеси, а не националните држави, ќе бидат доведени во прашање и најверојатно, до одредена мера, ќе станат жртви на пандемијата.
Пандемијата го интензивира ривалитетот меѓу САД и Кина, ги зголеми трендовите што постоеја со години во нивната борба за економска доминација, ги интензивира дезинформациите, невистините, и теориите на заговор меѓу двете држави во битка за влијанието во меѓународното јавно мислење, но и како средство за остварување на економската доминација, и ја помести глобалната рамнотежа на моќ од Запад кон Исток. Постепено раздвојување на глобалната економија, прво, ќе ги забави економските движење и процеси, но долгорочно, неговото влијание ќе биде значајно и ќе предизвика пренасочување на синџирите на снабдување, одложување, во некои земји, на имплементацијата на 5Г-технологијата, и значителни политички тензии. Тоа значи, меѓу другото, постепен, но траен, пораст на економскиот национализам и намалување на трговијата. Постои ризик дека, дури и отворените економии, ќе донесат економски политики во спротивност со глобализацијата, на пример, блокирање на извозот за да спречат, во случаи на идни кризи и повторно затворање на границите, појавување на недостаток и/или залихи на средства.

МАНУ веќе започна соработка со Стопанската комора на Македонија и се очекува некои од економските предизвици да бидат адресирани токму преку оваа соработка. Тука, ќе укажам на една работа, за којашто зборувал Адам Смит. Смит, инаку раководител со Катедрата за морална филозофија на Универзитетот во Глазгов, пишува во 1776 година: „трговците и производителите ниту се, ниту треба да бидат владетели на човештвото“. За жал, не само во Македонија туку и во многу држави на планетата Земја на клучните позиции за носење одлуки и креирање политики се наоѓаат трговци и производители или луѓе тесно поврзани со нив.

Предизвиците во Македонија

Според мое мислење, Македонија, во последните неколку години постепено, за да конечно во 2020-та стане центар на регионалната дестабилизација. Тоа се случи, во голема мера, поради внатрешните политички превирања, отсуството на владеење на правото, неспособноста и ароганцијата на домашните политички елити, изразената корупција, криминалот и алчноста, но делумно и поради сличните појави и однесувања во дел од ЕУ-државите. Резултатите од дестабилизацијата се веќе видливи во Македонија катадневно, на пример во, благо речено, дивеењата што се случуваат во повеќе институции и на повеќе нивоа. Тие што тоа не го гледаат, всушност, од ним (не)познати интереси, не сакаат да го видат.
Што треба да направи МАНУ? Од временска дистанца од две години од потпишувањето на Спогодбата од Преспа, промената на Уставот и имплементацијата на Спогодбата, постои потреба да се разгледаат ефектите низ неколку аспекти: покрај геополитичкиот (глобален и регионален) аспект, треба да се земе предвид и аспектот на европската интеграција, но и внатрешните аспекти на (не)владеење на правото, демократските принципи, отчетноста и легитимитетот, вклучувајќи го и влијанието врз интра- и интеретничките односи во земјата. МАНУ треба да создаде форум за отворена академска дебата на која ќе се слушнат различни мислења, а ниту една тема, па ни Преспанската спогодба, не смее да се третира како табу-тема. Нема потреба од идеализираниот пристап според кој спогодбите се исклучиво штетни/корисни. Спогодбите не се запишани во камен, а нивната вредност се мери само преку тоа колку даваат одговор на предизвиците и потребите на општеството. Се разбира, МАНУ треба да направи детална анализа на одредбите од договорите со Бугарија и со Грција, со посебен осврт на инхерентната поврзаност на спогодбите, кои веќе создаваат синергија која не беше предвидена или беше превидена во времето кога се потпишуваа двата договори.

Како понатаму? Ќе понудам само една размисла. Според многу истражувања, моралните избори се возможни, „но луѓето се наклонети да ги поддржуваат професионалните“ и (не)етичките „кодови на апстрактната државна машинерија“. Така, на пример, одбивањето да се учествува во геноцидот над Евреите не било казнуван со смрт ниту со каква било неправда. Или, во некои држави, оние што одбиле да соработуваат со тајните служби на комунизмот не претрпеле никаква лична штета. Моралните избори треба да се однесуваат не само на поединци туку и на институции, вклучувајќи држави.
Кои се нашите морални избори? За моралниот избор на секој поединец, граѓанин, академик, оставам тој сам да реши? Моралниот избор на МАНУ е преточен во многу документи на МАНУ, за 2020 година, тоа се, на пример, Промеморијата за државотворноста и идентитетот на македонскиот народ и ставовите на МАНУ во врска со реформите во образованието. Моралниот избор на државата Македонија е јасен: за државата Македонија, Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава. Ваквиот избор нема да имплицира неправда кон државата Македонија ниту нанесување каква било штета, напротив, тој ќе значи поголемо почитување од другите држави. За нас, Македонците, ваквиот пристап ќе значи само спокој и достоинство.
Едмон Бушие де Бел, кој заземал висока функција во главниот штаб на Источната армија, во Солун, и загинал во 1917 г., во завршните битки во Македонија, ќе ја напише книгата Македонија и Македонците (објавена постхумно во Париз и наградена од Француската академија), во која со автентични сведоштва пишува дека „Македонците имаат свој говор, кој не е ни српски ни бугарски“, тврдејќи во книгата „дека би се направила огромна грешка ако на Македонците се гледа како на етничка материја што може да се меси и дотерува по волја“. Неверојатно, сто години подоцна, ние дозволивме, преку договорите со Грција и со Бугарија, на нас да „се гледа како на етничка материја што може да се меси и дотерува по волја“.

Реформите во образованието

Во врска со реформите на образованието во Македонија и односот на носителите и креаторите на политики спрема науката, уметноста и образованието, за жал, кажано со умерени зборови, тој однос е игнорантен, арогантен и непрофесионален. Но, да почнам по ред и со фактите. Прво, во ноември 2020 се спроведува, преку прашалник, истражување за состојбите во образованието. Резултатите покажуваат дека (дел од) наставниците се согласуваат дека се потребни реформи. Но тоа се очекувани резултати – за потребата од реформи во образованието има поширок општествен консензус. Клучното прашање е: какви реформи? Второ, на 23 декември, се постави на веб-страницата на МОН новата „концепција“ за основното образование, со напомена дека коментарите, предлозите и сугестиите се очекува да бидат доставени најдоцна до 20 јануари 2021 година. Трето, во јануари, пред да истече рокот 20 јануари, ресорната министерка препорачува „сега е моментот за имплементација, веќе влегуваме во имплементација“. Ова покажува дека вистинска јавна расправа по концепцијата никогаш и не се планирала. Така, фактот дека реформите во образованието, кои се прават во што е можно покус рок, нетранспарентно, без вистинска јавна дебата, како и без вклучување на клучните релевантни научни и наставни институции во земјава, кои, во меѓувреме, сите, се изјаснија против оваа концепција, уште еднаш покажува дека односот на политичарите спрема образованието, што не е првпат, не е само несериозен туку деструктивен и понижувачки.

Во една од најсиромашните држави во Европа се предлага концепција којашто не постои во ниту една друга држава, вклучувајќи ги и најнапредните образовни земји во светот. Според концепцијата, во основното образование треба да не се изучуваат посебно предметите Физика, Хемија и Биологија. Природните науки се основа за применетите науки, кои, пак, се фундаменти на континуираниот, инклузивен и одржлив економски раст во која било држава, па, така, и во Македонија. Така, во една од најсиромашните држави во Европа, во која социјалниот и општествениот статус на учителите е многу низок, се предлага концепција што можеби ќе има несогледливи последици врз македонската економија, но сигурно ќе доведе до целосно обезличување на професијата учител.
Однесувањето на ресорното министерство во врска со реформите во образованието ме асоцираше на решението што било предложено во 1930-тите години во Советскиот Сојуз. Директорот на центарот за генетика, Лисенко, од советските медиуми величан како гениј, предложил ваков излез на кризата во советското земјоделство: поради својата вродена итроштина и интелигенција, селаните сами ќе доаѓаат до најдобрите резултати во земјоделството! Во име на оваа „наука“, биле избркани биолозите и агрономите, а неговата „наука“ набрзо се претворила во хистерично владино барање за земјоделско самоснаоѓање околу посевите. Така, во 21 век, во време кога се планираат првите населби на Марс, во име на нешто што се нарекува концепција, а сигурно не е концепција, избркани се сите клучни релевантни научни и наставни институции во земјава од цивилизациската придобивка: дијалогот. Пристапот на Лисенко е познат како лисенкоизмот. Со други зборови, во 21 век, во Македонија лисенкоизмот стана водечки пристап во „решавање“ на образовните проблеми.

Улогата на МАНУ

Во овие околности, кое е местото на Академијата во нашето општество? Веќе подолго време се залагам за јакнење на советодавната улога на МАНУ, при што МАНУ не треба да предлага одговори на политички прашања, туку да обезбеди информации, знаење и мудрост што поттикнуваат трансдисциплинарни дебати и промовираат советодавни активности при целосно зачувување на независноста на МАНУ. Времињата се менуваат и МАНУ треба да се приспособи на тоа, продолжувајќи да инсистира на трансдисциплинарни соработки меѓу институциите и отворање нови форми на дијалог во рамките на МАНУ и пошироко (без да се нарушат темелните вредности врз коишто беше изградена МАНУ). Во таа смисла, трансдисциплинарните пристапи кон стратегиските прашања и предизвици на општеството, на пример изработка на концептот за образование, стануваат неопходен приоритет на МАНУ.
Академијата, од нејзиното постоење до денес, секогаш, застануваше во одбрана на изворните принципи за кои таа и беше формирана. Во времињата што доаѓаат, таа треба што е можно повеќе да биде присутна во општествениот живот на земјата со нејзините научни и уметнички потенцијали. Во спротивност, не треба да се изненадиме ако во иднина се постави, инаку во овој момент бесмислено, прашањето: за што служи МАНУ? Меѓутоа, не смееме да ги заборавиме зборовите на Магрис (Claudio Magris) дека, додека идентитетот е бесконечна потрага, „загрижената одбрана на потеклото може да се претвори“, од една страна „во заостанато ропство“, а од друга страна, при одредени околности, во „соучесничко искоренување“. Овие зборови со точност до болка ја отсликуваат нашата потрага по идентитетот во последните 20 години: инсистирањето на античкото минато доведе до ропство, илузијата за европската иднина може да доведе до искоренување, истребување на македонскиот идентитет.

Пораки

Овој текст ќе го завршам со три пораки.
Прво. Македонија ќе мора да знае „што и каде понатаму“, дури и ако другата страна, тука пред сѐ мислам на ЕУ, нема намери да нѐ прими во своите редови. Ми се чинат неприфатливи изјавите, најмногу на политичарите, од типот „никогаш“ и „нема алтернатива“. Синтагмата „ЕУ е единствена алтернатива“ е сосема погрешна – многу е подобро да зборуваме, на пример, дека ЕУ е најдобрата од повеќето алтернативи. Или, слично. Вака, ако ЕУ од повеќе причини го стопира целосно процесот на проширување или го одложи за подолг период, што ќе значи тоа за Македонија? Со други зборови, ја поддржувам политиката дека европскиот пат е приоритетен, но не и единствен пат за Македонија.
Второ. Македонското име, јазик, култура, идентитет, историја, национална свест и самобитност се суверено, нераскинливо и неотуѓиво универзално право на македонскиот народ. Парадоксално и жално, некои од овие права ги загубивме во потрагата по античкото минато, додека се чини дека сите тие права ќе ги загубиме, наскоро, во името на европската иднина. Се плашам дека, како и многупати досега, она што сега се прави, за потребите на македонскиот внатрешнополитички амбиент, е наоѓање рамка што ќе создаде привид дека македонскиот идентитет и јазик не се загрозени, засегнати. Затоа, повикувам 2021 да биде година во која еднаш засекогаш ќе се договориме, со акламација, и тоа е услов за влез во ЕУ, дека македонското име, јазик, идентитет, историја имаат повеќевековна традиција во и надвор од границите на денешна Македонија.
Трето. Мене ми се познати само два државни документи со кои се забранува употребата на терминот Македонија. Првиот документ, од 25 март 1903 година, е наредбата на султанот Абдул Хамид II со која се забранува употреба на називот „Македонија“. Повеќе американски весници, тогаш, коментирајќи го спроведувањето на наредбата, пишуваат за цензурирањето на Библијата. Така, на пример, весникот „The Times Dispatch“ од 5 јули 1903 година, на страница 3, пишува: „Американската библиска издавачка куќа, задолжена за печатење на светата книга, официјално беше спречена од турскиот цензор, кој го забрани зборот ’Македонија’ во посланијата на апостолот Павле и инсистира истиот тој да биде заменет со ’Вилаетите Солун и Монастир’ за да дозволи да се печати Библијата“. За вториот документ нема да проговорам тука. Меѓутоа, впечаток е дека состојбата, во која се наоѓаат денес многу институции и граѓани на Македонија, поради користењето на името Македонија и придавките што произлегуваат од тоа име, е грда, непријатна, одвратна, застрашувачка. Што ни останува нам? Се надевам дека нема да дозволиме, во 21 век, Библијата да биде цензурирана.

Но не само тоа. Се залагам за достоинствена иднина на сите, па така и на Македонците.
Да заклучам, МАНУ го чинат неговите членови, сегашните но и жагорот на починатите. Тој жагор, од Мисирков, преку Конески, до Старделов, не само што обврзува туку е сè посилен, се зајакнува, татне. Тие нѐ обврзуваат: „Неук, си мислев: па тие така случајно се јавуваат. А сега назад погледнувам, гледам – па тие ме обврзуваат!“ Очекувам мудроста на оваа куќа, наталожена во повеќегодишното нејзино постоење, да придонесе МАНУ да продолжи да биде водилка во наоѓање достоинствена иднина за Македонија и нејзините граѓани, а јас ќе направам сè што е во моја надлежност тоа навистина да се случи.