Додека партиите ги доутврдуваат своите позиции по резултатите од референдумот, а во отсуство од договор меѓу власта и опозицијата за двотретинското собраниско мнозинство потребно за гласање на уставните измени, сѐ повеќе се наѕираат предвремените избори како можен начин за имплементација на потребните промени во Уставот што произлегуваат од спогодбата од Грција. Во таа насока во политичките и аналитички кругови се вртат различни сценарија – дали предизборно да се обединат партиите кај македонскиот и албанскиот блок во коалиција и со заедничка листа, за да се добие поголема поддршка кај електоратот и да се освојат што поголем број пратеници, или пак секој да настапи посебно со своја кандидатска листа за пратеници.

Во мноштвото изнесени тези и теории на оваа тема политичкиот аналитичар Јове Кекеновски тврди дека, сепак, е можно да бидеме сведоци во блиско време на такви коалиции, особено на партиите од власта, но, и покрај таквите сојузи, тој е убеден дека не може да се повтори нивниот успех, кој тие тврдат дека го постигнале на последниот референдум.

– Можно е во една констелација на односите да се случи тоа. Иако сѐ уште не е дозреана работата за предвремени избори, сепак велам дека е можно да имаме коалиции на македонскиот политички блок со албанскиот токму поради оние сценарија по Пржино. Без разлика што имаат заедничка визија, партиите на власт во делот на ЕУ и НАТО, бидејќи и едните и другите го поддржуваат договор со Грција, ниту ДУИ ниту СДСМ во своето владеење не се покажаа како чесни. Тоа ме наведува на заклучок дека и да дојде до какви било предизборни коалиции, мислам дека е недостижна бројката што тие ја посакуваат во однос на освоените пратеници, односно да добијат двотретинско мнозинство – оценува Кекеновски.

Некои од аналитичарите сепак наведуваат дека помалите партии имаат релативно мала можност да постигнат успех на евентуалните предвремени избори, дури и кога настапуваат здружени во помали блокови пред избори. Па, оттаму, според нив, логично е истите тие да се здружат предизборно и да се обидат како такви да добијат гласач плус, стоејќи зад заедничката политика и ставови на поголем табор на партии за кој ќе се определат.

Политикологот Димитар Димов вели дека партиите од албанскиот блок во изминатиот период имале искуство на предизборно коалицирање со победникот од македонскиот блок и со тоа успевале дури и најмалите од нив да обезбедат пратеничко место и одредено влијание во извршната власт. Сепак, како што посочува Димов, доколку сега некои од нив се решат на таков чекор, односно пред избори да влезат во политички сојуз со македонските партии во овој момент би можело да им наштети, токму поради последните резултати од референдумот, но и случувањата по изборите во 2016 година.

– Сега доколку настапат делумно самостојно и вака расцепкани партиите, особено во албанскиот блок, тие ќе изгубат најмногу. Најмногу ќе се одрази врз бројот на освоени пратенички места и на двата блока, мислам на македонскиот и на албанскиот. Успех на вакви мали партии, во ваков изборен модел, е можен само во широка и голема коалиција, пред но и по избори, без разлика дали би биле со ВМРО-ДПМНЕ или со СДСМ – смета Димов.

Политички несогласувања и разидувања по редица прашања има и во албанскиот блок партии.

Колку за потсетување, Демократската унија за интеграција во изборната кампања за изборите во 2016 година предлагаше ДУИ да биде единствениот чувар на албанското прашање во Македонија. Барајќи го гласот за неговата партија, тогаш лидерот Али Ахмети посочи дека со гласањето за други партии само се ослабува позицијата на Албанците и им се овозможува на македонските партии да постигнат голема победа. Малите албански партии, како што посочуваше тогаш лидерот на ДУИ, освен навреди и сеење омраза меѓу луѓето, друго не можат да постигнат. Македонските партии, според него, не треба да бараат албанските гласови, бидејќи, како што тврдеше тогаш Ахмети, легитимни претставници на Албанците може да бидат само албанските партии.

Но наспроти ваквите тези, голем континент албански гласови отиде на контото на СДСМ и на парламентарните и на локалните избори потоа. Со тоа, практично, најголем конкурент на ДУИ се покажа СДСМ, беа политичките коментари тогаш. Токму од оваа опасност стравуваат и сега во ДУИ, што можеше да се забележи и од изјави на нивни високи функционери, кои на терен лобираат гласовите на Албанците да се насочат кон нив. Колку ваквите партиски калкулации и интереси одат во прилог на формирање широка предизборна коалиција, останува да видиме.


СДСМ: Да се почитува мнозинската волја на граѓаните на референдумот

Сериозен е процесот пред државата, ќе се обидеме со пратениците, ќе се обидеме да направиме сѐ што можеме, кратко изјави премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, по состанокот на извршниот одбор (ИО) на СДСМ.
Како што соопшти партијата, членовите на ИО едногласно заклучиле дека кога има јасно изразена мнозинска волја, пратениците во Собранието треба да го следат гласот на мнозинството од над 600.000 граѓани и да преземат одговорност за да се забрзаат процесите за конечно членство во НАТО и во ЕУ.
– Огромното мнозинство, над 90 отсто од граѓаните што излегоа на гласање избраа „за“ и порачаа дека Република Македонија треба да го прифати договорот со Грција и да стане членка на НАТО и ЕУ, со зачуван македонски идентитет. Доколку не е можно тоа, и ВМРО-ДПМНЕ и натаму ја кочи иднината на граѓаните и ја турка земјата во бездна, тогаш нема друга опција освен предвремени парламентарни избори веднаш, на кои граѓаните ќе одлучат за иднината, заклучил извршниот одбор на СДСМ. Во соопштението се истакна и дека „никој не треба да се надева на амнестија, дека станува збор за многу важно прашање за земјата, а сѐ друго е поигрување со иднината и обид за враќање на земјата во изолација и небиднина“. ИО ги овластил претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и координаторот на пратеничката група, Томислав Тунтев, да ги преземат сите потребни чекори во насока на подготовка за предвремени парламентарни избори.


ВМРО-ДПМНЕ: Договорот од Преспа е политички мртов

Референдумот е неуспешен, рефрендумскиот резултат е фалсификат и, во согласност со тоа, договорот од Преспа е политички мртов. Ова е заклучокот што беше донесен завчера на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а на јавноста ѝ го соопшти партискиот потпретседател Александар Николоски. Тој информира дека ИК ги разгледал и ги прифатил предлозите на партискиот претседател Христијан Мицкоски и донел неколку заклучоци. Во Собранието да се формира анкетна комисија што ќе ги истражува сите неправилности на референдумот и тие да бидат санкционирани. Да биде разрешен актуелниот јавен обвинител и да се избере нов, по предлог од опозицијата. Ако Зоран Заев предлага избори, покрај тие две барања, веднаш да се формира техничка влада по пржинскиот модел, односно 100 дена пред изборите, што значи оставки на Заев и на министрите Спасовски и Царовска и назначување министри од ВМРО-ДПМНЕ. ИК во исто време одлучил и да се формираат републички и градски изборен штаб (за Скопје), при што за претседател на првиот бил избран генералниот секретар Игор Јанушев, а на вториот потпретседателот на партијата Владо Мисајлоски.