Одлуката за првата меѓувладина конференција со Македонија и со Албанија се очекува на Советот за општи работи на кој учествуваат министрите за европски прашања на земјите-членки на Европската Унија.
Повеќемина министри упатија поддршка за Македонија и за Албанија пред почетокот на состанокот и побараа да не се блокираат овие две земји, со оглед на постигнатиот реформски напредок кој треба да биде награден.
Но Бугарија засега не дава знаци дека ќе попушти, наспроти португалскиот дипломатски обид за медијација. Според извори на Бугарското национално радио (БНР), не се очекува промена во позицијата на Бугарија во однос на ветото.
– Бугарија останува во позиција дека нема напредок кај нашиот западен сосед во спроведувањето на договорот за добрососедски односи како целина наведува БНР.
Истовремено, повеќето земји-членки не се подготвени да ги одвојат Македонија и Албанија во овој дел од процесот.
Охрабрувачки пораки за Македонија стигнаа од словачкиот државен секретар во Министерството за надворешни работи и европски прашања, Мартин Клус, од германскиот државен секретар Михаил Рот, како и од ирскиот министер Сајмон Ковенеј.