Стечајната постапка над должникот Еуростандард банка АД Скопје ќе ја води стечајниот управник Душко Тодевски од Скопје, а првото рочиште за испитување и утврдување на пријавените побарувања е закажано за 8 октомври годинава, информира вчера Основниот граѓански суд – Скопје.
– Поради поголемата заинтересираност на медиумите во врска со предметот СТ – 123/20, ве известуваме дека со Решение СТ – 123/20 од 14.8.2020 година на овој суд е усвоен предлогот за отворање стечајна постапка над должникот Еуростандард банка АД Скопје и за стечаен управник е определен Душко Тодевски од Скопје.
По предметот СТ-123/20 е закажано рочиште за испитување и утврдување на пријавените побарувања и извештајно собрание на доверители на ден 8.10.2020 година, во 13 часот – се вели во соопштението од Основен граѓански суд – Скопје до медиумите.
Инаку, Народната банка на 12 август годинава ја затвори Еуростандард банка АД Скопје поради неисполнување минимални законски услови за работење и најави дека за неа од судот ќе побара стечајна постапка.