Говорот на премиерот Зоран Заев, кој од собраниската говорница ги образложи уставните измени, ама понуди и простување за настаните од 27 април, за да се изгласаат измените за, како што рече, земјата да оди напред, поттикна доста реакции на социјалните мрежи и во јавноста. Меѓу првите што се огласија на социјалните мрежи беше министерот без ресор задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми, кој по говорот на Заев во Собранието и изјавата на премиерот дека треба да си простат со опозицијата, односно пораката за помирување и простување, напиша дека подавањето рака за помирување не значи амнестија по што го посочи примерот со папата Јован Павле Втори, кој му простил на својот атентатор, но не го амнестирал од одложување на затворската казна. Режисерот Борис Дамовски, кој е еден од обвинетите за настаните на 27 април, се огласи по повод денешната седница на која премиерот Зоран Заев предложи опозицијата и власта да си подадат рака за настаните од Собранието.
– Правда а не амнестија – напиша вчера Дамовски, на социјалната мрежа Фејсбук.
Од друга страна, Павле Богоевски, пратеник во Собранието, изјави дека понудата е подавање рака прво на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од кои дел се на обвинителна клупа за 27 април.
– Подадена рака не значи ослободување од кривичен прогон и кривична одговорност. Судовите и институциите за прогон ќе си ја вршат својата работа. Со понудената рака понуди опција за ние внатрешно како дом да се помириме и да се обединиме за интересите на нашата држава. Не за амнестија, не за ослободување од прогон или, пак, за ослободување од одговорност. Ниту за настаните од 27 април, ниту за кои било случаи против поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ или членовите на нивната коалиција – објасни Богоевски.
Јован Трпеноски изјави дека таква политичка одлука не може да се донесе, но дека секако има можност за некаков вид амнестија во легална процедура.
– Собранието не е надлежно да прави амнестија, може да се поднесе Закон за амнестија од, на пример група пратеници, но прашање е дали тој ќе биде поддржан со оглед на тоа што поделеноста во земјава олицетворена во пратениците е голема. Претседателот на државата исто така има можност да предложи аболиција, ама не како првата кога противуставно понуди помилување на лица кои се осомничени само, а не и осудени. Помилување се врши на осудени лица, а од овие постапки што ги иницира СЈО засега завршена е само таа за „Тенк“ во која Апелацискиот суд ја потврди пресудата за поранешниот премиер Никола Груевски. Може Министерството за правда да иницира аболиција за осомничени, па така да се спроведе – изјави Трпеноски.
И додека во македонското собрание се дебатираше за предлогот за уставни измени грчкиот министер за поморство, Фотис Кувелис во интервјуто за првата програма на грчкото државно радио рече дека сепак договорот од Преспа е важен и поволен договор за Грција и за регионот и ќе добие мнозинство од пратениците во грчкиот парламент.