Државната изборна комисија (ДИК) го потпиша договорот со германската компанија „Дермалог”, која треба да ги набави потребните терминали за читање отпечатоци од прсти, системот за нивно функционирање, а ќе се грижи и за нивно одржување во следните четири години, односно четири изборни циклуси, истакна претседателот на ДИК Александар Даштевски во интервју за МИА.
Првите 250 терминали што ќе се применуваат на локалните избори треба да пристигнат на 25 август, во рамки на договорот вреден околу 11 милиони евра.
Предвидено е вработени од „Дермалог” да направат технички преглед на терминалите, како и прирачници за користење што ќе ги има секој претседател и заменик-претседател на избирачки одбор се работи, односно за околу 7.000 луѓе кои исто така ќе бидат обучени. „Дермалог“ ќе го врши полнењето и празнењето на терминалите со податоци од избирачкото место.
Терминалите ќе ги содржат само податоците за лицата кои ќе гласаат на избирачкото место и нема да бидат поврзани со интернет, а се гарантира и безбедноста на личните податоци на граѓаните.
Вработени на „Дермалог” ќе бидат мобилни и на денот на изборите и во секоја ОИК ќе има по еден или двајца инженери кои ќе бидат постојано на услуга. На крајот од изборниот ден терминалите ќе бидат земени од избирачките одбори и податоците ќе бидат вратени во серверот, а потоа повторно ќе бидат криптирани и вратени на МВР.