Првиот македонски контингент, со 44 припадници на армијата, вчера од касарната „Кузман Јосифовски-Питу“ во Тетово, замина кон Косово, каде што припадниците на армијата во следните шест месеци ќе работат како штабни офицери во главната команда на КФОР во Приштина и ќе ја обезбедуваат регионалната команда на КФОР Запад, информира Министерството за одбрана. Со учеството во мисијата КФОР на Косово, додаваат, Македонија го зазема местото во НАТО како земја што значи мир, безбедност и стабилност на Балканот.
– Покажавме кои се нашите квалитети на многу далечни места. Од сега ќе го покажеме нашето вистинско место и во регионот. Членството во НАТО значи безбедност и стабилност за нас, значи сигурност под колективниот чадор на Алијансата, но ние тоа членство го чувствуваме како голема одговорност.
Пред помалку од 20 години, нашата татковина ја искористи шансата да има мисија на НАТО за да има безбедност и стабилност. Денеска како членка на НАТО можеме да помогнеме да се случи тоа и кај нашите соседи. И тоа покажува колку поминавме заедно, со колку проблеми се изборивме и колку созреавме како свеченоста по повод испраќањето на овој прв контингент на Косово – велат од МО. Според најавите од Министерството за одбрана, учеството на припадниците на армијата во мисијата КФОР на Косово ќе продолжи да расте во текот на 2021 година.