На претпоследната собраниска седница годинава, наменета за пратенички прашања, доминираа расправи поттикнати од интересот на пратениците за теми што ја преокупираа јавноста во последниов период. Најдолго се расправаше за законитоста на бонусите што ги добивале обвинителите во СЈО, како и за штетата направена во МНТ од страна на навивачката група „Шверцери“ за време на прославата на Денот на албанската азбука.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, со реторички прашања до премиерот Заев, односно со читање и оцена на одговорите на неговите претходни прашања до премиерот, предизвика негодување кај пратениците и реакции за непочитување на деловникот, што понатаму предизвика дополнителна дебата.
– Со театарски претстави нема да дозволам да се наруши дигнитетот на еден систем – реплицира премиерот Зоран Заев на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Јовановски од собраниската говорница ги критикуваше правосудството и сите случувања околу СЈО и делењето на платите, бонусите и хонорарите.
Заев апелира да не се дозволи поединечната одговорност на некој обвинител да се префрли врз сите, но и од обвинетите во предметите на СЈО да не се создаваат херои.
– Не, секој треба да одговара таму каде што има докази. Поради тоа што оваа влада одлучи да ги објави сите трансакции од буџетот, да извлекувате заклучоци и да го навредувате СЈО? Не смееме да дозволиме поединечната одговорност да се префрла на сите, ако еден не постапил како што треба, не може да се стави законска одговорност за сите. Обвинителите во СЈО не дозволија да излезе ниеден разговор од предметите што ги работеа и за тоа добиле надомест. Тоа што се трошело во СЈО било 70-80 отсто од тоа што го дозволил законот, ако нешто од тоа е трошено незаконски, треба да се одговара, без разлика дали е специјалниот јавен обвинител, обвинител во СЈО или истражител, но не вака со леснотија да унаказите цела институција – рече Заев.
На прашањето од пратеничката Магдалена Манаскова (ВМРО-ДПМНЕ) за штетата направена во МНТ од навивачката група „Шверцери“ за време на прославата на Денот на албанската азбука, како и за тоа дали и кој ќе ја преземе одговорноста за овој инцидент, премиерот Заев нагласи дека „поголема штета од материјалната е духовната штета, бидејќи националниот театар е отворен за сите, но се знае под какви услови. Од духовната штета треба да произлезе одговорноста“.
– Вкупната штета е 3.965 евра. Не смеат ниту материјалните ниту духовните добра да бидат допрени, оштетени или омаловажени. Во таа сала сакаме да видиме култура, уметност. Ќе се утврдат поединечните одговорности – низ бројки ја сумираше штетата премиерот Заев.
Инаку, на едно од последните собраниски соочувања на овој владин и пратенички состав, со оглед на најавите за избори на 12 април, на вчерашната седница присуствуваа само 5 министри (од 28) на актуелниот владин кабинет. Седницата започна со едноминутно молчење за загинатите во земјотресите во Албанија.