Првиот ден од собраниската расправа за предложените уставни измени минува во дијаметрално спротивставени ставови на пратениците од мнозинството и од опозицијата, кои не отстапуваат од своите претходно утврдени позиции
Четири месеци по потпишувањето на спогодбата со Грција во Мала Преспа, нејзините одредбите, кои се однесуваат на промена на Уставот, вчера влегоа во клучната парламентарна фаза што ќе ја одреди судбина на целата спогодба. Собранието ја почна 61-та седница на која на дневен ред беше предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија за промена на уставното име како што се бара во спогодбата.
За усвојување на дневниот ред на седницата, на која единствената точка на дневниот ред беше предлогот за уставни измени, гласаа 71 пратеник додека 40 беа против. Ако ова е некаков индикатор за односот на силите во Собранието, уште во почетокот на расправата стана јасно дека власта го нема потребното двотретинско мнозинство од најмалку 80 пратеници. Уште во почетокот на расправата стана јасно дека власта и опозицијата остануваат цврсто на своите претходни ставови. Бројот на пријавени говорници вчера изнесуваше повеќе од 60, што навестуваше дека седницата би можела да трае и неколку дена.
Инаку собраниската сала вчера беше преполна како ретко кога. На седницата присуствуваа сите пратеници од сите партии меѓу кои беше и поранешниот премиер, Никола Груевски, кој утрото побара одложување на судско рочиште на СЈО, за ТНТ, за да биде присутен во парламентот. Седницата почна со задоцнување поради координација на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Во ложата немаше место затоа што таа беше преполна со новинари и со претставници на дипломатскиот кор во земјава.
Пред почетокот на седницата, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски побара предлогот за уставни измени да се симне од дневен ред, бидејќи, како што рече, Собранието нема изборен легитимитет да одлучува за овие измени.
– Ниту еден пратеник од ова Собрание не даде ветување за промена на Уставот – рече Димовски.
Во меѓувреме, неговиот предлогот беше отфрлен со 39 гласа „за“ и 67 „против“.
Сепак пратеникот од коалицијата СДСМ, Павле Богоевски, му реплицираше на Димовски, порачувајќи му дека сите негови аргументи паѓаат во вода бидејќи пратениците имале легитимитет да расправаат за предлогот.
Богоевски му посочи на Димовски дека незадоволството на ВМРО-ДПМНЕ потекнува од фактот што некои други го решиле прашање со Грција што тие не успеале да го решат.
Горан Мисовски, пак, од редовите на НСДП, истакна дека постојат две можни сценарија – прифаќање на договорот од Преспа, што, според него, ќе овозможи влез во ЕУ и во НАТО со гарантиран идентитет или, пак, предвремени парламентарни избори.
– Анкетите ги имате и вие и ние и знаете дека коалицијата на СДСМ ќе победи на тие избори. Ама желбата на Мицковски е да ве замени вас и да постави во пратеничката група негови колеги и пријатели – рече Мисовски.
Тој порача дека повикот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, претставува квазипатриотизам и повик, како што рече, дека треба да јадеме корења.
– Јас не го сакам тоа, туку сакам да ја видам Македонија во друштво на најразвиените и најбогатите држави – истакна пратеникот од НСДП.
Томислав Тунтев, координаторот на пратеничката група на СДСМ, истакна дека ретко на која генерација може да ѝ се случи да биде сведок на моменти што ја менуваат историјата.
– Ова е моментот за кој чекавме 27 години. За среќа или за несреќа, ние сме таа генерација на пратеници, кои можеме да ги оствариме надежта, желбите на генерација пратеници – рече тој.
Пратеникот од ДУИ, Артан Груби, кој одлучи да се обрати на македонски јазик на опозицијата ѝ порача да не се крие зад народот и да не мисли на следните избори.
– Предизвикајте ги голиот популизам и незнаењето и застанете на правилната и прогресивната страна – повика Груби.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, на вчерашната парламентарна седница повтори дека нема да гласа за промена на Уставот.
– Јас не сум експерт по меѓународно и уставно право, но од разговори со нив јасно е дека овој договор е штетен по македонските национални интереси. Точно е дека договорот ги отвора вратите кон НАТО и обезбедува извесна иднина за влез во ЕУ. И на ниеден начин не сакав да влијаам врз одлуката на граѓаните на референдумот, бидејќи тоа беше прашање за граѓаните и нивните семејства и идните генерации. Но, овој референдум и ДИК го прогласи за неуспешен и како пратеник што дал заклетва дека ќе го штити Уставот немам ни можност ни волја да гласам против граѓаните – рече Данев.
Тој му забележа на премиерот Заев дека нетранспарентно го водел процесот на договарање со Грција, без консултации со опозицијата со што се пропуштила можност за евентуален национален консензус.
– Овој процес не треба да заврши со предавници и патриоти, туку со почитување на Уставот и волјата на граѓаните – рече Данев.
Потпретседателот на Собранието, Весел Мемеди, ги повика пратениците да дадат поддршка за договорот со Грција и за уставните измени и рече дека е невозможно да се постигне подобар договор, што беше потврдено и од изјавите на меѓународните претставници.
– Македонија многу доцни, три децении не може да реши едно прашање, кое е од животна важност. За тоа плаќа голема цена, а со натамошното пролонгирање цената ќе биде уште поголема. Тоа го сакаат деструктивните сили, кои шират лаги, клевети, сакаат анархија и не ѝ мислат добро на државата и сакаат анархија. За нив ниеден договор никогаш нема да биде доволно добар зашто ќе им ја скрати можноста за натамошно деструктивно функционирање и за остварување на личните интереси – истакна Мемеди.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски, им порача на пратениците на СДСМ да не го ставаат во заблуда народот.
– Доста ги манипулирате граѓаните дека се менува референцата БЈРМ, кажете дека се менува името Република Македонија во Република Северна Македонија. За да има светла иднина оваа држава треба да седнете и да сработите нешто. Доста го плашите народот дека е крај на светот ако не помине договорот – рече Илиоски.
Расправата продолжи и во попладневните часови. Дури по завршувањето на дебатата, кога предлогот ќе се стави на гласање, ќе се знае дали уставните измени имаат двотретинска поддршка од пратениците. Доколку немаат, процените се дека ќе следува распуштање на Собранието и распишување предвремени парламентарни избори.
Премиерот Заев повика на национално помирување
Премиерот Зоран Заев на првиот ден од пленарната расправа за уставните измени образложувајќи го предлогот ги повика пратениците да гласаат „за“ наведувајќи дека во спротивно државата ќе влезе во неизвесност. Тој рече дека поделеноста во државата е навлезена во секоја пора, велејќи дека е потребно помирување во општеството.
– Ајде десната страна да ѝ подаде рака на левата и левата да ѝ подаде на десната, испраќам порака на помирување. Знам дека ова има цена, но политичарите доаѓаат и си одат, а иднината на земјата е најважна. Нема иднина за нашата земја ако не си простиме. Ги повикувам пратениците да мислат и да погледнат во иднината. Дали сакаат европска Македонија или изолација, сиромаштија и несигурност – рече Заев.
Премиерот апелираше пратениците да ја извршат својата должност и да одлучат по нивното сопствено убедување, истакнувајќи дека единствениот пат за Македонија е тој кон НАТО и ЕУ и дека не може да има подобар договор со Грција од преспанскиот.
Заев оцени дека пред народните избраници има важна задача и порача дека за настаните од 27 април треба да има помирување меѓу инволвираните страни.
Мухиќ се премисли и сега ќе гласа „за“
Пратеникот Ферид Мухиќ во обраќањето во Собранието нагласи дека ќе гласа за уставни измени иако, според него, договорот со Грција е лош.
– Тој е лош затоа што ако пристапувате да разговарате за промена на своето име не може да биде добар. Ова не е билатерален договор туку мултилатерален. Кога сте прифатиле да го смениме името веќе не можеше ништо да се направи. Ако оваа влада не го потпише некоја друга ќе мора да го потпише. Во врска со референдумот јасно е дека тој не успеа цензусот не е исполнет. Проблемот е суштински, овој договор веќе предизвикува поделби. Референдумот покажува дека нема друго чаре, но договорот не можеше да биде подобар – рече Мухиќ, кој го смени претходно искажаниот став и рече дека ќе гласа „за“.
Тарчуловски: Како може Заев да амнестира кога, нели, судството е независно?
Во изјава за македонските медиуми пратеникот Јохан Тарчуловски, од ВМРО-ДПМНЕ, кој е обвинет за учество во настаните од 27 април запраша како може Заев да нуди амнестија за обвинети лица, а притоа да тврди дека судството е независно.
Тој вели дека во партијата ќе има консултации по однос на говорот на Заев каде што тој понуди простување за настаните од упадот во Собранието.
– Како може во име на судството тој да нуди амнестија, кога, нели, е независно. Тоа се пусти желби на Заев за уставни измени. Ниту можам став сега да дадам, ниту можам да коментирам затоа што сум засегнат со обвинението – изјавил Тарчуловски.
Самка Ибраимовски прозборе на грчки
Пратеникот Самка Ибраимовски од македонското собрание испрати порака до Атина и на грчкиот премиер Алексис Ципрас му се заблагодари на грчки.
Нема подобар договор од овој. И самите Грци тоа го кажуваат. Затоа ќе се обратам на грчки: „ефхаристо Ципрас, ефхаристо Грција (благодарам Ципрас, благодарам Грција)“ – истакна Ибраимовски.
„Преродба“ најави мораториумски акции со блокади
Здружението на граѓани „Преродба“ вчера протестираше против уставните измени во Собранието на Македонија. Присутните со транспаренти „не ве гласавме да менувате име, оставка…“ бараа пратениците да не ги поддржат предложените уставни измени. Сообраќајот пред македонското собрание беше блокиран, а демонстрантите имаат поставено шатор на улицата пред парламентот, каде што можеше да се забележи и полициско обезбедување.
Организаторката на протестот, Ана Бобинкова-Мијаковска, најави дека ќе се почнат мораториумски акции со блокади, а бараат Заев и Џафери да постапат по нивните протестни барања.