Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Правните експерти велат дека државата што поскоро треба да го промени начинот на кој се врши изборот на судии, поротници, обвинители и правобранители во земјава, бидејќи постојниот механизам има голем број пропусти и не ги задоволува посакуваните стандарди за функционална правна држава

ПРОБЛЕМ ШТО СО ПРОВЛЕКУВА СО ГОДИНИ, НО НИКАКО ДА СЕ РЕШИ

Функционирањето и предизвиците со кои се соочува правосудниот систем на Македонија континуирано се предмет на интерес на пошироката јавност, со оглед на фактот што токму оваа област е и клучното поглавје во преговорите со Европската Унија, на чиј почеток се надева државата. Најновите информации, пак, покажуваат дека правосудниот систем, покрај мноштвото проблеми и предизвици, се соочува и со недостиг од судии, обвинители, поротници и правобранители во македонските судски инстанци.
Министерот за правда Бојан Маричиќ деновиве информира дека за изборот на судии или обвинители ќе мора да се чека новата генерација да заврши со образовниот процес. Според министерот, новите судии и обвинители ќе ѝ бидат достапни на државата дури во јуни или до крајот на идната учебна година, односно во септември или октомври 2022 година.

– Се работи за околу 60 кандидати. Дотогаш немаме начин да избираме нови судии. Дотогаш ќе треба со организација на работата во договор со Судскиот совет и апелациските подрачја да се справат судовите со бројот на предмети и со обемот на работа – изјави Маричиќ.
Во контекст на актуелните случувања, за обележување се информациите што доаѓаат од Кривичниот суд, а во кои се вели дека му недостигаат 150 судии и поротници. Од јуни и Уставниот суд, составен од девет судии, функционира без тројца судии, кои сѐ уште не се избрани на функцијата.
За проблемот со недостиг од кадар во правосудството побаравме стручно мислење од видни правници, универзитетски професори и судии.
Правните експерти со кои се консултиравме велат дека државата што поскоро треба да го промени начинот на кој се врши изборот на судии, поротници, обвинители и правобранители во земјава, бидејќи, очигледно, постојниот механизам има голем број пропусти и тој во потполност не ги задоволува посакуваните стандарди за функционална правна држава и судски систем.
Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска вели дека кога се говори за недоволниот кадар на правници во судовите, без разлика дали станува збор за судии, обвинители или за поротници или други правни стручњаци во Македонија, треба да се знае дека тоа е проблем што не е од вчера и се провлекува со години низ сите политички структури.
– Имено, недостигот од кадар во основните и апелациските судови е најверојатно лош резултат на менаџирање на државата, а сето може на големо да го попречи системот врз кој функционира правосудството. Проблемот со немањето судии во основните судови не е само кадровски, бидејќи е многу тешко да се најдат судии во помалите судови, затоа што честопати тоа би подразбирало преселување на некои истакнати правници од поголемите градови во помалите. Натаму, проблемот во Уставниот суд, пак, е покомплексен.

Во моментов од вкупно девет судии, ние немаме тројца. Системот на овој суд е поставен така што ако сакаме да имаме одлука на највисокиот суд во земјата, за неа согласност мора да имаат пет судии. Доколку тоа не е така, предметите ќе се зголемуваат и никогаш нема да се заврши работата за која е наменета оваа судска институција. Како што знаеме сите, политичките преговарања за сите работи одат бавно и компликувано, а тоа најмногу може да се види токму со изборот на идните уставни судии – вели судијката.
Таа советува дека оваа практика треба да прекине што поскоро, системот за избор на судии да се ревидира и решавањето на овие состојби да стане приоритет.
Цаца Николовска додава и дека освен недостигот од кадар за судии и поротници, слични се процесите и со обвинителите и правобранителите што ги застапуваат и интересите и на државата во судските процеси.
Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев во однос на актуелните случувања вели дека не може да разбере како сме се нашле во ситуација во која државата не може да избере 50 лица да бидат судии.
– Во земјава имаме околу 4.500 адвокати, а некои од нив повеќе од 20 години си ја работат работата и се одлични познавачи на правниот систем. Адвокатите се искусни, тие веќе ги имаат поминато сите неопходни образовни процеси и можат за краток рок да ја пополнат празнината на кадарот што ни недостига – вели судијата.
Тој објаснува дека актуелната Академијата за судии и обвинители е многу лошо системско решение за кадровските политики во судството и колку поскоро биде заменета со ефективен државен механизам толку подобро за државата.
Според Илиев, сите празнини на целокупниот кадар на правници во моментов може да се решат само со еден мудар потег на државата, кој овој кадар може да го повлече и дообразова од актуелните адвокати, кои и онака се постручни од новопечените политички решенија за судии во Македонија.
Универзитетскиот професор на Правниот факултет Гордан Калајџиев вели дека настанатите состојби со правната држава и со немањето елементарен кадар се срам за државата.

– Гледајќи ги последните пресуди, следејќи ги нарачаните притвори, јас само можам да констатирам дека политиката и корупцијата се толку длабоко навлезени во правниот систем што ние и во практика немаме потреба од судии да си ја работат работата. Мене ми е срам што ќе го кажам ова, ама нека апси и нека осудува полицијата, и така нам во овој момент поради овие состојби ни се докажува и во практика дека не ни требаат судии, бидејќи судството е катастрофално – вели професорот.

[email protected]