Следното најдобро нешто за понуда е функционална правна држава. И тоа не како можност, туку сега веќе како животна неопходност, смета Сашо Ордановски, политички аналитичар. Со сличен став е и професорот Љубомир Фрчкоски, кој акцентот го става на, како што вели, ревитализацијата на правната држава како наша прва и најголема обврска
Поминаа два дена од пленарната седница во Собранието на Македонија, на која се расправа за потребата од пристапување кон промени на Уставот, во согласност со обврските преземени од Владата со потпишувањето на спогодбата од Мала Преспа, но сосема е извесно дека главниот мотив за нејзината (долготрајност) е „купување време“ или барем согледување на можноста за владејачката коалиција да собере двотретинско мнозинство за гласање на измените. Неизвесноста во поглед на иднината на спогодбата од Нивици, продолжува по малиот одзив и неисполнувањето на законскиот цензус на референдумот, кој беше прогласен за неуспешен, по што топката се префрли во Собранието со обидот да се собере потребното мнозинство, а тоа да биде во разумно време. Имено, Владата како носител на проектот за преименување на државата во Република Северна Македонија, како неизбежен услов за членство во ЕУ и во НАТО, воопшто нема временска комоција, со оглед на фактот дека си зададе премногу брзи рокови од неколку месеци за решавање на проблем што е видливо актуелен на меѓународната сцена 27 години, а затскриено – повеќе од еден век. Дури и премиерот Зоран Заев неколкупати кажа дека сите капацитети и активности на неговата влада се насочени кон успех на тој проект. Притоа и од политички претставници од власта, нивни поддржувачи од невладиниот сектор, но и од меѓународната заедница беше посочувано дека не се размислува за план Б туку фокусот е да успее планот А.
Сепак, како што одминува времето, забележливо е дека спроведувањето на примарниот план не се одвива според посакуваната и предвидената динамика.
Дури и најавените брзи нови предвремени избори, доколку не успее обидот за двотретинско мнозинство во Собранието, не може да се сметаат за некаков план туку би биле само последица на неуспехот на претходните политички потези и очекувања. Во таа насока, со оглед на сложеноста на актуелната ситуација, во јавноста сѐ погласно се поставува прашањето – постои ли некаква заедничка визија, некаков план за судбината и иднината на Република Македонија. Не посебни планови за потребите на одредени политички партии, туку општ план за потребите на мнозинството граѓани на Република Македонија.
Впрочем сега веќе и поддржувачите на спогодбата меѓу Македонија и Грција, од ЕУ и од НАТО, категорично се изјаснуваат дека е потребно да се изоди уште долг пат со исполнување на многу услови до полноправно членство во нивниот клуб и потребно е државата да се среди однатре.
Политичкиот коментатор Сашо Орданоски препорачува Владата да се посвети на организирање функционална правна држава.
– Подобро би било Заев да се помири со реалноста дека не само што нема доволно собраниски гласови за продолжување на договорот од Преспа, туку и дека навистина постои „политичка цена“ – како што вели самиот – што не вреди да се плати за таквото квазимодо-мнозинство да се состави. Затоа, велам, би било добро Заев да излезе од улогата на директор на здружението „Лекари без граници“ и да се врати во улогата на актуелен премиер на Македонија. Ако го нема потребното мнозинство во Собранието, жалиме, но батали, таа историска можност за евроатлантски интеграции, не по негова вина, е пропуштена. Но, следното најдобро нешто на понуда е функционална правна држава. И тоа не како можност, туку, сега веќе, како животна неопходност за една Македонија надвор од ЕУ и НАТО. Тоа може и по пат на предвремени избори, а и не мора. Имате мандат, одработете го, за да заслужите нов – порачува Орданоски.
Според Љубомир Фрчкоски, професор на Правниот факултет при УКИМ, мошне е јасно што треба да преземе Владата за целосно спроведување на проектот во кој е влезена.
– Во овие два-три дена треба да утврди дали постојат изгледи за создавање стабилно, а не манипулативно двотретинско мнозинство во Собранието. Зашто опозицијата може да гласа сега за пристапување кон промени на Уставот, а потоа да не гласа за амандманите. И тогаш ќе биде доцна за избори, зашто ќе се испуштат сите рокови за спроведување на процедурите за усвојување на спогодбата од грчка страна. Ако нема услови за постигнување двотретинско мнозинство треба да се оди на избори и да се заврши со спроведувањето на нашиот дел од обврските со спогодбата. Тоа не е план Б, туку едноставно совет од меѓународните поддржувачи – смета Фрчкоски.
Но и тој, исто така, акцентот го става на, како што вели, ревитализацијата на правната држава како наша прва и најголема обврска.
– Посветувањето на ревитализацијата на правната држава е првата обврска на која треба да ѝ се посвети Владата по евентуалното завршување со проектот на спогодбата од Мала Преспа. Овој политички пакет на спогодбата од Мала Преспа ќе заврши со спроведување на делот од обврските што ги има Грција. Крајниот рок за да го испорачаме нашиот дел од обврските е средината на јануари 2019 година, а веќе од крајот на месецот ќе станеме дел од НАТО. Потоа би требало да следува период на пожелна стабилизација за да им се посветиме на обврските за започнување преговори за членство во ЕУ. Всушност и нема што многу да се спроведува од спогодбата во Мала Преспа, кога ќе заврши процесот на ратификација во двете земји. Па македонската влада ќе нема некое алиби за да не им се посвети на неопходните реформи, од кои најитни се оние на правосудството и на безбедносните служби – вели професорот Љубомир Фрчкоски.
Свои политички процени и калкулации, секако, имаат и во најголемата опозициска партија.
За Димитар Димовски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, планот Б се состои во два дела.
– Повлечете ги членовите од заедничката комисија што ја формиравте со хеленската република, која треба да докаже дека ние Македонците не постоиме; известете ја првата договорна страна дека капитулантската спогодба е неодржлива, дека народот на Македонија не ја одобрува;
Собранието нека распиша избори во согласност со Изборниот закон веднаш; во меѓувреме, ставете во вашиот памфлет или програма дека повторно имате намера да извршите предавство на Македонија, ако дојдете на власт – нагласува Димовски.
Според него, победникот на изборите потоа треба да формира Влада, без никакви надворешни влијанија, со коалициски партнер што самиот победник ќе го одбере.