Независно и неповрзано една со друга, деновиве во оптек се две граѓански иницијативи – едната од здружението „Македонски манифест“, а другата од „Светскиот македонски конгрес“. Што содржат овие иницијативи?
Постои ли можност преку правни и политички дејства во Организацијата на Обединетите нации (ООН) или преку организирање нов референдум, на кој граѓаните би се изјасниле конкретно за предлогот Северна Македонија, да се запре процесот за промена на државното име.
Вакви иницијативи во јавноста деновиве објавија здружението за одбрана на македонизмот, македонското име и постоење меѓу народите „Македонски манифест“ и „Светскиот македонски конгрес“ (СМК).
Од „Македонски манифест“ информираат дека на адресата на кабинетот на македонскиот претседател испратиле апел со кој побарале претседателот Ѓорге Иванов да преземе итен чекор пред ООН за одбрана на македонското име.
– Македонскиот манифест, кој произлезе од народот, а предводен од јасната, чиста и остра мисла на господинот Ефтим Клетников, води десетгодишна битка за зачувување на македонското име, македонскиот идентитет, култура и сѐ што е македонско. Во таа битка „Македонскиот манифест“ е успешен досега и ќе биде истраен – изјави вчера Сотир Костов во име на организацијата.
Тој информира дека пред десетина дена се родила идеја да се напише краток и концизен апел до претседателот Ѓорге Иванов, со кој ќе биде информиран дека е поддржан во неговите напори за спас на уставното име на Република Македонија.
– Ние со апелот бараме од него да поведе правна битка пред органите на ООН, без разлика дали тоа е Советот за безбедност или Генералното собрание на меѓународната организација. Според нас, тоа е вистинскиот начин како да се реши проблемот на Грција за името Република Македонија. Во тој правец веќе пет-шест дена собираме поддршка од граѓаните на државата и онлајн, но и лична, бидејќи по градовите во државата веќе се испратени членови на здружението за информирање на граѓаните за овој апел, со што ќе побараме поддршка од нив – рече Костов.
Тој додаде дека граѓаните се есенцијата на државата и нејзин суверенитет, а тие ја претставуваат оваа држава, која се вика Република Македонија.
Костов напомена дека само за неколку дена се собрале електронски околу 8.500 поддржувачи на оваа иницијатива, а дополнително преку непосреден личен пат оваа иницијатива во првите неколку дена била поддржана од илјадници други граѓани.
Претседателот на „Македонски манифест“, Ефтим Клетников, пак, вчера пред новинарите истакна дека името е нашата татковина и додаде дека тој и членовите на организацијата водат непрестајна жестока и духовна битка за зачувување на името, бидејќи тоа е земен, но и небесен печат на македонското постоење.
– Ако го изгубиме името, ние се губиме себеси и целата македонска колективна меморија и историја – рече Клетников.
Тој истакна дека на народот не му е доволно јасно што значи еден идентитетски геноцид и затоа е тој малку лежерен.
– Идентитетскиот геноцид е, како што велат сите антрополози, најстрашниот вид од сите видови смрт, затоа што со него со еден потег на гума се брише целокупната историска меморија – рече Клетников.
Тој истакна дека во овие моменти се врши терор над граѓаните, кои намерно се заплашуваат и се затвораат невини луѓе, а уметници се прогласуваат за терористи само затоа што си ја сакаат татковината.
– Ние од „Македонски манифест“ бевме кај претседателот на државата и разговаравме со него за оваа трауматична ситуација, а тој се согласи дека ќе го преземе чекорот да го стави името во ООН за правна и цивилизациска разврска. Јас се надевам дека тој во својот говор во парламентот пред обраќањето на народот ќе го спомене ова и ќе ја промовира оваа идеја – истакна Клетников.
Инаку, во дописот што „Македонски манифест“ го достави до претседателот на државата се вели тој како единствена институција, избрана со најголем број гласови на непосредни избори, која е уставно овластена за претставување на Македонија, а оттука на волјата на македонските граѓани во огромното мнозинство, итно да почне официјална правна процедура пред ООН за одбрана на името по пат на признавање на Република Македонија под нејзиното име, во согласност со принципите на ООН за самоопределување на народите и правото на себеодбрана како нивно неприкосновено право.
Претходно Тодор Петров, претседателот на „Светскиот македонски конгрес“ (СМК), информира дека до претседателот на Собранието, Талат Џафери, поднел предлог за поведување граѓанска иницијатива за распишување референдум на државно ниво.
Петров истакна дека иницијативата за задолжителен референдум за името била поддржана од движењето „Бојкотирам“.
Според Петров, предлогот за собирање 150.000 потписи е единствениот правен инструмент што го дозволува Уставот, а со чија реализација може да се суспендираат спогодбата со Грција и измените на Уставот, државата да си го зачува уставното име, но и идентитетот на нацијата. Тој истакна дека одлуката на овој референдум е задолжителна, за разлика од консултативниот на 30 септември.
Петров за новинарите објасни дека, според Законот за референдум, само Собранието распишува задолжителен референдум за целата територија на државата по сопствена иницијатива, но и по предлог на најмалку 150.000 граѓани.
Тој информира дека граѓанската иницијатива на државно ниво се поведува по предлог на 100 граѓани, а зад иницијативата на која Петров е овластен предлагач стојат 130 граѓани. Според законските рокови, собранискиот спикер е должен најдоцна од крајот на неделава да се изјасни дали е уредно составена поднесената иницијатива.
Петров информира, пак, дека Собранието е должно во рок од 30 дена од поднесувањето на предлогот да донесе одлука за распишување референдум, а откако одлуката за распишување референдум на државно ниво ќе се објави во „Службен весник“, граѓанското изјаснување треба да се организира во рок од три месеци.
Петров е оптимист дека оваа иницијатива ќе добие поддршка од 150.000 граѓани, ако се имаат предвид резултатите од, како што вели, „неуспешниот референдум на кој бојкотираа речиси две третини 1.139.992 или 63,11 отсто, од вкупниот број запишани избирачи (1.806.336)“.
Според Петров, Собранието треба да ја прекине постапката на уставни измени, додека не се објават конечните резултати од референдумот, кој треба да се одржи наредната година. Тој уште вели дека спогодбата меѓу Димитров – Коѕијас, и според домашното и според меѓународното право, е ништовна и не произведува правно дејство, дури и да биде објавена во „Службен весник“.