Роковите за одржување на изборите ќе течат по укинувањето на вонредната состојба, бидејќи тоа го предвидува Уредбата со која тие беа одложени поради коронавирусот, посочи техничкиот премиер Оливер Спасовски. Неговиот став е спротивен на барањето од претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, кој кажа дека најлегитимно е изборниот процес да почне одново.
Спасовски посочи дека ДИК треба да ги спроведе изборните дејствија врз основа на одлуките донесени од институциите, по што посочи дека Уредбата донесена од Владата е јасна. Толкувањето на Спасовски за уредбата значи дека ДИК нема да добие нови 60 дена за спроведување на изборите, како што бараше Деркоски, туку ќе има само 24 денови по укинувањето на вонредната состојба.
– На лидерската средба беа понудени и конкретни датуми во однос на одржувањето на изборите, меѓутоа, се одлучи на политичко ниво разговорите да се продолжат наредната недела. Уредбата е сосема јасна, ние немавме друга правна можност да одложување на изборите, освен преку таа Уредба да се стават во мирување сите избори рокови. Тоа значи дека во моментот кога престанува вонредната состојба, продолжуваат да течат роковите за изборните дејствија – кажа Спасовски.
Според него, изборите мора да се одржат во рок од 60 дена од распуштање на Собранието.
– ДИК е институција која спроведува изборни дејствија врз основа на одлуките кои ги носат институциите на системот, а тоа е Собранието и оние кои што се надлежни за одржувањето на изборите. ДИК е должна врз основа на пропишаните рокови во законот да ги спроведе изборите и за тоа постојат рокови, како и на кој начин се прави. Сосема е јасно врз основа на уредбата која е донесена на Влада. Изборите мора да се одржат во рок од 60 дена од распуштањето на Собранието, согласно уставната норма. Така што, роковите кои поминале до вонредната состојба, па имаме вонредна состојба каде што се стопирани сите рокови, а со престанување на вонредната состојба продолжуваат да течат роковите и натаму и се одржуваат изборите – додаде Спасовски.
Запрашан каков предлог ќе достави Владата до претседателот Стево Пендаровски, техничкиот премиер Спасовски кажа дека се прават анализи, а одговорот ќе е познат во наредните неколку денови.
– Владата прави анализи и систематизира се она што беше преземено за прогласувањето на вонредната состојба до сега. Анализите и во делот на здравството и здравствената криза, намалувањето на инфицираните од коронавирусот, но и импликациите врз економијата ќе бидат основ за тоа дали ќе се донесе одлука за нова вонредна состојба. Тоа ќе го имаме како можност за расправа пред Владата во наредните неколку дена, по што ќе се донесе одлуката дали ќе побараме нова вонредна состојба во државата – кажа Спасовски.