Фото: Маја Јаневска-Илиева

Владата постави краток рок, од десет дена, во кој ќе се обиде да го обезбеди потребното мнозинство од 80 пратеници за уставните измени што произлегуваат од спогодбата со Грција. Во спротивност, доколку не се успее да има договор со опозицијата, премиерот најави нови предвремени избори во земјава во ноември

По објавувањето на резултатите од референдумот, слабиот одзив и неисполнетиот законски цензус, во јавноста се наметнуваат нови дилеми како сега власта по ваквиот исход ќе успее да направи уставни промени во Собранието што произлегуваат од Спогодбата за името со Грција. Во оптек се повеќе постреферендумски математики и калкулации дали народните избраници ќе им останат верни на матичните партии или ќе преминат во друга, односно ќе станат „независни“, како што имало примери и во минатото.

Она што засега е јасно, судејќи по изјавите на премиерот Зоран Заев, е дека Владата постави краток рок, од десет дена, во кој ќе се обиде да го обезбеди потребното мнозинство од 80 пратеници за уставните измени, за да се стигне утврденото време за уставните измени што произлегуваат од спогодбата со Грција. Во спротивно, доколку не успее да има договор со опозицијата, премиерот најави нови предвремени избори во земјава во ноември. Премиерот Заев смета дека сепак постои капацитет да ги убеди опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзините пратеници во парламентот да покажат одговорност, како што вели, за интеграциската иднина на земјата и да му дадат поддршка на договорот со Грција, односно на уставните промени предвидени со него, кои треба да ги усвои македонскиот парламент.

Од друга страна, партиите во меѓувреме не откриваат многу детали за евентуалните разговори дали се во тек и за што ќе се преговара. Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат повик за средба откако премиерот Зоран Заев најави дека почнуваат разговорите за двотретинско мнозинство за уставните измени. Но од опозициската партија, повикувајќи се на резултатите од референдумот, јасно порачуваат дека волјата на граѓаните е да нема уставни измени. Од СДСМ, пак, тврдат дека разговорите за обезбедување двотретинско мнозинство во Собранието за уставните измени може да се водат и со пратеници, а, ако има потреба, и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Почетокот на разговорите го најави премиерот Заев, а вицепремиерката Радмила Шекеринска прецизира дека наредните седум до десет дена ќе бидат клучни.
Засега е познато дека распоредот на силите во Собранието е во сооднос 72 пратеника на страната на владината коалиција и албанската опозиција што го поддржува договорот со 48-мина на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Меѓутоа од овие 72 на едната страна, веројатно треба да се изземе Ферид Мухиќ, кој не гласаше за ратификацијата на договорот, па, аналогно на тоа, можно е да не гласа ниту за уставните измени, што го сведува таборот „за“ на 71 глас.

Тоа значи дека за да се стигне до неопходните 80 пратеници што би поддржале уставни измени се потребни најмалку уште 9 гласа „за“, кои треба да се бараат меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициски партнери.
Во оваа бројка од 48 пратеници од опозицијата се Зеќир Рамчиловиќ од АВАЗ, Панчо Минов од ГРОМ, тројца пратеници на Социјалистичката партија – Владанка Авировиќ, Љупчо Димовски и Стојан Миланов. Од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во неделата на гласање излегоа координаторот Драган Данев, потоа Даниела Рангелова и Крсто Јовановски, но тие изјавија дека нема да ги поддржат уставните измени. Во исто време интересно е дека вчера пратеникот од ГРОМ, Панчо Минов, во изјава за домашните медиуми кажа дека за уставните измени во Собранието ќе гласа така како што гласал народот. На прашањето дали ќе гласа за уставните измени со кои треба да се примени договорот од Преспа, Минов кратко одговори: „Спрема народот, како?!“.
Ваквите околности, во кои двотретинското мнозинство се чини тешко достижно, од една страна, и опцијата за нови предвремени парламентарни избори, од друга страна, за домашните експерти говорат дека Македонија навлегува во една нова полусива политичка турбуленција. Познавачот на состојбите Ристо Никовски вели дека нема сомнеж дека власта е подготвена на сѐ, па и на условување и купување пратеници од противничкиот табор.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

– Значи нема никакви дилеми дека власта е подготвена на сѐ. Тоа значи дека ќе направат сѐ, и чесно и нечесно, како и досега за да стигнат до 80 пратеници. Тоа ќе биде нов срам и за државата и за македонскиот народ. Да се надеваме дека и тоа нема да успее, дека сепак нашите луѓе ќе покажат некакво достоинство. Во секој случај, срамно и жално што толку многу Македонци се согласија да се откажат самите од себеси – истакнува Никовски.

Различно размислува политикологот Димитар Димов. Тој вели дека пратениците, независно од политичката партија, ќе гласаат по сопствено убедување, односно ќе ја почитуваат волјата на народот искажана јасно на резултатите од последниот референдум, кој јасно укажува дека се за прифаќање на договорот со Грција.
– Одлуките што ќе ги донесат во наредните денови и недели ќе ја одредат судбината на нашата земја и нашиот народ за многу генерации – заклучува Димов.


Пржинска мини-влада?

Премиерот Зоран Заев најави дека се можни предвремени парламентарни избори доколку во Собранието не се изгласаат уставните измени што ги предвидува спогодбата со Грција. Како можен датум за избори го најави 25 ноември, но законите велат поинаку.

Измените на Законот за влада според договорот од Пржино предвидуваат 100 дена пред денот на одржување избори за пратеници во Собранието, а по претходна оставка на претседателот на Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија ќе избере нова, преодна влада за спроведување избори на пратеници, предводена од нов претседател на влада, кој го номинира најголемата политичка партија што го формира владиното мнозинство.

Ако се земе во обѕир дека за сите овие измени веќе е задоцнето, односно недостига време од 100 дена пред избори, судејќи по најавата на Заев за можни предвремени избори на 25 ноември, се поставува прашањето дали Владата планира да спроведе пржинска мини-влада односно да ги скрати роковите што претходно се договорија во Пржино и по кои се спроведуваа последните парламентарни избори во земјава.

Фото: Дарко Андоновски