Пораките за заплашување, уцени и закани што нашите најблиски соседи, Грција и Бугарија, ги црпат од официјалните меѓудржавни документи, како што се Договорот за добрососедство со Бугарија и конечната спогодба за решавање на разликите со Грција, почнаа сѐ почесто да се практикуваат и од Атина и од Софија. Ако тие во официјалните документи наоѓаат основа за таквата агресија и за, засега, само вербално понижување, тогаш или документите се фалични, или тие флагрантно се мешаат во внатрешните работи на суверена Македонија, кршејќи го повторно меѓународното право
Дали неколку месеци по потпишувањето на Договорот за пријателство и добро-соседство меѓу Македонија и Бугарија двете држави ги консумираат „придобивките“ од договореното пријателство? Или за овие релации сѐ уште целосно не сме ниту свесни ниту подготвени? На ваква дилема наведуваат последните отровни стрели од Атина и од Софија кон Република Македонија, македонскиот народ, македонскиот јазик и нашиот премиер Заев. И ова не е прв, во најмала рака кажано, антидипломатски став од високи функционери од соседството.
На пример, со најновата порака, бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, во своето гостување во емисијата „Недела 150“ на националното радио, изрази незадоволство од работата на бугарско-македонската комисија во однос на заедничкото историско наследство.
– За една и пол година, комисијата практично нема напредок. Од бугарска страна има желба да се прават компромиси што, според мене, е недозволиво, а од македонска страна се „тресат“. На пример тие тврдат дека цар Самуил војувал и против Бугарија – изјави Каракачанов.
Тој за новинарите истакнал дека не жали што се потпишал договорот со Македонија бидејќи тој бил чекор напред.
Веднаш по неговото медиумско обраќање, Каракачанов преку својот фејсбук-профил дрско и безобразно истапи со неоснована критика кон нашиот премиер Зоран Заев, за изјава дадена во Собранието на Македонија во која тој рече дека со Преспанскиот договор се потврдува постоењето на македонскиот јазик.
– Македонскиот јазик, кој не е признаен од никого како официјален јазик, не може да се смета како таков на целата територија на Северна Македонија. Северна Македонија е географско име, кое вклучува и територија на Република Бугарија. Заев во тој контекст утре може да побара употреба, целосно идентичниот бугарски дијалект да биде изучуван како официјален странски јазик и кај нас, што е недозволиво и провокација – напиша Каракачанов.
По бугарскиот вицепремиер, со забелешка преку социјалните мрежи за македонско-бугарските односи во јавноста се јави и европратеникот Андреј Ковачев, кој, пак, во изјава завиена во обланда, порача дека Македонија треба да биде во НАТО, но во тој процес „немало да има компромиси за некои историски факти“.
– Македонија треба да биде во НАТО. Договорот со Бугарија исто така треба да се почитува. Историските извори од минатите векови докажуваат дека стотици години до 1944 година во географската област Македонија бугарскиот етнички елемент бил доминантен и луѓето се самоопределувале како Бугари. Цар Самуил е бугарски цар на Бугарското Царство. Григор Прличев е Бугарин. Нема можност за маневрирање, компромиси или какво било друго превртување. Сегашното самоопределување како етнички Македонци на дел од граѓаните на Република Македонија е исто така факт, кој треба да се почитува, но не може да се дозволи подбивање со нашите предци – напиша Ковачев на својот фејсбук-профил.
Но овој пат нашето МНР, веднаш по изјавите на бугарските политичари, смирено и дипломатски, преку соопштение до медиумите, истакна дека изјавата на бугарскиот вицепремиер за безбедност и министер за одбрана е извонредна можност за сличен контраодговор и за создавање врзан негативен круг што ќе нѐ оддалечи едни од други и ќе создава непријателство, наместо пријателство, порачува македонското министерство за надворешни работи.
– Потпишавме договор за пријателство и ќе градиме пријателство, но тоа подразбира меѓусебно разбирање, почит и грижа за интересите на соседот. Република Македонија и понатаму ќе продолжи со својата проактивна, конструктивна и добрососедска политика, во духот и на потпишаниот договор со Бугарија и на европските вредности по кои се водат двете земји – соопшти МНР.
Во контекст на овие актуелни случувања, за забележување е и последната изјава на премиерот Заев дадена за новинарите во Лисабон, во која тој изрази уверување дека инклузивниот процес во парламентот и јавните дебати во Македонија ќе ги затворат билатерални проблеми, кои државата ги имала со соседите.
Политикологот Милан Стефаноски, коментирајќи ги овие случувања, заклучува дека договорот со Бугарија по сѐ изгледа во себе има многу недоречености, кои се најверојатно слични со проблемите со кои се соочува нашата држава во спроведувањето на договореното од спогодбата со Грција.
– Актуелната меѓународна политика на македонската влада е насочена главно на манифестација на добра волја за пријателство, добрососедство и соработка. Во интензивните преговори со Грција за наметнатиот спор за името на државата, од преговарачките позиции на Македонија најчесто се истакнува отвореноста за спроведување мирољубиви политики, иако од спротивната страна (од Софија и Атина) најчесто наидуваме на уцени, ултиматуми и отфрлање на понудените пацифистички аргументи – вели аналитичарот.
Стефаноски истакнува дека овие изјави, како на пример на Каракачанов, и покрај неговата висока државна позиција и благо речено незгодниот тон во кој се кажани, сепак, не требаат да се земаат за сериозни и за директен одраз на политиката на бугарската влада бидејќи овој политичар е добро познат во регионалната јавност како човек што негува националистички ставови.