Владите на Македонија и на Бугарија ги утврдија составите и членовите на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања и на Заедничката меѓувладина комисија, во согласност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји, а се очекува деновиве во Софија експертската комисија да ја има првата средба.
Како што изјави владиниот портпарол Миле Бошнаковски, Владата за координатор на Заедничката експертска комисија го назначи проф. д-р Драги Ѓоргиев, редовен професор и научен советник во Институтот за национална историја и член на Македонската академија на науките и уметностите, а за претседавач на Заедничката меѓувладина комисија – шефот на дипломатијата Никола Димитров.
– Во следната фаза предвидено е одржување редовни средби меѓу соодветните комисии и во согласност со заеднички утврдената динамика тие ќе работат на унапредување на билатералната соработка меѓу двете земји, а во функција на натамошно унапредување на добрососедските односи меѓу Република Македонија и Република Бугарија – посочи Бошнаковски.
Во составот на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања се и проф. д-р Љубица Спасковска, научен соработник на универзитетот „Ексетер“, Велика Британија, во својство на надворешен член, како и членовите: проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, редовен професор на Институтот за историја при Филозофскиот факултет на универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Љупчо Ристески, антрополог и професор на Институтот за етнологија и антропологија при УКИМ, проф. д-р Петар Тодоров, виш научен соработник во Институтот за национална историја, доц. д-р Дарко Стојанов, научен соработник во Институтот за национална историја и д-р Александар Литовски, директор на НУ Завод и музеј во Битола.
Во Заедничката меѓувладина комисија, покрај министерот за надворешни работи Димитров, како претседавач, за членови се определени: вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и министерите за култура Роберт Алаѓозовски, за животна средина и просторно планирање Садула Дураки, за здравство Венко Филипче, за транспорт и врски Горан Сугарески, за економија Крешник Бектеши, за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски. Членови на Заедничката меѓувладина комисија се и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, за труд и социјална политика Мила Царовска, за образование и наука Рената Дескоска, заменик-министрите за финансии Ширет Елези, за правда Оливер Ристовски, за одбрана Беким Максути, за локална самоуправа Дејан Павлески и Маја Бариќ, советник во кабинетот на вицепремиерот за економски прашања и за координација со економските ресори.
Во Република Бугарија минатиот петок беа соопштени имињата на претседателот и на членовите на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Бугарскиот тим ќе го предводи Ангел Димитров, првиот амбасадор на Бугарија во Македонија. Во изјава за медиумите тој оцени дека разговорите со македонските колеги ќе бидат тешки и изрази надеж дека составот на македонската комисија ќе биде таков што ќе овозможи нормален развој на разговорите. Тој вети дека бугарскиот тим ќе демонстрира добри намери, кои се содржани и во Договорот за добрососедство.
Според бугарски медиуми, кои се повикуваат на изјава на проф. Иван Илчев, поранешен ректор на Софискиот универзитет и член на комисијата, првиот состанок ќе се одржи утре во бугарската престолнина и на него треба да бидат утврдени насоките за работата на Заедничката експертска комисија.
По ратификацијата на Договорот во Собранието на Република Македонија, на 15.1.2018 година, и во Националното собрание на Република Бугарија, на 18.1.2018 година, министерот за надворешни работи Никола Димитров за време на билатералната посета на Софија, на 14 февруари 2018 година, со неговата бугарска колешка Екатерина Захариева ги разменија ратификациските документи од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија и го потпишаа протоколот за нивната размена, со што на 14 февруари годинава Договорот стапи во сила.
Формирањето на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, како и на Заедничката меѓувладина комисија, е во согласност со одредбите од Договорот, со кој беше предвидено тоа да се реализира во рок од три месеци по влегувањето на Договорот во сила.