Во Клубот на пратеници почна лидерската средба, на која премиерот Зоран Заев ќе ги информира претседателот Ѓорге Иванов и лидерите на партиите за деталите од средбата со грчкиот премиер Алексис Ципрас и за можноста да се даде шанса за евентуално решение што би било прифатливо за двете страни.
На средбата присуствуваат претседателот Ѓорѓе Иванов, претседателот на Собранието Талат Џафери, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и лидерот на ДУИ Али Ахмети.
На средбата се присутни и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и шефот на дипломатијата Никола Димитров.
Пред Клубот на пратеници во исто време мала група луѓе протестираат против прегворите за промена на името на Македонија.
Изминатите два дена во одредени медиуми се појави информацијата дека најновиот македонски предлог за името во преговорите со Грција бил „Република Илинденска Македонија“. Владата вчера ниту ја потврди, ниту демантира информацијата.
– Како што изјави премиерот Заев во последната фаза од преговорите, од македонска страна се презентирани повеќе опции за можни решенија, а за една од нив потврдено е дека може да биде прифатлива и за двете страни, соопштија вчера од Владата.
Наспроти ова, грчкиот весник „Катимерини“ објави текст со изјава на извор близок да македонскиот премиер и до шефот на македонската дипломатија во која тој тврди дека двете страни се блиску до договор за името „Илинденска Македонија“.