Она што треба да го има ЕУ во преден план како основа и суштествено битие на содржината при креирањето на преговарачката рамка за Македонија е што таа недвосмислено треба да биде во согласност со меѓународното право, во согласност со принципите на Повелбата на Обединетите нации, како и во согласност со документите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа и со актите на Советот на Европа. Ако ЕУ, под влијание на бугарските притисоци, ги наруши ваквите свои принципи при креирањето на преговарачката рамка за нас, тогаш недвосмислено стои констатацијата дека газењето или практиката на заобиколување на овие универзални принципи е вистинската причина за кризата и во самата ЕУ
Денеска во Брисел продолжува дискусиjaта на техничко ниво во ЕУ, на која земјите-членки на Унијата треба ја договорат имплементацијата на забелешките од дебатата во вторникот (8 септември) на предлог- преговарачката рамка за Македонија, што ја предложи германското претседателство. Во наредниот период се очекува земјите-членки темелно да ги разгледуваат и предлог-рамката и методологијата, со надеж до ноември да биде усвоена рамката од страна на Советот на ЕУ (како што посакува германското претседателство), а до крајот на годината да биде одржана првата меѓувладина конференција.
Замки за Македонија на секој чекор
Кога станува збор за стратегиската определба и амбициите на Македонија за евроинтеграции, како непишано правило се наметнува констатацијата дека ниту еден наш чекор не може да помине без предизвици и тешкотии генерирани од соседите: и како содржина и како форма. Иако тие како (добри) соседи се обврзаа дека не само ќе го споделат своето искуство заради побрза наша интеграција во ЕУ туку дека и активно ќе ѝ помогнат на нашата земја на патот до ЕУ. Меѓутоа, напротив, се случува нешто сосема спротивно.
На пример, во оваа фаза на утврдување на преговарачката рамка, предизвикот доаѓа од Бугарија, која инсистира во неа да бидат имплементирани нејзините барања за „отстранување на македонскиот јазик од документите на ЕУ“, односно тој да биде наведен како дијалект на бугарскиот јазик (?!). Дипломатски извори од Брисел кажуваат дека бугарските преставници биле особено „гласни“ на дебатата за предлог-рамката за Македонија во вторникот, за прашањата што им претставуваат проблем, како јазикот, на пример, кој во предлог-рамката е јасно именуван како македонски јазик. Во исто време, според истите дипломатски извори, Бугарија инсистирала за спроведување на одредбите од договорот за добрососедство за македонската страна да прифати дека има заедничка историја, при што се подразбирало дека нашата историја била „дел од националната бугарска историја“ (?!).
Во таквиот контекст, негирајќи ги флагрантно македонскиот јазик, македонската историја и македонскиот народ пред претставниците на ЕУ, бугарските претставници ја демонстрираат основната пречка за толку посакуваните добрососедски односи! Без уважувањето на овие основни постулати на меѓународната и меѓудржавната соработка, се губи секоја логика на заемното уважување и на меѓународното право.
Негаторската и дискриминирачка политика на Бугарија не е „од вчера“
Како што се интензивираат процесите во ЕУ за македонските евроинтеграции, и реториката на бугарските политичари станува порадикална. Иако таквата реторика често се рециклира за нивна домашна политичка употреба, целите и методите на тие нивни ставови имаат длабока историска основа. Историчарите често нѐ потсетуваат дека нивните намери не се од вчера, туку претензиите се повеќеслојни и траат со поголем или помал интензитет со векови. Но карактеристика е дека тие се константни и секогаш директно или индиректно ги изразуваат нивните отворени намери и барања. Во таков контекст, најсвежа е официјалната изјава на бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов дека Бугарија „секако ќе ја блокира меѓувладината конференција за започнување на преговорите, доколку не бидат прифатени нивните барања во преговарачката рамка“.
– Ние сме го кажале тоа сто пати во последните десет месеци, дека ако не се постигне согласност по тие прашања, Бугарија ќе возврати на првата меѓувладина конференција, додека прашањата не бидат исчистени. Тоа е позицијата на Бугарија. И тоа е многу јасно во Скопје – изјави Каракачанов, категорично потврдувајќи дека Бугарија е подготвена на блокада на првата меѓувладина конференција.
Навистина, во нацрт-преговарачката рамка, објавена пред два месеца, Бугарија не наведе конкретни услови, но од содржината на извештајот на Европската комисија јасно се гледа дека едно од централните места во документот се добрососедските односи. Дипломатски извори од Брисел брифираат дека „за прогресот на Македонија се потенцира важноста од постигнувањето опипливи резултати и имплементирање на билатералните договори со соседите“. Во таквиот контекст тие истакнуваат дека „Бугарија има право да блокира доколку оцени дека не е задоволна, но напорите да се постигне компромис до ноември продолжуваат“, велат дипломатите во Брисел.
Дали точката разно е небитна, односно дали крие подоцнежна стапица за Македонија?
– Многу е веројатно бугарските барања да бидат вметнати во 35-то преговарачко поглавје, под точката разно, што ги стеснува веројатноста и можноста на Бугарија да го блокира преговарачкиот процес на Македонија со ЕУ. Од друга страна, тоа не ја исклучува опцијата дека порано или подоцна во преговарачкиот процес Македонија ќе треба да направи некаква отстапка, зашто ЕУ едноставно функционира така, со компромиси. Но треба да се има предвид и дека позицијата на Бугарија во ЕУ не е толку силна како онаа на Грција, па и не треба да се очекува од Брисел да ѝ бидат задоволени нејзините максималистички барања. Сепак, во овој момент не можеме да знаеме што точно од бугарските барања ќе биде содржано во рамката за преговори за Македонија – вели Марко Трошановски, директор на Институтот за демократија во Скопје.
Според процената на Трошановски, Македонија има добра позиција во однос на јазикот во документите на ЕУ, со оглед на тоа што е верификуван во ОН со реална лингвистичка, историска и политичко-правна аргументираност за својата посебност, што ја истакнува апсурдноста на бугарските барања. Во поглед на историјата, Трошановски смета дека заедничката комисијата треба да продолжи да работи, но тоа не треба да биде услов за текот на преговарачкиот процес и цени дека ЕУ нема да се согласи на такви услови.
Универзитетскиот професор по филозофија Ферид Мухиќ, кој во претходниот парламентарен состав гласаше воздржано за ратификација на договорот за добрососедство со Бугарија, смета дека Македонија со тој договор влегла во политичка и правна стапица за своите евроинтеграции.
– Тешко дека Бугарија ќе се откаже од сѐ што е во нејзин интерес од договорот за добрососедство, што ние како македонска страна го прифативме. Неспроведувањето на прифатените обврски од договорот, секако, ѝ остава можност да ги користи инструментите на ЕУ за да инсистира на спроведување на своите асимилаторски аспирации, во поглед на историјата и јазикот. Во однос на преговарачката рамка за членство во ЕУ, најдобро што можеме да се избориме е да се наведат некои поопшти формулации за бугарските барања во однос на историјата и да се оди колку што е можно на исцртување на јасен профил на македонскиот јазик и македонската посебност во документите на ЕУ, а тоа да не доведе до некаква конфликтна ситуација или блокирање на преговорите – вели професорот Ферид Мухиќ.
За понатаму, паралелно со преговарачкиот процес, професорот Мухиќ вели дека во поглед на системско разграничување на македонската и бугарската историја треба да се користат светските историографии, како германската и британската, каде што Македонија и Бугарија се јасно историски разграничени, но и некои историографии од поблискиот регион. Тоа важи и за разобличување на бугарскиот став за македонскиот јазик и македонскиот народ.
Но она што е актуелно приоритетно за ЕУ во врска со креирањето на преговарачката рамка за Македонија е дека таа, пред сѐ, треба да биде во согласност со меѓународното право. Всушност, почитувањето на основните принципи на меѓународното право е првиот член и појдовна точка и на самиот договор за добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија. Токму во овој договор има многу елементи за да се избори Македонија за рамка на преговори што е во согласност со меѓународното право и која нема да ги наруши актите на ЕУ. На Германија како претседавач, но и на ЕУ-администрацијата им е кристално јасно дека позициите на Бугарија за негирање на нашата историја, јазик и народ е минирање на фундаментите на која е поставена Унијата и во целосна спротивност со нејзините акти. Тоа е и повик кон самата ЕУ да се придржува на универзалните утврдени принципи!