Добро е што е воспоставена комуникација со институцијата претседател, што може да биде во насока на попродуктивен политички дијалог, кажа претседателот Стево Пендаровски во изјава за „Дојче Веле“, нагласувајќи дека токму продуктивниот политички дијалог и недостига на Македонија.
Изјавата на претседателот уследи откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски информираше дека имал телефонски разговор со Пендаровски, на сопствено барање, најавувајќи ја нивната утрешна средба. Тема на договорената средба треба да бидат осудените за случајот „27 април“, како и актуелните економско-политички состојби.
Мицкоски исто така нагласи дека одмрзнувањето на односите со претседателот се должи на тоа што на Македонија итно и е потребен дијалог меѓу политичките чинители.
ВМРО-ДПМНЕ минатата година ги замрзна односите со претседателот откако Пендаровски по парламентарните избори одлучи да му го додели мандатот на лидерот на СДСМ Зоран Заев.