Иако во регионот се толкува како своевидна супституција за вистинско членство во Европската Унија, за земјите-кандидатки, како Македонија, Албанија и Србија, на последниот состанок одржан викендов во Тирана, на иницијативата ѝ се придружи и Црна Гора
Проектот мини-шенген, своевидна економска бесцаринска унија за Западен Балкан, се чини добива одредена конкретизација. Иако во регионот се толкува како своевидна супституција за вистинско членство во Европската Унија, за земјите-кандидатки, како Македонија, Албанија и Србија, на последниот состанок одржан викендов во Тирана, на иницијативата ѝ се придружи и Црна Гора.
– Европската Унија ќе даде 1,2 милијарда евра за сите договори произлезени од мини-шенгенот – соопшти домаќинот на третата средба од иницијативата, премиерот на Албанија, Еди Рама.
Гостите, претседателите на Србија и на Црна Гора, Александар Вучиќ и Мило Ѓукановиќ, и премиерот на Македонија, Зоран Заев, говореа за придобивките од самитот.
– Европеизацијата може да ја направиме и самите со ваква регионална соработка. Има простор и овој простор треба да го искористиме и должност ни е да работиме во функција на граѓаните и на стопанството – изјави македонскиот премиер Зоран Заев.
Сепак, косовските власти засега одбиваат да се вклучат во оваа иницијатива, поради учеството на Србија, иако во неа се наведува дека таа е во интерес на евроинтеграциите на регионот. На прес-конференцијата Рама ги критикуваше косовските власти поради одбивањето да учествуваат во иницијативата.
– За мене, повторното одбивање на косовските власти да присуствуваат на оваа тркалезна маса е неразбирливо и штетно за самото Косово. Ние сме тука за да го изградиме мостот помеѓу минатото и иднината. На минатото што нè дели и на иднината што нè обединува. Целиот процес е во целосна кохерентност со амбицијата изразена од сите земји – изјави Рама.
Настанот во Тирана беше проследен со голем број протести насочени против српскиот претседател. Некои од организаторите тврдеа дека мини-шенгенот е проект за нова Југославија, од кој најмногу корист ќе има Србија, бидејќи преку Албанија ќе ѝ биде даден пристап до Јадранското Море.