Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и српскиот министер за трговија, туризам и телекомуникации, Расим Љаиќ, потпишаа спогодба за заедничко признавање доверливи услуги кои се користат во двете држави.
Ова значи дека документите издадени по електронски пат од институциите во Северна Македонија, како што се Централниот регистар, Царинската управа, Управата за водење на матичните книги, ќе бидат еднакво признаени и во Република Србија и обратно. Граѓаните нема да имаат потреба документ што веќе го поседуваат издаден од една држава, повторно низ административни процедури да го вадат во другата држава.
Заемно се признаваат квалификуваните доверливи услуги, кои ги обезбедуваат давателите на квалификувани доверливи услуги во двете земји во согласност со законите што ги регулираат електронските документи, електронската идентификација и доверливи услуги, и тоа: квалификуван електронски потпис, квалификуван електронски печат и квалификуван електронски временски жиг.
Со прифаќање на оваа спогодба ќе се обезбеди унапредување на билатералните односи помеѓу двете земји во областа на информатичкото општество. Таа ќе придонесе да се забрза процесот на дигитална трансформација и има директно влијае и врз компетентноста на домашните правни лица што вршат дејност од областа на доверливите услуги, односно со неа се овозможува овие фирми да станат фирми од доверба и конкурентни и на пазарот во Република Србија.
Во насока на дигитализација на општеството донесен е Законот за електронските документи, електронската идентификација и доверливите услуги и е во сила од 22.5.2019 година. Целта е да се утврди правниот режим на електронскиот потпис, електронскиот печат, електронските временски жигови, електронските документи, услугите за електронска препорачана достава, услугите за проверка на автентичноста на веб-страницата, како и на начинот на чување на електронскиот потпис или печат и нивната валидација. Со овој закон Република Северна Македонија добива соодветни основи за безбедни и доверливи услуги.