Спроти одбележувањето на двата Илиндена, македонските граѓани се исправени пред дилемата дали со потпишаните договори можеби скршнавме од патот и идеалите на илинденците, што добивме, а што изгубивме
РАМКОВНИОТ, ПРЕСПАНСКИОТ И ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА НИЗ ПРИЗМАТА НА ЈАВНОСТА И АНАЛИТИЧАРИТЕ
Смислата на празнувањата да обединуваат претставува своевиден тест и за тежината и вредноста на договорите што Македонија ги има склучено и кои не престануваат да ја брануваат јавноста.
Временската блискост на одбележувањето на 20-годишнината од Охридскиот (рамковен) договор, постојаното активно потсетување на годишнината од Договорот за добрососедство во Бугарија (1 август 2017), па и на Преспанскиот договор, од една страна, и празнувањето на двата Илиндена (2 август 1903 и 1944), од друга страна, го поттикнува контекстот на прашањето колку сите овие празнувања го содржат истиот државотворен супстрат за македонската држава. Значењето на Илинден (1903) е поврзано со вековниот сон на македонскиот народ за сопствена држава, автентичноста на борбата за остварување на тој сон, но и со успехот од конечната реализација на државотворната идеја во 1944 година, со сите жртви и историски премрежиња…Стекнувањето независност на Македонија, преку референдум во 1991 година, изгледаше како ново повисоко, посамостојно ниво на државноста и суверенитетот, и покрај сите искушенија и политички тестови на кои беа ставени државата и нејзините граѓани. Денес, за многумина, пак, нов тест, па дури и своевидна негација на претходно постигнатото се договорите со Грција и со Бугарија.
Во така создадениот контекст, предизвикот што го живее оваа генерација Македонци е одлуката со каква диоптрија ќе гледаат на досегашните резултати од практикувањето и спроведувањето на обврските од овие договори – дали ќе ги гледаат како успешен неопходен компромис за одржување на државноста или нов предизвик за спасување на македонизмот во современите геостратегиски интереси. Аналитичарите имаат интересни согледувања на овие прашања и дилеми.
Ниту еден од договорите не нѐ однесе таму каде што посакувавме
– Со сите договори во македонската самостојност, почнувајќи од рамковниот, се случува еден процес на разградување на онаа унитарна Македонија од АСНОМ, во 1944 година. Од онаа македонска држава што ја создадоа „неуки“ Македонци, но по сите критериуми за државност, денес сме доведени во ситуација да разговараме и да се грижиме за правата на сите во Македонија да бидат тоа што сакаат, додека на Македонците пред очите и ушите на демократската меѓународна заедница им се оспоруваат националниот идентитет, јазикот, историјата… и воопшто правото на постоење. Рамковниот договор, на кој како да се надоврзуваат билатералните: Преспанскиот со Грција и тој за добрососедство со Бугарија, никако не ја зацврстуваат македонската државност, туку напротив, секој од нив содржи нов елемент за нејзино дерогирање – вели историчарот Тодор Чепреганов.
Универзитетскиот професор Чепреганов, поранешен директор на македонскиот Институт за национална историја, смета дека ниту еден од овие договори не ја одведе Македонија каде што посакуваше (во ЕУ), ниту пак како што посакуваше (во НАТО). Со сите договори, Македонија само изгуби, односно не доби ништо како држава. Според него, со рамковниот договор во Македонија добиле Албанците, со Преспанскиот договор Грција си ги реализирала своите негаторски ставови за Македонија и Македонците, а и Бугарија е сериозна во намерите да ги добие истите придобивки како Грција, употребувајќи ја истата тактика на уцени со евроинтеграциите.
– На крајот, ние, Македонците, добивме променет идентитет, за сега сите да нѐ нарекуваат „северномакедонци“. Со сите договори се бараше нова отстапка од Македонија и се создаваше нова (негативна) слика на македонската држава. Овие договори се писмено сведоштво дека не можеме да пронајдеме сила за да ја одржиме државноста. Спроведувањето на договорите на внатрешен план нѐ води кон бинационална држава, а на надворешен план кон обезличување – загрижено констатира професорот Чепреганов.
Договорите го сменија пристапот во решавањето на општествените предизвици
Согледувајќи го ефектот на договорите врз македонската државност од геостратегиски аспект, универзитетскиот професор на Правниот факултет при УКИМ, Гордан Калајџиев, проценува дека тие се резултат на немање друг, поинаков стратегиски избор, но како придобивка останал (по)цивилизираниот пристап во решавањето на предизвиците и проблемите.
– Македонската страна долго време се оглушуваше на реалните предизвици на етничките прашања и соживотот во Македонија, поттурнувајќи ги под тепих. Таквиот начин на водење политика можеби беше наследен од југословенската федерација, чијшто дел беше и Македонија, но кога реално беше соочена со конфликтен предизвик, веќе се знаеше дека конфликтниот одговор води кон крвав расплет. Во 21 век, цивилизираниот пристап кон потенцијално конфликтните прашања, преку барање културно политичкоправни решенија треба да биде единствениот начин за надминување на разликите. Со Охридскиот договор е постигнат нов општествен договор, вграден и во Уставот, што, секако, придонесе за воспоставување нов начин на општествена комуникација. Сепак не може да се каже дека јазот во меѓуетничката комуникација и однесување е целосно надминат, но и покрај инцидентите изјави со призвук на повикување на етничка мобилизација, генерално променет е општествениот пристап во решавањето на предизвиците од етнички карактер, со постојано преговарање – вели професорот Калајџиев.
Не само во однос на внатрешнополитичките и општествени предизвици туку и во решавањето на билатерални надворешни спорови, професорот Калајџиев смета дека постојаното преговарање, но со аргументи, засновано врз принципите на меѓународното право, е единствениот вистински пристап.
– Преговарањето никако не значи попустливост по секоја цена, за постигнување каква било цел. Не постојат непремостливи пречки што не можат да се надминат со аргументирано и правно принципиелно преговарање. Националистичкиот пристап е ретрограден, а во преговорите треба да се пристапи со поотворен дух, но принципиелно и на рамноправна основа – предлага професорот Калајџиев.
(Не)прифаќање на договорите во македонската јавност
Спорната успешност во остварувањето на планираните цели на македонската држава, односно неисполнувањето на ветувањата на другите страни (како и на гарантите – ЕУ и преостанатиот дел од меѓународната заедница) со внатрешните и билатералните договори, сепак не ја ослободува Македонија од обврската за спроведување на обврските. Напротив, договорите се користат за политички уцени. И покрај тоа што потписниците (и корисниците) на договорите настојуваат да ги истакнат минималните и очекуваните придобивки со одбележување и прослави, се чини дека јавноста и понатаму реагира со недоверба спрема нив.
– Ако некој договор има позитивно влијание за државата и општеството – народот самиот ќе го слави. На Првото заседание на АСНОМ, одржано во услови на војна, народот сепак излегол со зурли и тапани да го прослави создавањето на македонската држава. Народот не сака да слави нешто што чувствува како пораз. На сите досегашни прослави, т.е. одбележувања на договорите, учествуваат само елитите. Тоа е сигнал дека сѐ уште го немаат одобрувањето од народот – вели историчарот Чепреганов.
Но тој додава и дека во случајот со рамковниот договор постои двојство во општеството, односно од една страна го чествуваат Албанците, додека за Македонците државата направила да го чувствуваат како пораз.
Од своја перспектива, професорот Гордан Калајџиев, пак, смета дека времето работи во прилог на договорите. Сепак признава дека застојот во евроинтеграциите создава незадоволство и разочараност во реакциите на граѓаните, но, сепак, смета дека и на тој план набрзо ќе се дојде до позитивно решение. Причината за прифаќањето на договорите такви какви што се, според него, е резултат на немање друг стратегиски избор.