Откако се појави коронавирусот, бргу стана јасно дека некои делови од населението се поподложни за развој на потешка форма на болеста ковид-19, а некои помалку. По низа сеопфатни истражувања, научниците конечно успеаја да утврдат зошто мажите почесто го развиваат потешкиот облик на болеста од жените
Конечно научни аргументи зошто мажите се поризични за ковид-19 од жените
Ризикот од зараза со коронавирусот, всушност, е ризик и страв од развивање потешка форма на ковид-19. Така, покрај постарата популација, која има компромитиран имунитет или постојни здравствени проблеми и која стравува многу повеќе, зголемен ризик имаат лицата со прекумерна тежина, но и припадниците на машкиот пол.
Всушност, мажите и жените имаат еднакви шанси да заболат од ковид-19, но мажите се изложени на поголем ризик да починат од оваа болест.
Нова научна студија сугерира дека различните реакции на имунолошкиот систем на вирусот САРС-КоВ-2, поради возраста и полот, може да зависат од вирусното оптоварување и од временскиот тек на инфекцијата.
Ова значи дека кај постарите лица и мажите, одредени фактори можат да доведат до ослабување на имунитетот, што ја отежнува борбата на телото против новиот коронавирус. Научниците конечно знаат зошто е тоа така.
Тие ја проучувале РНК добиена од брисевите земени од носот кај 430 лица што биле позитивни на ковид-19 и кај 54 лица што биле негативни. Нивната студија е објавена во научното списание „ПЛОС бајолоџи“ и овозможува подобро разбирање на механизмите што предизвикуваат различни реакции на заразените лица од различни демографски групи, вклучувајќи ги возраста и полот.
Истражувачите ги анализирале антивирусните и имунолошки реакции преку променливоста на сериозноста од инфекцијата, возраста, полот и вирусното оптоварување. Откриле дека реакцијата на имуните клетки не се активирала во првите три дена по почетокот на инфекцијата, а силата и составот на таа реакција зависи од вирусното оптоварување и возраста и полот.
Научниците забележале дисфункционална антивирусна реакција кај постари лица и мажи, со оглед на нивото на вирусно оптоварување.
Ова откритие е исто така важно за развој на лекот против ковид-19, а самиот истражувачки тим истакнува дека ова треба дополнително да се испита бидејќи брисеви биле земени од назофаринксот (назален дел од голтникот), што не е чувствителна анатомска локација за прецизно проучување на маркерите на системското воспаление.
Кога станува збор за имунолошкиот одговор на инфекцијата, клучната улога ја играат протеините интерферони, кои клетките ги произведуваат како одговор на присуството на некои вируси. Кај новиот коронавирус може да има слабо активирање на интерферонот од почетокот на инфекцијата, како и многу посилно подоцна за време на болеста, што потоа доведува до развој на тешката форма на ковид-19.
Студијата покажа, на пример, дека мажите имаат намалено ниво на специфични антивирусни реакции на б-клетки, додека кај жените сликата е спротивна.
Од друга страна, научниците забележале и зголемена експресија на нуклеарниот фактор капа-Б (НФ-кБ) кај мажите, што може да претставува несоодветен имунолошки одговор или адаптивен механизам за намалување на штетното воспаление, една од главните карактеристики на патогенезата на ковид-19.
Кај постари пациенти е забележан послаб израз на Тх1 хемокин CXCL9 / 19/11, нивните поврзани рецептори CXCR3, како и гранки CD8A и B. Сите овие се клучни гени за проучување, бидејќи нивното намалено ниво може да укаже на дисфункција на цитотоксичните Т-клетки и природни клетки убијци.
Тоа се основните фактори според истражувањето дека мажите, а особено оние во поодмината возраст, се поподложни за развој на потешка форма на болеста ковид-19 отколку жените.