Фото: Игор Бансколиев

Давањето препораки и инструкции на гласачите, па и партиски директиви за кого да го пренасочат својот глас во вториот круг, политиколозите и социолозите, во најмала рака, сметаат дека е „неетичко, но и дека такво нешто е заборавен феномен во развиените европски демократии“. Нивен генерален став е дека токму на тој начин партиите и партиските челници „не сакајќи, ги негираат сопствената понуда и програма“, токму во моментот кога тие „ги повикуваат и насочуваат граѓаните за кого да гласаат во вториот круг, откако нивниот кандидат не поминал“. Наедно, аналитичарите издвојуваат дека оваа појава има уште поголем и двоен негативен ефект…

ФЕНОМЕНОТ „ТРГОВИЈА СО ГЛАСОВИ“

Веднаш по завршувањето на првиот круг од локалните избори, кандидатите, партиите и коалициите го продолжија и интензивираа „ловот по гласови“, вжештувајќи ја битката пред вториот круг на изборите. И вообичаено, според веќе востановеното непишано правило, второто полувреме од изборната кампања започна со очекувана трговија со гласовите на избирачите, односно нивно претурање од едно на друго конто, во зависност од тоа кој кандидат останал во трката и чии гласови (од оние кандидати што отпаднале) ќе се прелеат…

Инструкции, насоки, но и партиски директиви каде гласачите да го пренасочат својот глас

Феноменот на давање препораки и инструкции на гласачите, па и партиски директиви за кого да го пренасочат својот глас во вториот круг, политиколозите и социолозите, во најмала рака, сметаат дека е „неетички, но и дека такво нешто не постои во развиените европски демократии“. Генерален нивни став е дека токму на тој начин партиите и партиските челници „не сакајќи, ги негираат сопствената понуда и програма“, токму во моментот кога „партиите ги повикуваат и насочуваат граѓаните за кого да гласаат во вториот круг, откако нивниот кандидат не поминал“. Во исто време, нашите соговорници упатуваат на тоа дека ваквиот начин има двоен негативен ефект, односно дека „на овој начин се руши и дигнитетот, па и интегритетот и автономијата на гласачите, кои треба да одлучуваат по своја волја и сопствен избор на основа на понудата и програмата, а не по нечија желба, инструкција или директива или во интерес на одредена коалиција“. На крајот на краиштата, нашите соговорници нагласуваат дека „изборниот глас не е берзанска стока со која може некој вербално да тргува и политички да манипулира“…

Граѓаните заробени во ривалитетот меѓу различните политички блокови, забораваат на својата објективност

Политиколозите со кои се консултиравме имаат унисон став, нагласувајќи дека со практиката на трговија со гласовите, партиите вршат погазување на сопствената политичка програма во полза на коалицијата и истовремено ги минимизираат гласачкиот дигнитет и капацитетот на граѓаните сами да одлучат кому да му го дадат својот глас ако нивната партија не се натпреварува во вториот круг.
Политикологот Синиша Пекевски оценува дека политичките партии многу повеќе време минуваат во комуникација со противниците отколку со гласачите.
– Граѓаните фактички се заробени во тој ривалитет меѓу различните политички блокови. Повеќе се како некоја публика што не треба да донесе своја одлука за кого да гласа, односно евентуално самите како божем да немаат капацитет од лична перспектива да оценат кој е подобар или полош, па за тоа треба да им каже партискиот султан-лидер – бели Пекевски.
Анализирајќи ги разликите меѓу албанскиот и македонскиот политички блок по ова прашање, Пекевски вели дека оцената е иста, тие не одат на митинзи заедно и немаат ништо слично во изборните кампањи, ама кога треба да се порази сопарникот, тогаш нека се гласа и за партија од спротивниот етникум.
Политичкиот аналитичар Мартин Јовановски, пак, додава дека самиот чин на давање поддршка на кандидати надвор од својата партија не е никаков проблем доколку се случи пред изборната кампања.

– Но давањето поддршка како што гледаме сега, во вториот круг, откако вашиот кандидат отпаднал, дава знак дека партиите не веруваат во демократскиот капацитет на своите поддржувачи или активно го негираат, очекувајќи од нив да гласаат за нешто спротивно од сопствената идеологија. Некогаш, едноставно, идеолошки гласовите на граѓаните не можат да бидат дадени за партија што ја поддржува партијата, бидејќи истата таа не се совпаѓа со личниот став на граѓанинот. Доколку е тој левичар, не може да гласа за десна партија, или доколку е тој националист од одреден национален партиски табор, како истото лице ќе гласа за душманот во политиката – вели Јовановски.
Тој подвлекува дека во вистинска демократија партиите ќе го оставеа народот слободно да си одлучи дали и за кого ќе гласа во вториот круг.
– Но, истовремено, ако веќе говориме, и во вистинска демократија немаше да гласаме за партија туку за исклучителни луѓе, како фигури што по квалитетот предничат пред другите, па кои дури истовремено би можеле да бидат поддржани од некоја партија што дури е и ривал на матичното политичко тело – резимира Јовановски.

[email protected]