И покрај потрошените над десет милиони евра, институцијата што требаше на голема врата да го воведе, поточно во апсолутна мера да го практикува принципот на владеење на правото во земјава, има четири решени случаи, два затворени со откажување од обвинението, 15 активни предмети пред Кривичниот суд, четири случаи што се вратија на повторени постапки и два за кои се чекаат одлуки од Апелацискиот суд и уште дополнителни 19 истраги за кои сѐ уште не е поднесено обвинение
За приближно две недели, на 15 септември, истекува рокот до кој партиите треба да најдат компромис за новиот закон за Јавно обвинителство, со кој, пак, ќе се реши иднината на специјалното јавно обвинителство. Законот дотогаш треба да се изгласа во парламентот, оти на средината од овој месец, според досегашниот закон, СЈО престанува со работа. Со предлог-законот за ЈО се предвидува СЈО да се спои со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Тоа, всушност, треба да продолжи да ги води постапките што ги отвори СЈО.
Владиниот предлог со кој сега се решава иднината на СЈО веќе е влезен во собраниска процедура. Собраниската комисија за европски прашања минатата недела усвои десет од предложените 51 амандман, кои се однесуваат главно на технички прашања, а работата продолжува деновиве. Ова обвинителство произлезе од пржинскиот договор, на кој потпис ставија Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, први луѓе на тогаш најголемите четири партии. По неколкумесечно објавување на прислушуваните разговори од тогаш опозициската партија СДСМ, СЈО се формира за да ги истражи делата поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите до 2015 година.
За време на својата работа за СЈО од државната каса беа одделувани огромни финансии.
Во меѓувреме, за потсетување е информацијата дека од септември 2015 година, кога беше формирано, до сега, главната обвинителка на СЈО, Катица Јанева, и нејзиниот тим, со буџетот за годинава потрошиле над десет милиони евра.
Од завршните сметки на буџетот објавени на сајтот на Министерството за финансии се гледа дека во 2015-та СЈО почнало со 220 илјади евра. Наредната година, 2016-та, биле издвоени 2 милиони евра, во 2017 година – 2,6 милиони евра, во 2018 година – 3,1 милиони евра, а за 2019 биле издвоени 3,7 милиони евра.
Наспроти потрошените средства, институцијата што требаше на голема врата да го воведе, поточно во апсолутна мера да го практикува принципот на владеење на правото во земјава, има четири решени случаи, два затворени со откажување од обвинението, 15 активни предмети пред Кривичниот суд, четири случаи што се вратија на повторени постапки и два за кои се чекаат одлуки од Апелацискиот суд и уште дополнителни 19 истраги за кои сѐ уште не е поднесено обвинение.
Но по настаните поврзани со случајот „Рекет“, во кој е осомничена и е во притвор дури и Катица Јанева, имиџот на оваа институција е длабоко нарушен.
Токму затоа познавачите на проблематиката стравуваат дека поради комплицираноста на настаните и поради комплицираноста на материјата има голема веројатност да се добие решение за новиот закон за ЈО што нема да биде идеално решение за правната држава и правниот систем. Уште повеќе, сето она што било поврзано во минатото со работата на СЈО, заедно со потрошените милионски суми за таа работа, би можело да падне во вода.
Адвокатот Звонко Давидовиќ, коментирајќи ги актуелните случувања, вели дека во јавноста владее оправдан страв дека сѐ што било поврзано со работата и финансирањето на СЈО би можело да падне во вода. Адвокатот вели дека ова стравување е оправдано кај граѓаните, имајќи ги на ум сите негативни претходни искуства во кои политиката од сите претходни влади се вмешувала во правото, правораздавањето и дејствувањето на правната држава.
Давидовиќ коментира дека перцепцијата кај народот вели дека СЈО не си ја сработи работата за која беа потрошени толкави пари, а специјалното обвинителство покажа дека во работата очигледно не е доволно кадарно како ЈО, бидејќи не успеа да ги реши случаите со сомнежите за криминалот на највисокото ниво во земјата.
Адвокатот се надева дека со изгласувањето на новиот закон, преостанатите предмети за кои ќе се утврди дека не биле водени за од нив да се зема рекет и биле темелени врз законска и правна основа ќе бидат спроведени од ЈО и правдата ќе биде изнесена на виделина.
Давидовиќ резимира дека, сепак, е скептичен во делот на влијанието на политиката во носењето на новиот закон, бидејќи тој во моментов се креира на зелена маса од страна на политичките фактори во земјата.
Во своја изјава на оваа тема, Мирјана Најчевска, редовната професорка на Институтот за социолошки и политичкоправни истражувања, вели дека грешката со законот за СЈО е направена уште пред четири години.
Според неа, и тогаш законот се донесе на несоодветен начин, со партиски преговори но и сега законот се сведува на партиски договори со кои се прават отстапки, кои, како што истакна таа, „го руинираат и дезавуираат правото“.