На неколкучасовната лидерска средба е постигнат договор по неколку клучни прашања за државата и граѓаните. Така, договорено е пописот да се одложи за септември, откочена е работата на Собранието за носење важни реформски закони, договорени се измени во Изборниот законик, а поместено е и одржувањето на локалните избори
ЗАЕВ И МИЦКОСКИ СЕ ДОГОВОРИЈА
По повеќе од два часа, вчера заврши лидерската средба во четири очи меѓу водачите на двете најголеми партии во земјава, премиерот Зоран Заев (СДСМ) и Христијан Мицкоски (ВМРО-ДПМНЕ). По средбата прв се обрати лидерот на опозицијата, кој изјави дека со премиерот Зоран Заев имале успешен состанок, кој отворил можност за спроведување слични вакви состаноци и во иднина.
Мицкоски напомена дека со премиерот се договориле да се одложи пописот и како поуспешно да се надминат пречките со кои се соочува нашата држава.
Тој нагласи дека се договорени и измени во Изборниот законик за користење т.н. фингерпринт-технологија, која ќе овозможи да се користат електронски терминали за отчитување на прст.
– Се согласивме по ова прашање и ги охрабруваме пратениците наредниот период да започнат со измените во Изборниот законик – рече Мицкоски.
Тој напомена дека со овој чин се отвара можност и во иднина да се создадат услови за една изборна единица во изборните циклуси, избор на градоначалник во првиот круг и отворени листи за избор на советници во локалните самоуправи.
Мицкоски додаде дека со премиерот Заев се договориле поради здравствените предизвици да се одложи закажаниот попис за во септември, во период што би бил некаде помеѓу 5 и 30 септември, откога ќе биде завршена имунизацијата на попишувачите. Тој додаде дека е договорено да се помести и одржувањето на локалните избори од првата половина на октомври за во втората половина истиот месец.
– Дијалог е неопходен, а довербата е двонасочна улица. За сите процеси власта и опозицијата треба да изградат заеднички став – рече Мицкоски во своето јавно излагање.
Веднаш потоа се огласи и премиерот Зоран Заев, кој напомена дека со лидерот на опозицијата стигнале до заеднички консензус, со кој се постигнало решение што е за доброто на граѓаните.
– Постигнавме договор со опозицијата по голем број прашања за да се овозможат побезбедни здравствени услови во кои ќе се спроведува пописот заради имунизација на попишувачите, но и населението, а со тоа и да се одложи и спроведувањето на локалните избори, кои би требало да завршат со вториот круг некаде во втората половина од ноември – рече Заев.
Тој додаде дека како резултат на договорот уште од утре ќе се започне со спроведувањето на важните законски процеси во парламентот, кои се однесуваат на клучните теми, како изградбата на клиничкиот центар, економијата, изборите…
Заев потсети дека делот со одблокирањето на Собранието е многу важен бидејќи со него практично ќе се постигне и напредок во овозможување на петтиот економски пакет мерки со што ќе се ублажат негативните ефекти на пандемијата врз нашата економија.
Инаку, првпат по формирањето на новата влада на СДСМ и ДУИ, Заев и Мицкоски седнаа на иста маса, но овој пат без придружници од нивните табори.