Една недела кампања

Претставувајќи ги кандидатите за градоначалници на претстојните локални избори, партиите ја заокружуваат првата недела од предизборната кампања.
Кандидатите и лидерите на политичките партии ги промовираат своите програми, нудејќи решенија за проблемите на граѓаните во општините.
Традиционално, големите партии и коалиции организираат посети на сите градови преку масовни собири и митинзи, а помалите партии и независни кандидати повеќе се фокусирани на мали средби со граѓани, а некои партии го користат и интернет-просторот за промоција на своите програми.
И во оваа изборна кампања не изостануваат меѓусебните навреди и обвинувања, но во фокус се и ветувања преку кои на гласачите им ја нудат својата програма.
Локалните избори оваа година ќе се одржат на 17 октомври. На овие избори првпат ќе бидат применети уреди за биометриска идентификација на гласачите.
Најактивни со предизборните митинзи се коалициите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, кои во еден ден преку два посебни карвани, од кои едниот го водат лидерите Мицкоски и Заев, а вториот, потпретседателите Александар Николовски и Сања Лукаревска, обиколуваат по неколку општини, со централен митинг на вечер во поголемите општини. Паралелно со партиите, главна битка за изборите водат кандидатите за градоначалник на Скопје, каде што учествуваат 12 кандидати.
Албанските политички партии, ДУИ и Алијанса за Албанците со Алтернатива, претежно се сконцентрирани во средините со доминантно албански гласачи, како што се Тетово, Гостивар, Пласница, Долнени.
Коалицијата на ДОМ и ЛДП, „Одлучно за промени“, како и Левица се сконцентрирани на помали срeдби со грaѓани.


СДСМ со слоганот најдоброто за вас

СДСМ ја почна кампањата од Битола, а досега беше во Скопско, Кумановско, Струмица, Гевгелија.
Премиерот Зоран Заев, наедно и лидер на политичката партија СДСМ, завчеравечер се обрати пред граѓаните од Гевгелија. Испрати порака дека во изминатите години се реализирале работи коишто не било можно да се реализираат со децении. Тој претходно присуствуваше во Валандово, Дојран и во Богданци, каде што ги презентираше кандидатите за градоначалници од тие општини.
– Од независноста до денес, не постои политичка понуда, опција, партија или идеја којашто добила повеќе гласови на кој било изборен циклус. Денес, по три години, Република Македонија, целиот наш народ, сите граѓани, секој од нас, имаме голем заеднички успех. По 20 години имаме и успешен попис – истакна Заев.
СДСМ, како што рече, инвестира во сегашноста и создава иднина.

Шилегов во трка за втор мандат

Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, предводена од СДСМ во Скопје, со скопскиот градоначалник Петре Шилегов, остварува повеќе средби со жителите од повеќе општина. Од Бутел порача дека таа е една од општините со најмногу важни капитални проекти и затоа најбрзо се развива.
– Во Бутел изминатиот мандат вложивме многу. Скопје веќе не е за едни мајка, а за други маќеа – потенцира Шилегов.
Тој посочи дека во наредниот мандат ќе го пробијат булеварот Хрватска и ќе го продолжат бул. Словенија до Ѓорче Петров, а со тоа северниот магистрален прстен конечно ќе стане целина.
– Со тоа се остварува долгогодишниот сон за поврзување на Бутел и Автокоманда, со булеварско решение од булеварот Босна и Херцеговина и Христијан Тодоровски-Карпош до Естекада. Новиот булевар оди заедно со нови линии на јавниот превоз, нови велосипедски и пешачки патеки – најави Шилегов.


ВМРО-ДПМНЕ со слоганот „Промени за иднината“

ВМРО-ДПМНЕ ја почна кампањата од Охрид, а досега беше во Ресен, Неготино, Кавадарци, Виница и во Кочани.
Лидерот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, Кристијан Мицкоски, од централниот митинг во Кочани порача дека на овие избори не само што ќе се избираат нов градоначалник и нови советници туку граѓаните ќе одлучат по каква патека ќе се движи државата.
Како дел од завчерашната агенда, Мицкоски беше во посета на жителите од Чешиново-Облешево, Виница и Зрновци.
– Кога зборуваме за патриотизмот, сакам да зборувам за заеднички успеси, да ги вратиме дома добрите луѓе коишто се иселија од нашата Македонија, затоа што дома каменот тежи. Заеднички патриотизам е да бидеме без предрасуди, народот да има повеќе пари во џебот, да има повеќе можности за развој, да донесеме инвестиции, да отвориме повеќе работни места. Потребна е нова иднина, потребни се промени – нагласи Мицкоски.
Од Виница порача дека овие избори се шанса за промена.

Арсовска со кампања од врата на врата

Независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, секојдневно е на теренски активности од врата на врата, како дел од нејзината изборна кампања за градоначалник на градот.
Арсовска вели дека е потребно да се вложува во сите делови од градот еднакво, за рамномерно унапредување на квалитетот на животот на скопјани.
Недозволиво е во 21 век да имаме општини во Скопје со услови за живот како да сме еден век назад. Недозволиво е граѓани да газат по кал, да има неасфалтирани улици, да нема вода за пиење, а да велиме дека Скопје е нашата метропола. Граѓаните со кои се среќавам секојдневно не бараат многу. Тие бараат човек, менаџер на градот што ќе работи исклучиво на унапредување на квалитетот на животот за сите нив, кој ќе придонесува кон секојдневен раст и развој на градот, а со тоа и граѓаните ќе бидат горди дека живеат токму во Скопје. Доаѓа време на брзи и ефикасни решенија – вели Арсовска.


ДУИ со зелена агенда како адут

Демократската унија за интеграција (ДУИ) пред неколку дена во Тетово одржа партиска конвенција на која беа претставени Теута Арифи како кандидатка за градоначалник и кандидати за членови на Советот на општината. Претседателот Али Ахмети, лидерот на партијата, неколку дена потоа, промовирајќи ја зелената агенда во скопски Бутел, порача дека тој и неговата партија направиле многу чекори.
– Презедовме чекори и ги туркавме барикадите, направивме километарски чекор. Зелената агенда значи живот, дали беше потребна храброст, се разбира, да се продолжи животот и да се разубават родното место и соседството на градот – рече Ахмети.
Досегашната градоначалничка на Тетово, Теута Арифи, рече дека нема дилема за победникот и дека ќе го добие и следниот мандат, иако партијата е сама на избори без коалициски партнери.
– Среде пандемија воспоставивме јавен превоз, го асфалтиравме патот до Шипковица, успеавме да отвораме градинки во селата и многу други работи. Сето ова е мотив за оваа млада екипа на советници. Денес е можност за еден нов свет. Јас велам и дека има многу да се работи. Јас сум тука пред вас, кандидат сум по третпат, затоа што вие ми ја дадовте таа чест, Тетово е универзитетски град, град на промени, им благодарам на граѓаните и да им порачам дека може заедно, и мажи и жени, да направиме и повеќе – истакна Теута Арифи.


Левица со програма во десет поглавја

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, на овие локални избори очекува добар резултат. Програмата на Левица опфаќа повеќе мерки за општините, кои се темелат на законските надлежности на општините.
Тој кажа дека за разлика од досегашните советници изминативе 30 години, Левица нуди некомпромитирани, образовани млади кадри, познати по непоткупливост.
– Сметаме дека тие ќе бидат бастионот што ќе ги помати сметките на големите партии, во спротивно црно ни се пишува – кажа лидерот на Левица.
Апасиев изјави дека во согласност со Законот за локална самоуправа, програмата на Левица е поделена на десет поглавја, кои опфаќаат сè што е во надлежност на општината, 15 ударни мерки, меѓу нив е-општина, проект за дигитализација на услугите, за да нема редици на шалтер, борба, како што кажа, со урбаната мафија, ревизија на ГУП-ови и ДУП-ови, ширење на велосипедските патеки, заштита од бучавата од кафетериите и верските објекти, проект за меѓугенерациска солидарност, враќање на заборавените пензионерски домови во градовите – посочи Апасиев.


ЛДП и ДОМ со слоганот „Одлучно за промени“

Движењето „Одлучно за промени“ на локалните избори има 18 кандидати за градоначалници и 51 советничка листа.
Дигитални отворени општини и зелена агенда се двата постулата на кои се темели изборната програма на ова движење. На овие избори коалицијата на ДОМ и ЛДП настапува самостојно.
Одлучни сме да ги донесеме промените во нашите општини, кои на сите ни се потребни за да можеме да имаме здрав и квалитетен живот. Направивме моќна политичка групација на силни индивидуи, интелектуалци, луѓе што размислуваат со сопствената глава – беше кажано на првиот митинг на движењето „Одлучно за промени“.
Претседателката на ДОМ, Маја Морачанин, рече дека е време конечно да ги дигитализираме нашите општини, бидејќи и ние и поколенијата коишто доаѓаат по нас сакаме да живееме во модерни современи средини.