Образложението на комисијата за ова ограничување на движењето е да се спречат групирањата што се прават во ноќните часови, пред сѐ, од младите, кои не ги почитувале мерките. Но многумина прашуваат зошто токму сега се предлага една ваква мерка и какви ефекти ќе се постигнат со неа
КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ПРЕДЛАГА НОВИ РЕСТРИКТИВНИ МЕРКИ ПРОТИВ КОВИД-19
Ќе донесе ли новата предлог-мерка за воведување полициски час, од 22 часот навечер до 5 часот наутро, смирување на ситуацијата со ширењето на заразата со ковид-19 или, пак, враќањето на оваа мерка речиси по десет месеци ќе биде нов удар и шок за економијата без конкретни ефекти по општата здравствена состојба? Има ли Комисијата за заразни болести направено анализа за ефектите од оваа мерка или таа се предлага како компензација на тоа штo државата сѐ уште не успева да набави доволно вакцини. Последниот збор ќе го има Владата на денешната седница, но предлог на Комисијата за заразни болести е полицискиот час да почнува од 22 часот и да трае до 5 часот наутро секој ден, без конкретен датум до кога ќе се применува оваа мерка.
Образложението на комисијата за ова ограничување на движењето е да се спречат групирањата што се прават во ноќните часови, пред сѐ, од младите, кои не ги почитувале мерките.
Но многумина прашуваат зошто дури сега се предлага враќање на полицискиот час, кога во државата групирања на млади во вечерните часови има практично од летото 2020 година, досега комисијата тврдеше дека нема потреба од рестрикции на движењето.
Инаку, бројот на нови случаи изминатата недела се движи над 700 позитивни секој ден. Досега вкупниот број на позитивни на ковид-19 во земјата е над 107 илјади лица.
Министерот за здравство Венко Филипче образложи дека овој предлогот на комисијата е поради тоа што изминативе недели најмногу инфицирани има поради трансмисија на вирусот преку собири, но и непочитување на воведените мерките за носење заштитна опрема, држење дистанца и негрупирање.
– Анализите на комисијата утврдиле дека поради непочитување на мерките ке има нови случаи на заразени, но и зголемен број на хоспитализирани, од таа причина комисијата смета дека една ваква ригорозна мерка ќе има ефект – посочи Филипче.
Микробиологот Никола Пановски вели дека оваа мерка ја предлагал уште есента минатата година, но не знае од кои причини не се донела тогаш, зашто во тој период била и повеќе од потребна отколку сега.
– Оваа мерка сега нема да влијае драстично на економијата, односно е единствена можна состојба што може да се спроведе, а економија не би имала големи последици – посочува тој.
Вели дека на овој начин ќе се сузбие собирањето на младите во вечерните часови, за кои се смета дека во последниот период го шират британскиот сој, а потоа им го пренесуваат на повозрасните и поризични лица дома.
– Полицискиот час делумно ќе влијае на бројот на нови позитивни случаи. Но се надеваме дека на овој начин ќе се спасат животите на ризичните групи граѓани – додава Пановски.
Сепак, вели дека оваа мерка ќе овозможи и редовно следење на наставата, особено кај средношколците и студентите.
Според здравствените експерти, изминатиот период бројот на позитивни случаи, но и на починати лица расте, што за нив е еден доказ дека земјата повторно е во некој трет бран.
Досега вакцини имаше само за здравствените работници, а од среда ќе почне и вакцинирањето на ризичните категории граѓани со 3.000 вакцини добиени од Русија.
Според извештаите на Министерството за здравство, во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 517 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.
– Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот што се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 860 и има околу 370 празни болнички кревети во ковид центрите – соопштија од ресорното министерство.
Полицискиот час, кој, во најголемиот дел од март до мај траеше од 19 до 5 часот, престана да важи на 27 мај по 66 дена откако беше воведен на 22 март 2020 година. Тогаш, техничкиот премиер Оливер Спасовски порача дека се работи за опстанокот на граѓаните, на економскиот систем и на државата.
Речиси два месеца или 66 дена подоцна, Спасовски рече дека состојбата со епидемијата е под контрола, а бројот на активни случаи е стабилен.
Заклучно со денот кога беше укинат полицискиот час во Македонија, од коронавирус беа заразени 2.014 луѓе, од кои 445 беа во активна зараза, а 116 луѓе починаа.
Во тој период, пред сѐ околу верскиот празник Велигден и околу Први мај, полицискиот час и карантините траеја и по неколку дена.