Станува сосема јасно дека ваквото истакнувањето на чисто етнички политички линии, на што асоцира најавената средба на албанските политички лидери, води во насока на поделба на државата и ја зголемува недовербата меѓу етничките заедници. Според политиколозите, ваквите средби и иницијативи, со кои акцентот се става врз етнички карти, не му одат никому во прилог и треба да бидат отфрлени и осудени
ПО ТИРАНСКАТА, НА ПОВИДОК И СКОПСКА ПЛАТФОРМА НА ПАРТИИТЕ ОД АЛБАНСКИОТ БЛОК
Поканата на претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети до лидерите на албанските политички партии во земјава за заедничка средба утре во Скопје, во јавноста е пречекана со доза на сомнеж и стравување дека повторно се договара платформа, која ќе биде основа за идната владина коалиција, а чии постулати повторно ќе се темелат само врз задоволување на одредени етнички барања на Албанците, наместо на исполнување на реформските процеси во државата.
Индикативно е што слична ситуација имаше и минатите парламентарни избори, кога во време кога се калкулираше за идната владина коалиција, албанскиот премиер Еди Рама ги собра лидерите на албанските политички партии од Македонија на средба во Тирана, од која произлезе таканаречената тиранска платформа, која прекуноќ стана услов за преговори за идната македонска влада.
Станува сосема јасно дека ваквото истакнувањето на чисто етнички политички линии, на што асоцира најавената средба на албанските политички лидери, води во насока на поделба на државата и ја зголемува недовербата меѓу етничките заедници.
Тоа, пак, може да води кон федерализација и поделба на државата. Дали тоа е заднината на ваквата инцијатива на ДУИ, која како повеќе да се залага за дезинтеграција и разнебитување на државата.
Не е чудно ваквиот состанок да се толкува и како еден вид провокација и притисок за да се инспирира и паралелна средба на лидерите на македонските политички партии, кои по ист принцип може да испорачаат свои услови, дотолку повеќе што бројот на освоени мандати кај македонскиот политички блок далеку го надминува оној во албанскиот.
Претседателот на СДСМ Зоран Заев коментирајќи ја поканата на Ахмети до албанските лидери во земјава за средба на денот кога е потпишан Рамковниот договор, рече дека гледа притисок во ваквиот потег на ДУИ.
– Повикот на ДУИ да се состане со сите политички партии на темата претседател на Владата на предлог на ДУИ, да, го чувствувам како притисок. Понатаму нема да разговарам, сакам да дадам шанса на разговорите, нормално е заради тоа што може и сите политички партии што се претставници на неалбанските граѓани во државата, од неалбанската етничка заедница, значи може и тие да се соберат. Значи, можеме ние и со претставници на бошњачките партии, и со ВМРО-ДПМНЕ и со турските партии и слично, треба да се води грижа и за тоа. Ако е поводот Охридскиот рамковен договор и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ треба да бидат таму – изјави Заев.
Политиколозите со кои се консултиравме оценуваат дека ДУИ со ваквиот потег повеќе прави притисок врз СДСМ, отколку врз македонската заедница, но и се согласни дека повторно се враќа етничкиот наратив во политиката.
– Сметам дека ова што сега го прави ДУИ е чисто политичка иницијатива, а не етничка, да ги обедини албанските политички лидери околу нивната идеја за премиер Албанец. Вакви обиди имаше и во предизборната кампања, а има и сега. Тоа е притисок повеќе кон СДСМ, отколку кон македонската заедница – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Тој додава дека е лошо што сега повторно се вратил етничкиот наратив.
– Лошо е што сега вративме еден етнички наратив за кој мислевме дека го надминавме во изминатите изборни циклуси. Сега повторно се враќа тој наратив и тоа не е добро – смета Арсовски.
Според Марко Трошановски од Институтот за демократија, доколку се реализира ваквата средба што ја најави Ахмети, таа треба да биде осудена од политичарите во земјава.
– Ако се случи ваква средба во Скопје, мора да биде осудена од политичарите. Но кај нас е малку ризично еднострано да се осуди, оти тоа креира етнички тензии. Свесни за тоа, албанските партии, особено ДУИ, во овој момент се обидуваат етничкиот раздор да го вратат на политичката сцена и преку тоа да владеат, односно да доминираат со албанскиот кампус – вели Трошановски.
Тој додава дека целта е да се продолжат националистичките политики во партиските програми оти реално нема што друго да им се понуди на граѓаните.
– Сите насоки што ги турка Заев во насока на исклучување на национализмите од партиските програми, не ветуваат иднина за ДУИ и за другите партии, кои, освен етничка магла, нема што друго да им продаваат на луѓето. Мора да изумрат етничките партии инаку нема иднина за земјава, ќе се истепаме сами меѓу себе порано или подоцна. Оваа средба, повторно ќе кажам, доколку се случи, треба да биде осудена особено ако поводот се Охридскиот рамковен договор и годишнината од истиот тој бидејќи целосно ги извртува придобивките од договорот, заслугите на оние што стигнале до тој договор и повторно акцентот го става врз етнички карти што не му оди никому во прилог – заклучува Трошановски.