Фото: Игор Бансколиев

Викендов зад нас бележиме особено богата активност на политичките партии, што дојде по најавата на премиерот Зоран Заев за оставка. Како ретко кога досега за време на викенд буквално сите партии имаа забележителна активност, проследена со партиски соопштенија или прес-конференции

Изминативе неколку дена, а особено викендов што е зад нас, јавноста како ретко кога досега беше исклучително мобилна. Како резултат на тоа, јавноста со големо внимание ги следеше изјавите на лидерите на партиите, прес-конференциите, па дури и партиските соопштенија. Јавноста сакаше да ги слушне различните мислења во врска со новонастанатата ситуација по најавата на Зоран Заев дека ќе поднесе оставка од функцијата премиер, но и од лидерското место во СДСМ, како последица од резултатот на локалните избори.
Во продолжение ви пренесуваме само дел од она што беше деновиве пласирано во јавноста од партиски извори.


ВМРО-ДПМНЕ: Ќе поднесеме иницијатива за недоверба на Владата

Денеска, најдоцна до 14.30 часот, во Собранието ќе биде поднесена иницијативата за гласање недоверба на Владата, најави вчера на прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски. Тој притоа рече дека прво ќе се почека премиерот Зоран Заев да го исполни ветувањето и да ја достави најавената оставка. Наедно, ги повика и другите пратеници, покрај оние 61, кои, како што напомена, се веќе дел од мнозинството, да им се придружат.
– Отворена е вратата за секој што мисли дека оваа влада на Заев не е добра. Секој што ја поддржува оваа влада, нормално дека нема да биде дел од пратениците што ќе гласаат недоверба. Тука не постои политичка партија, туку се работи за пратеници. Вкупно 61 застанаа зад иницијативата. Ги повикувам и другите да се придружат – истакна Мицковски.
Од партијата што во петокот вечерта објави дека има ново парламентарно мнозинство посочија дека имаат поддршка и од коалицијата „За обнова на Македонија“. Во соопштението до јавноста, кое вчера го испрати ВМРО-ДПМНЕ, повторно посочија оти е формирано ново мнозинство за да падне владата на Зоран Заев. Велат дека опозицијата ќе се обиде да формира ново мнозинство, кое треба да го отслика расположението на граѓаните и да ги реализира потребните реформи.
– Народот избра промени. ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса, Алтернатива, Беса и Левица формираа мнозинство за пад на владата на Заев. Доколку таквата влада не може да ги гарантира тие работи, треба да се оди на предвремени парламентарни избори. ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на европската агенда на државата. Насочени сме кон борба со корупцијата и криминалот, раст и развој на економијата и ефикасен правен систем. Тоа се начелата за кои се бориме и кои ќе ги применуваме. СДСМ ги плаши граѓаните со лепење етикети на ВМРО-ДПМНЕ, но реалноста е дека СДСМ се плашат само да не ја загубат фотелјата. Борбата на СДСМ е за криминал и тендери. Надежта е родена. Македонија бара промени – се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.


СДСМ: Мицкоски има само и единствено желба за власт, нема тука принципи

Од своја страна, со официјално соопштение се огласи и СДСМ. „Деновиве ќе покажат дали ќе се избере нова антидемократска, анти-Преспа, анти-НАТО и анти-ЕУ Влада, дали Мицкоски има капацитет и одговорност. Информациите што вчера се појавија во јавноста, дека дел од пратениците што се потпишале биле злоупотребени, кажува за какви ’принципи‘ станува збор. Со партнери што се против НАТО, кои се против Договорот од Преспа, кои се против концептот едно општество за сите, против членството во ЕУ, јасна е агендата на Мицкоски. Нема тука никакви политички идеи, никакви вредности, нема политички принципи, платформа, Мицкоски има само и единствено желба за власт. Конфликтот на ставови, конфликт на политики и конфликтот на вредности на сите овие политички субјекти не може да испорача ништо за интересот на граѓаните, ниту пак за националните интереси на државата. СДСМ како партија, која е на страната на граѓаните, на националниот интерес и напредокот на државата, ги повикува на соработка сите прогресивни демократски сили и сите пратеници што се за европска иднина на нашата држава, за правда и економскиот напредок“, се вели во соопштението.


ДУИ: Државните интереси секогаш пред партиските

– Ова е средба на највисокиот орган на ДУИ за да се согледа и анализира состојбата бидејќи сакаме да ги ставиме државните интереси пред партиските за да се оствари датумот со ЕУ и решавањето на проблемот со Бугарија, но и за државата да функционира нормално – изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од Тетово.
– Не сме загрижени за состојбата со опозицијата. ДУИ секогаш ги става државните интереси пред партиските. Затоа целта е како да се создаде нормална состојба во интерес на стабилноста – додаде Ахмети и ги демантираше информациите дела пратеници од ДУИ ќе преминат во новото парламентарно мнозинство.


Левица: Ова мнозинство не значи коалицирање

„Овој договор, во ниеден случај, не значи коалицирање, и е со единствена цел – да се урне хибридниот режим на ДУИ и СДСМ. Левица и понатаму, односно и на идните парламентарни избори, ќе настапува самостојно – како единствен политички претставник на македонската угнетена класа. Со обезбедување на потребното мнозинство во Собранието загарантирано е распуштање на Владата преку гласање на недоверба – во случај премиерот Зоран Заев да не ја поднесе својата оставка, која ја најави вечерта по вториот круг гласање на локалните избори. За идните избори и тоа кој и како ќе ги организира, претстојат понатамошни преговори во рамки на новото мнозинство“.


Алијанса за Албанците: Создадовме ново мнозинство

– Политичките партии што не беа дел од злото што го произведоа хибридниот режим меѓу најкорумпираните во светот, ги надминаа разликите и создадоа ново мнозинство, на кое ќе продолжат да се додаваат прогресивни и храбри луѓе. Државата ќе има нова влада без СДСМ и ДУИ и нема враќање назад – порачаа од Алијанса за Албанците. Градоначалникот на Гостивар и генерален секретар на Алијанса, Арбен Таравари, посочи дека освен „сигурните“ 61 пратеник, се преговара и со неколку пратеници на СДСМ, кои, според него, биле разочарани од партијата.
– Имаме ново мнозинство што во наредните денови очекуваме да порасне до 64-65 пратеници. Преговараме со неколку пратеници. Меѓу нив има и членови на СДСМ, кои се незадоволни од криминалното владеење на СДСМ и на ДУИ. Мислам дека најпрво треба да се случи промената, државата да се декриминализира и да почне да чекори по вистински пат – изјави Таравари за „Канал 77“.


Алтернатива: Секоја опозициска партија има должност да го смени мнозинството

Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, во телевизиско гостување изјави дека една опозициска партија не може да не потпише иницијатива за рушење на власта.
– Поведена е иницијатива за рушење на актуелната власт. Ние како опозициска партија не можеме, а да не ја потпишеме иницијативата за рушење на власта. Секоја опозициска партија има должност да го смени мнозинството. Ова е првиот чекор. Исто така докажавме дека имаме 61 пратеник, а верувам дека во иднина бројката ќе се зголемува. Мора да се следат процедурите доколку има нова влада, ново мнозинство што го следи евроатлантскиот курс, што не е отстрането од нашите интеграции во ЕУ, односно од основните принципи што ги имаме со нашите партии, но и што ги имаме дефинирано како држава. Секако дека можеби нема да има ново мнозинство, но да не се откажуваме од нашите партиски принципи – вели Гаши.