Кодексот за фер и демократски локални избори политичките партии го потпишаа вчера во Клубот на пратеници. Со потпишувањето, политичките партии се обврзуваат на демократски изборен процес во кој ќе се почитуваат основните човекови права и слободи, со цел постигнување транспарентни, инклузивни и отчетни избори.
Сите учесници во изборите се обврзаа да го почитуваат законот, да не ги користат државните капацитети и потенцијали коишто им припаѓаат на сите граѓани, за фер натпревар и еднаквост на силите на сите кои учествуваат во кампањата. На овој начин се зацврстуваат фундаменталните вредности на демократијата и се придонесува за градењето на довербата во изборниот систем. Оваа година за прв пат беше воведена потточка за дискриминација по род со што Кодексот се проширува за уште една важна категорија.
Исто така, новинарите, уредниците и раководството на медиумите потпишаа Повелба за етичко известување за изборната кампања, обврзувајќи се на објективно, вистинито и навремено информирање, имајќи целосна одговорност и свесност за нивната улога околу претстојните локални избори во државата.
Mедиумските работници ја прифатија Повелбата и беа согласни дека во работата на медиумите ќе се почитуваат принципите на урамнотеженост, на јасна дистинкција меѓу информациите и коментарите, на чесност и независност, на професионална солидарност, на уредувачка независност и професионален интегритет, на почит и толерантност, на еднакви можности на жените и мажите како и на слобода и одговорност.
Настанот беше одржан во соработка со Државната изборна комисија, Советот за етика во медиумите во рамки на кампањата „Заокружи НЕ за насилство врз жени во политика“ како дел од проектот WoMеn Lead (#WoMеnLead), спроведен од Националниот демократски институт (НДИ) со поддршка од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Сида).