Политичкиот маркетинг создал нереални надежи и очекувања во Македонија дека со Преспанскиот договор се исполнети сите услови за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ, а Франција била ставена во позиција да одговара за нечии туѓи ветувања, кои не биле нејзина перспектива. Со ваков став францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние, вчера пред македонските новинари се обиде да го амортизира разочарувањето во македонската јавност.
Сепак, амбасадорот Тимоние не отстапи од официјалната француска позиција дека не треба да се даваат нереални надежи во поглед на условите за македонските евроинтеграции.
– Ги следевме сите реакции, а првата е разочарување. Одредени лица дадоа ветувања, а потоа ја префрлија грижата на други. Сега и тие треба да преземат одговорност, а јавноста беше подготвена, што беше дополнителен притисок другите земји членки за да се изјаснат позитивно. Требаше да се разговара за реформите, а потоа се случи чудна промена – дека поради Преспанскиот договор требаше да се даде позитивна оцена. Тоа не беше кажувано само од власта туку и од земјите-членки. Се соочивме со прашања од геополитичка или геостратегиска точка. Тоа не беше француската перспектива. Мислам дека перспективата, која отсекогаш била јасна кај француската страна, им беше пренесена на грчките и на македонските соговорници, но таа беше загубена патем. Ако јас треба да ги објаснам емоциите, ќе кажам дека разбирам и чувствувам. Кога три години го споделуваме животот со еден народ, ги споделуваме и разочарувањата. Но има дипломатска област, политички разговори за иднината на ЕУ. Таа иднина се подготвува во перспектива со нови земји-членки. Во тек се разговори за брегзит, за финансискиот колач и сето тоа има влијание врз проширувањето. Мислам дека треба да извлечеме поука од сето тоа, поука за нас, за моите власти, но и за тие што можеби од невнимание дале надежи. Тие надежи остануваат наш фокус, станува збор само за една етапа, тоа е пораката што сакам да ја пренесам до вас – рече Тимоние на средбата со новинарите.
На новинарските забелешки дека Франција не го вреднувала успехот на Македонија во реформите, кој го констатирала и Европската комисија во својот извештај, а со тоа како да сака од земја пример во регионот да ја врати на состојбата кога била земја блокирана со проблеми, амбасадорот Тимоние реплицира дека формулацијата земја пример е претенциозна. Што се однесува до извештајот на ЕК, Франција го цени и почитува, но од тоа не прави идеологија и, сепак, врши сопствени анализи и процени за напредокот на земјите-кандидати.
– Добро е да си мислите дека сте држава што служи за пример. Тоа го одржува моралот. Навистина беа направени храбри чекори, а тоа беше признаено и од претседателот Макрон. Но не сум сигурен дека во регионот може да има држава пример, зашто секоја земја се соочува со свои специфични проблеми и бара решенија на свој начин.Тоа е избрзана терминологија – констатира Тимоние и наведе дека треба да се продолжи со реформите во судството, кои се од суштинско значење за исполнување на критериумот владеење на правото.
Во однос на идејата од самитот во Брисел за раздвојување на Македонија и Албанија од пакетот за проширување и неприфаќањето на таквиот предлог од страна на Франција, францускиот амбасадор објасни дека тоа се должи на „потребата од зачувување на рамнотежата во регионот“.
– Секоја држава одделно треба да се оценува, но не можеме да го избегнеме глобалното прашање за регионот. Треба да се најде вистинска рамнотежа на таа динамика. Очигледно е дека не може да не се земе предвид тенденцијата што постои во таа земја (Албанија, н.з.) и ризиците во регионот за распределба на идеолошки карти под агол што претставува своевидна опасност. Не може да ги гледаме изолирано случаите, туку постои поврзаност меѓу кандидатите, Македонија не е сама. Храбро решава одредени проблеми, но дури и да успее сама да ги реши, нема да се спаси самата – рече Тимоние, објаснувајќи дека во регионот сѐ уште постојат премногу отворени прашања.
И покрај другите приоритети на Франција во однос на реформите во ЕУ, креирањето нова методологија за преговори со земјите-кандидатки, Тимоние истакна дека француската визија е да се интегрира регионот и дека оваа зона на Европа не може да се остави како сива зона.
На најавите дека францускиот претседател Макрон би можел да ја посети Македонија, Тимоние изјави дека таа намера била кажана пред да бидат најавени предвремени избори во земјава. Со оглед на чувствителноста на предизборниот момент, амбасадорот не е сигурен колку е соодветна посетата на францускиот претседател во таква ситуација.
Сепак, Тимоние испрати и охрабрување дека темата за проширувањето „не е затворена кај претседателот Макрон“.
– Вие работете на реформите, а ние на методологијата – порача Тимоние, потсетувајќи дека „пред нас е Загреб“, односно самитот на ЕУ во мај, наредната година, каде што земјите-членки повторно ќе се навратат на датумот за преговори со Македонија и Албанија
– Макрон ги призна реформите, но и ние не сме подготвени. Ќе влезете во реновирана структура – рече францускиот амбасадор.
Франција нуди специјално партнерство наместо полноправно членство?
Франција почнала неофицијални дипломатски консултации на одредени земји од Западен Балкан, наместо полноправно членство, да им понуди привилегирано специјално партнерство, тврди српскиот весник „Независне“. Според овој предлог, како што се наведува, на земјите од Западен Балкан би им биле понудени финансиска помош, посебни аранжмани за пристап на европските пазари и други погодности во замена за повлекување од полноправното членство.
Како што пренесе весникот, Франција се наоѓа под притисок на европските партнери на европскиот самит во март идната година да отстапи од својот тврдокорен став и да им одобри на Македонија и Албанија почеток на преговорите, а преостанатите проблеми да се решаваат за време на преговорите. Затоа изборите во Македонија се закажани во април, за да се види дали ЕУ во март ќе одобри отворање на претпристапниот процес, пишува „Независне“.