Реконструкцијата се случува по најавите на премиерот уште во периодот меѓу двата круга на претседателските избори дека е потребна „метла“ за некои луѓе што не испорачале резултати. Новите, во пакет со старите високи државни функционери, треба да обезбедат ефикасни динамични преструктурирања, со тежиште во економијата, стопанството и финансиите, при што граѓаните и домашните стопански субјекти ќе почувствуваат значаен и очигледен исчекор по однос на сите релевантни показатели
Премиерот Зоран Заев викендов го достави до Собранието предлогот за реконструкција на Владата, а веќе од утре треба да почне собраниската расправа за новите министри.
Според предлогот на Заев, на местото на Љупчо Николовски, за нов министер за земјоделство е предложен Трајан Димковски, Насер Нуредини ќе го преземе ресорот за животна средина и просторно планирање, Хусни Исмаили за култура, Горан Милевски за локална самоуправа, додека Садула Дураки за политички систем и односи меѓу заедниците.
Реконструкцијата се случува по најавите на премиерот уште во периодот меѓу двата круга на претседателските избори дека е потребна „метла“ за некои луѓе што не испорачале резултати. „Метењето“ беше одложено, бидејќи се чекаше одлуката на Европскиот совет за доделување датум за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, но кога не се случи тоа, Заев објави дека ќе ја реконструира Владата, иако претходно спомена дека би можел и да го врати мандатот и некој друг да ја преземе премиерската функција.
Јавноста особено беше заинтригирана од одлуката на Заев, покрај премиерската функција, да ја врши и функцијата министер за финансии, нешто што досега се нема случено во македонската плурална историја.
– Оваа одлука ја донесов поради тоа што оваа година ќе биде година за економијата. Тевдовски ќе работи околу мене, како советник. Следуваат храбри одлуки, од кои бенефиција ќе имаат сите граѓани – порача Заев изминатиот викенд од Валандово, образложувајќи ја одлуката тој да го преземе менаџирањето со државните пари.
Според дел од политичките аналитичари и коментатори, повеќе станува збор за меѓукоалициска распределба на луѓе отколку на реални промени во ресорите во кои биле регистрирани слабости. Некои од нив се загрижени и поради концентрацијата на моќ што ја прави Заев.
– Оваа реконструкција повеќе личи на политички договор меѓу коалициските партнери или на некаква нова прераспределба на политичките односи внатре меѓу коалициските партнери, отколку на некакви реални согледувања на слабостите во ресорите во кои се направени промените – смета политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.
Тој додаде дека премиерот сѐ уште не дал никакви објаснувања за промените, односно не образложил за секој министер одделно зошто е заменет, не дал ниту појаснувања какви квалификации поседуваат новоназначените министри на ресорите на кои се распоредени, како и за новите предлози и планови на новите функционери за зголемување на ефикасноста за реализација на владината програма.
Според него, не е исклучена можноста премиерот да преземе уште една функција.
– Премиерот може да преземе уште една функција. Тој претходно постојано велеше дека Владата води успешни финансиски политики, а сега со право си го поставуваме прашањето дали со смената на Тевдовски, Заев на некој начин признава дека состојбата со финансиите е многу лоша што мора тој да ја преземе работата или нема други луѓе – констатира Божиновски.
За професорката Билјана Ванковска проблематично е што премиерот, иако принципиелно се залагаше за принципот на „деконцентрација на моќ“, сега всушност прави друго, односно ја концентрира моќта кај себе уште повеќе. Според неа, одлуката на премиерот да ја преземе и функцијата министер за финансии не е спорна од формалноправен аспект, но тоа обично се прави кога ситуацијата бара итност.
– Ако на Груевски му требаа години за да ја „зароби државата“ и поништи принципот на поделба на власта – овој тоа го прави на јуриш. И што е најстрашно: отпор нема! Молк! Или, евентуално, има паѓање во несвест од љубов кон вождот – констатира Ванковска.
Политикологот Благојче Атанасоски го поставува прашањето колку би можел психофизички да издржи премиерот на две функции и притоа да има видливи резултати од неговото работење.
– И да е најдобра намерата на премиерот, прашање е дали психофизички и во практиката ќе може да се извршуваат и двете функции, да „испорача“ резултати и како предводник на извршната власт и како прв финансист во Републиката. Овој „чуден“ политички потег, освен предвидени позитивни страни, крие и негативности што може да се одразат врз функционалноста пред сè на Министерството за финансии – смета Атанасоски.
Според него, суштински побитна работа е дали со оваа владина реконструкција ќе има реални, видливи и практични резултати во работењето на Владата, односно дали граѓаните ќе почнат да ги чувствуваат најавените реформи и подобрувањето на животниот стандард.
Познавачите во економската сфера нагласуваат дека премиерот Заев, со преземањето на Министерството за финансии, пред себе си поставил сериозен предизвик.
– Само по себе, министер за финансии е толку обемна функција и не знам што ќе биде попрво дали премиер или министер… Не станува збор за некое друго министерство, кое може патем да се менаџира, овде треба сериозен и дневен ангажман. Премиерот и досега имаше преголема обврска на надворешен план околу договорите со Грција и со Бугарија и затоа немаше посветеност на внатрешните работи. Но сега, и покрај таквиот ангажман, да презема дополнителни задачи е сериозен предизвик – вели Абдулменаф Беџети, ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа.