Интервју: Аленка Братушек
Аленка Братушек во историјата на својата земја останува забележана како првата жена-премиер, која се нафатила на таа функција во исклучително тежок економски период, кога Словенија сериозно се соочуваше со банкрот и колапс на финансискиот систем. Нејзиниот мандат траеше една година, од март 2013 година до мај 2014 година, а таа е горда што во тој период Словенија со сопствени сили и знаење успеа да ја надмине кризата. Во актуелниов период, кога во Словенија речиси два месеца по изборите не може да се состави влада, а решението се бара во широка партиска коалиција, Партија (Странка) на Аленка Братушек, со пет пратенички места, има голема шанса да биде дел од словенечката влада, а разни политички можности се отворени за неа како партиска лидерка и финансиска експертка што умее да управува со буџетот. Неодамна, во времето на илинденските празнувања, Аленка Братушек ја посети Македонија, што беше и можност да поразговараме за редица актуелни теми
Првпат сте во Македонија, а дојдовте во еден историски пресвртен момент за нашата земја…
– Навистина, така некако се совпаднаа работите. Се согласувам дека ова е историски пресвртен и важен период за Македонија. Јас се надевам, всушност сигурна сум дека луѓето во Македонија го знаат тоа.
Истовремено и во вашата Словенија се случуваат политички превирања во обид за составување влада, речиси два месеца по изборите. Партијата што ја предводите вие има освоено пет пратенички места во парламентот на Словенија и вие сте активно ангажирани во тие преговори за составување влада… Какви се изгледите за влада на широка коалиција во Словенија?
– Два месеца по изборите, треба да се состави коалициска влада. Искрено, тоа не оди баш лесно. Луѓето го кажаа своето на изборите, а сега нам, на политичарите ни останува да го договориме тоа што го сакаат луѓето. Луѓето кажаа дека сакаат некаква влада на левиот центар. Повеќе од 50 отсто од граѓаните на Словенија им искажаа доверба на партиите од левиот центар. Но во тој лев центар, имаме една партија што е сосема ултралево и која сака Словенија да излезе од НАТО, не би дале ниту едно евро за војската, односно за одбрана. И тоа им го ветија на луѓето на изборите. Но секој што сериозно се занимава со политика знае што е држава и дека изборно ветување од типот „нула евра за војска“ е невозможно. Поради таквото нивно ветување, преговорите за владина коалиција се во застој. Затоа секогаш велам дека треба да се даваат реални ветувања.
Вие сте прва и досега единствена жена-премиер на Словенија. Во Македонија, од независноста, досега не сме имале премиерка ниту воопшто жена на највисока државна позиција. Како се создаде политичка ситуација за Словенците да се одлучат за жена-премиер на влада?
– Во 2013 година, нашата земја беше во многу тешка финансиска ситуација. Тогашниот претседател на владата ја губеше довербата во сите од коалицијата и некако сите потенцијални кандидати за премиери отпаѓаа еден по еден. Веројатно, во такви тешки времиња не се најде доволно храброст кај ниту еден политичар да се нафати на таа работа и да преземе одговорност.
Пред вашиот поактивен политички ангажман, вие сте се занимавале со управување на финансиите т.е. сте работеле во Управата за креирање буџет. Велат дека вистинската моќ ја имаат оние што управуваат со парите, а не политичарите. Сепак, вие од светот на финансиите (управувањето со парите) се одлучивте да ѝ се посветите токму на политиката. Каде е всушност вистинската моќ – во парите или во политиката?
– Секако, знаењата што ги стекнав во оние времиња кога работев во финансискиот сектор се многу значајни за мене. И секој политичар, особено премиер на влада, би морал да го владее креирањето и управувањето со буџетот во малиот прст. Всушност, тоа беше мојата голема предност во периодот на мојот едногодишен премиерски мандат. Не е моќта во парите туку треба да се знае колкави се финансиските капацитети на државата што ја води еден политичар, премиер особено. Тоа не се неограничени капацитети. Најпрвин мора нешто да се оствари, па да им се дава на луѓето. Јас како политичарка од левиот блок, би требало да им ветувам на луѓето дека ќе даваме плати, пензии, социјална помош, со најмала ставка од 1.000 евра… Но дали е тоа реално? Ако нема – тогаш нема и треба да се каже вистината, а не да се даваат лажни ветувања.
Колку таквата искреност и соочување со реалноста е прагматичен избор за настап пред гласачите за еден политичар? Обично „тајната на успехот“ во политиката најчесто се потпира на популизам и на ветувања за „ридови и долини“…
– Мислам дека таквата политика е многу неодговорна. Треба да се биде реален, и како политичар да им го ветиш на луѓето само она што по изборите можеш да го исполниш. Знам дека луѓето сакаат да слушнат – ќе ви дадеме сѐ! Но на крајот, секогаш се покажува дека таквиот пристап не поминува. Никако, никаде и никогаш. На прв впечаток можеби изгледа дека популизмот е успешна стратегија за политичари во подем, кои одат на успех по секоја цена, но многу брзо доаѓаат за наплата сметките за лажните ветувања. Јас како политичарка никогаш не сум работела и нема да работам на таков начин, зашто навистина тој популистички пристап е многу неодговорен.
Дали можеби поради вашиот искрен и реален пристап во политиката, да ги соочите граѓаните со реалната состојба во општеството, вашиот мандат како премиерка траеше нешто повеќе од една година?
– Всушност, уште кога ја презедов Владата во 2013 година веднаш реков дека тој мој мандат ќе биде краток. Јас не го добив мандатот на избори, туку една година по изборите. Уште во мојот воведен говор, кога ја презедов Владата, кажав дека мојот мандат ќе трае до предвремените избори. Така што никогаш не беше во игра целосен мандат. Мојата задача беше да ја решам тогашната финансиска криза, за државата да може без поголеми тешкотии да излезе повторно на избори.
Вашиот премиерски мандат се случи додека бевте членка на една друга политичка партија, а потоа формиравте своја партија, која сега вие ја предводите како претседателка. По сите искуства во политиката, се чувствувате ли доволно силна да настапувате како лидерка? Всушност, предност ли е во политиката да водиш своја партија?
– Ако си претседател на една партија, секако имаш поголема одговорност. Барем во Словенија политичкиот амбиент е таков што помалку се гласа за партиите, а гласачите повеќе ја ценат партијата според лидерот. Затоа има и повеќе партии и сега е создадена ситуација да не може да се создаде мнозинство за формирање влада. Во нашата партија има 1.300 члена, а по последните избори добивме пет пратенички места (од 90 места во парламентот) и вторпат сме дел од парламентарниот состав.
Веќе рековте дека еден од предизвиците што се јавуваат во формирањето нова коалициска влада на левиот центар во Словенија е тоа што една од партиите има дадено предизборно ветување за нула евра за војската, што значи и нула евра за НАТО. Но на последниот самит на НАТО, претседателот на САД, Доналд Трамп, категорично инсистираше на зголемување на процентот од буџетот на земјите-членки на Алијансата… Дали сметате дека во поглед на безбедноста само НАТО е релевантната иднина на Словенија, но и на регионот?
– Ако сме искрени, треба да си признаеме дека сите ние членките на Алијансата се обврзавме дека ќе издвојуваме по 2 отсто од БДП за одбрана, односно не само за војската, туку за целиот систем на одбраната. Во сегашнава ситуација, мал е бројот на земјите-членки на НАТО, кои издвојуваат по 2 отсто од БДП. Словенија приближно издвојуваше околу 1 отсто, некогаш повеќе, некогаш помалку. Сега, навистина имаме повисок БДП и можам да кажам дека ни оди добро на економски план, со раст од речиси 5 отсто на нашето стопанство, па за одбрана се издвојува околу 1 отсто. Но и тоа е само половина од процентот за кој сме се обврзале дека ќе го издвојуваме. Јас сум сигурна, дека не само НАТО, туку и ЕУ се гаранција за мир и стабилност, особено во овој наш дел на светот, на Западен Балкан. Така што сум многу задоволна што и Македонија се движи во тој правец. Мислам дека тоа е единствениот вистински пат во подобрата иднина. Сметам дека во оваа последна година, Македонија навистина направи големи чекори кон таквата подобра иднина.
Претпоставувам дека сте запознаени со тежината на моментот за одлука пред која е соочена Македонија во овој период, пред претстојниот референдум. Каква е вашето размислување на прашањето дали од Македонија се бара преголема жртва за членството во ЕУ и во НАТО?
– Сметам дека не сум во позиција да судам што е добро, што не е добро, што е праведно, што не е праведно. Но сметам дека е потребно сите решенија да се бараат на маса. Кога се бара решение, тоа секогаш се наоѓа некаде на средината. Така е секогаш кога мора да најдеш некаков компромис. Често велам дека членството во ЕУ и во НАТО не е само убав и лесен живот. Членството во ЕУ и во НАТО носи обврски што мора да се исполнат. Кај нас во Словенија, честопати се вели дека нешто мораме да направиме поради ЕУ и НАТО. Но пред сѐ ние тоа нешто мора да го направиме поради себе, за нам да ни биде подобро. Сепак, членството во ЕУ и во НАТО е една голема предност за малите држави, особено од овој дел на светот да бидат во една голема заедница, во друштво на најдобрите. Стандардите на ЕУ и на НАТО не се од денес за утре. Тоа не значи дека другиот ден, кога ќе се разбудите по влезот во ЕУ и во НАТО сѐ ќе биде поинаку, но се движиме во вистинска насока.
Верувате во тоа дека стандардите на ЕУ нема да се променат и покрај најавите и барањата за реформи внатре во Унијата?
– Според мене, значи ова е мое мислење, и не е државен став на Словенија, сметам дека не е добро ако ЕУ се согласи на некаква т.н. „Европа со повеќе брзини“. Мислам дека сите мораме да работиме на тоа да бидеме во клубот на најдобрите. Некои веќе се таму, некои ќе бидат таму за година-две, а некои можеби малку подоцна. Но тоа е тој вистинскиот пат! Пред сѐ, ЕУ и НАТО се проект за мир и стабилност. И тоа за овој дел на светот е навистина многу значајно.