Го оценувам ова интервју како навреда за целиот македонски народ, без оглед каде живее, и за сите граѓани на државата Македонија, без оглед на нивната етничка припадност, се вели во реакцијата на професор д-р Ванчо Ѓорѓиев, по повод вчерашното интервју на премиерот Зоран Заев за бугарската новинска агенција „БГНЕС“. Во продолжение ви ја пренесуваме реакцијата во целост.
Во 2007 година, по повод некои други историографски дебати, меѓу другото напишав: „Темата „историја“ во македонската транзиција е неисцрпна; многу натежнала. Но, барем за малку ред, нужна е доблест. Како прво, политичарите да покажат респект кон историјата; да сфатат дека тоа е наука, а не средство за дневно-политички манипулации.
Од друга страна, македонските историчари да покажат доследност, истрајност, непристрасност и објективност; да ги надминат идеолошките предрасуди, да се ослободат од егзибиционизмот и од полтронството. Само така можеме да се доближиме до историската вистина која, сепак, е релативна. Нашата цел е да ја ставиме историјата во функција на иднината – зашто народ без минато, без традиција и култура, без грижа и почит кон сопственото минато, без почит кон сопствените институции, всушност и не е народ. Таквиот народ ќе претставува обична аморфна маса, која ќе ја обликува секој што ќе посака, и колку ќе посака. Секој народ што претендира да го зачува својот идентитет, треба да ја почитува сопствената историска наука. Со тоа ќе си ја обезбеди иднината; во спротивно, ќе стане само дел од историјата, и тоа можеби од туѓа.“
Последново скандалозно интервју пред странски новинар е на пат да го потврди токму она што сум го кажал пред тринаесет години. Ова не, е и не може да претставува притисок врз македонскиот дел од Експертската мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Македонија и Република Бугарија – зашто таа многупати покажа дека не подлегнува на политички притисоци и не прифаќа ултиматуми. Напротив: ова е минирање и поткопување на досегашната работа на македонскиот дел од комисијата.
Го оценувам ова интервју како навреда за целиот македонски народ, без оглед каде живее, и за сите граѓани на државата Македонија, без оглед на нивната етничка припадност; како потоп за македонските политички, културни, научни институции и негација на македонската традиција, историја, култура и идентитет; и најпосле, како понижување за минатите, сегашните, и особено за идните генерации, за кои наводно водиме толкава грижа.
Проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев