Додека бугарската јавност ликува поради ставот на првиот македонски министер за надворешни работи, во Македонија не стивнуваат реакциите на стручната јавност по неговата паушална изјава, која директно ги поткопува историските факти и македонскиот национален идентитет
Бура од реакции се крена во јавноста изминатите денови по изјавата на првиот македонски министер за надворешни работи Денко Малески, дадена за бугарските медиуми, во која вели дека „во минатото сме биле дел од еден ист народ“. Изјавата на Малески доаѓа во време кога се засилува бугарскиот притисок врз Македонија преку условување на евроинтеграциите на земјава со решавање на историските прашања.
– Ние мораме да се приспособиме кон историската вистина дека во минатото сме биле дел од еден ист народ. Тој народ, во залуден напор да избегне поделби и понижувања од соседните балкански држави, кои навалиле врз последната отоманската провинција во Европа, Македонија, спас побарал во, како што вели Крсте Мисирков, идејата за „национален сепаратизам“ и создавање сопствена словенска нација – изјави Малески за бугарските медиуми.
Додека бугарската јавност ликува поради ставот на првиот македонски министер за надворешни работи, во Македонија не стивнуваат реакциите на изјавата, која директно го поткопува националниот идентитет.
– Ваквата изјава е контрапродуктивна бидејќи доаѓа од лице што порано ја претставувало државата како министер за надворешни работи. Неговата изјава сигурно е дадена паушално. Тој видел во „Њујорк тајмс“ еден напис и се повикува на него, а не знае дека во тој весник има многу написи за Македонија каде што се споменуваат и Македонци, каде што Јане Сандански бил претставуван како цар на планините, едноставно за американските новинари Македонија била доживувана како егзотична држава и затоа доаѓале многу дописници и пишувале разни стории – вели Тодор Чепреганов, историчар.
Според него, историјата е наука, а во Македонија со историја се занимава кој ќе стигне.
– Бугарската политика кон Македонија има конзистентност, поточно тие 147 години водат иста политика на негирање кон земјава. Затоа сите написи по весниците треба да се проверат и да се поткрепат со историски документи, а не само да се прочита еден напис и од тоа да се прави генерална констатација. Па замислете, токму во 1942 година американскиот печат го прогласи Дража Михајловиќ за личност на годината во САД. Затоа велам дека историјата е наука и дека работите треба да се проверуваат – додава Чепреганов.
Со сличен став е и професорката на Институтот за национална историја, Наташа Котлар, која смета дека е потребен научен пристап при проучувањето на историјата.
– Не е потребно „само да се кликне“ по белосветските сајтови, за да дознаете нешто повеќе за македонската историја – извори, архивска граѓа, историско пишување. Доволно е да ги прелистате, прочитате, осознаете (компетентно и критички) и нашите богати архиви и научните, образовните и културните институции за да го запознаете научниот опус и на македонската историографија. Секако, ова творештво не е совршено, но е динамично, истражувачко, тековно. Моќта на научната работа е во нејзината дијалектичност и нема место за мистификација или, пак, за догма – вели Котлар.
Таа додава дека доколку некој имал сомнеж за македонската историја тоа можел да го направи и претходно.
– Ако овој господин, имал или сè уште има забелешки или критики кон македонската историска практика, можел да го направи тоа на учен начин (според научни пропозиции), уште во времето кога неговиот татко (авторот на македонската химна) бил уредник на научните списанија за историја, јазик и литература – „Современост“ и „Разгледи“. Исто така, можел да го стори тоа веднаш по надворешнополитичкото патешествие, во 1998 година на научниот собир со наслов „Македонската историска наука – достигнувања и проблеми“. Тогаш по повод 50 години од Институтот за национална историја (ИНИ) се дискутираше за македонската историографија од македонски и од странски историчари, филозофи, лингвисти, правници – нагласува Котлар.