Министри од грчката Влада како позитивен и голем чекор го оценуваат обезбеденото двотретинско мнозинство за уставните промени.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, кусо откако беше соопштен резултатот од гласањето, на личните и официјални Твитер профили се огласија владиниот портпарол Димитрис Ѕанакопулос, алтернативниот министер за надворешни работи Јоргос Катругалос и министерот за дигитална политика Никос Папас.

– Се направи првиот голем чекор за да стапи во сила историскиот Договор од Преспа. Гордо продолжуваме за Балкан на мирот, пријателството и на соработката, напиша Ѕанакопулос.

– Добиено потребното мнозинство за уставни промени во ПЈРМ. Важен и позитивен чекор. Одиме напред, коментираше преку Твитер, министерот за дигитална политика Никос Папас.

– Се потврдува динамиката на Договорот од Преспа во корист на двата народи, но и на стабилноста во регионот, напиша алтернативниот МНР, Јоргос Катругалос и сподели линк со вонредната вест објавена на официјалниот Твитер профил на грчката државна телевизија ЕРТ во однос на резултатите од гласањето во македонското собрание.


Могерини и Хан очекуваат националните процедури за спроведување на Договорот да продолжат без одложувања

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување и соседска политија Јиханес Хан преку заедничка изјава ја поздравија двотретинската одлука на македонското Собрание за пристапување кон измена на Уставот согласно Договорот од Преспа.

– Парламентот на поранешната југословенска Република Македонија направи многу важен чекор кон спроведувањето на Преспанскиот договор преку гласањето за започнување на процедурата за уставни измени. Сега очекуваме националните процедури за спроведување на договорот да продолжат без одложувања, кон усвојување на уставните измени.

Европската унија силно го поддржува историскиот договор потпишан од премиерите Заев и Ципрас во јуни. Потребна е политичка храброст, водство и одговорност за решавање на еден од најстарите спорови во регионот. Оваа одлука беше потврдена со гласањето во Парламентот.

Ова е навистина единствена можност за решително поместување на земјата напред на патот кон Европската унија, како и за помирување во регионот. Европската Унија ќе продолжи да ја поддржува и да ја придружува земјата, сите нејзини граѓани и нејзините институции, наведуваат во заедишката пишана изјава Могерини.


Столтенберг ја поздрави одлуката на македонското Собрание

Генералниот секератар на НАТО Јенс Столтенберг вечерва на Твитер ја поздрави одлуката на македонското Собрание да се пристапи кон измена на Уставот согласно Договорот од Преспа.

– Го поздравувам гласањето на Парламентот во Скопје за предложените уставни измени. На владините и политичките лидери е да ги завршат националните процедури за спогодбата за името и да ја искористат оваа историска можност да ја доведат земјата во НАТО, пишува Столтенберг.