Не треба да реагираме само ние како држава! Европската Унија со сите свои институции, во Европскиот парламент, совет, комисија, треба недвосмислено и принципиелно да реагира на неразумните истапувања што произлегуваат од нејзините редови, од висок „европски функционер“ чии ставови изречени во јавноста го еродираат севкупниот концепт на постоење и функционирање на самата Унија. Таквите ставови не само што ја разнебитуваат ЕУ туку ги разнебитуваат и меѓународниот поредок и право. Колку и да се прочитани и демаскирани политичкиот концепт и стил на бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов, особено неговиот однос спрема македонското прашање, сепак некои од неговите изјави треба да се аларм и во регионален, па и поширок геополитички аспект. Неговата изјава за „двете алтернативи“ на Македонија за ЕУ предизвика внимание во регионалните медиуми поради поигрувањето со ненадминатиот комплекс на Балканот – желбата за големи држави

„Двете алтернативи на Македонија за влез во ЕУ“ во интерпретација на еден „европски“ министер

Најновата тенденција на македонската влада официјалните преговори за надминување на причините за бугарското вето да ги продолжи по парламентарните избори во Бугарија, се чини, нема влијание на воспоставената практика и динамика на бугарските политичари за постојано упатување провокации на тема ЕУ и вето спрема Македонија. Напротив, колку повеќе наближуваат изборите во Бугарија (4 април), сѐ погласни и попровокативни се изјавите на тема Македонија од страна на бугарските политичари, кои се борат за место во идната бугарска владејачка гарнитура, но сѐ уште се актуелни високопозиционирани министри во сегашната влада. Колку и да се прочитани и демаскирани политичкиот концепт и стил на бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов, особено неговиот однос спрема македонското прашање, сепак некои од неговите изјави и понатаму успеваат да предизвикаат извесен степен на алармантност и надвор од македонско-бугарските односи, во регионален, па и поширок геополитички аспект. Неговата изјава за „двете алтернативи“ на Македонија за ЕУ предизвика внимание во регионалните медиуми поради поигрувањето со ненадминатиот комплекс на Балканот – желбата за големи држави.
– Имам разговарано со повеќе политичари од Скопје и им реков дека имаат две алтернативи – за 20 години да се приклучат на Албанија и да станат албанска провинција, или европските интеграции да ги поминат во рамките на единствената бугарска држава – изјави бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, и повторно ги врати на политичката сцена фрустрирачките наративи за голема Бугарија и голема Албанија.
Самото споменување на таквата опција за Македонија во врска со ЕУ, колку и да е провоцирачки мотивирано, во миг кога и меѓународната заедница е заинтересирана за решавање на српско-косовскиот проблем (во кој секогаш се појавува и Албанија), неизбежно ги привлекува вниманието и интересот за аналитичко преиспитување на таквите опции во актуелниот геополитички интерес на големите играчи.

– На прво слушање, изјавите на Каракачанов во Македонија веќе се идентификуваат дека се со провоцирачки намери и во контекст на неговите амбиции за подигнување на својот политички рејтинг пред изборите во Бугарија. Но препознавањето на таквата мотивација не значи дека македонската јавност не треба да реагира, ако веќе официјалната политика зазела став да не се изјаснува и да не остава простор да влезе во контекст на предизборна кампања во соседна држава. Актуализирањето на концептот и желбата за големи држави не е невообичаена (па, дури и промислено провоцирачка) тактика во изјавите на балканските политичари, особено на бугарските. Колку и да се квалификувани како анахрони и невозможни таквите идеи во современата геополитика на непроменливост на границите, сепак таквите фантазии не исчезнуваат дури и во реално високите политички кругови, кај сите балкански политичари. Често, додека бев амбасадор во Грција, во интерни разговори со грчки политичари ми биле споменувани како идеја некакви концепти за балканска конфедерација. Секако, тоа можеби звучи интересно како идеја, но на балканските простори се покажува дека е комплицирано за изведување, со неизживеаните соништа за големи држави – вели Љупчо Арсовски, првиот амбасадор во Грција по независноста на Македонија.

Потсетувајќи дека територијата на денешна Македонија во Втората светска војна била поделена токму како во понудената „алтернатива за ЕУ“ на Каракачанов, односно едниот дел (источниот и Повардарието) го окупирала Бугарија, а другиот дел (западниот) бил под окупација на Албанија, регионалните и домашните политички аналитичари проценуваат дека таквиот принцип на „поделба на територии“ воопшто не е соодветен на современата геополитика. Освен тоа, иако образецот за поделба што го наметнува Каракачанов можеби по малку личи на „косовскиот синдром“, аналитичарите сметаат дека сепак не може да се прави таква споредба поради повеќе причини, почнувајќи од тоа што Македонија е суверена држава, додека Косово, сепак, сѐ уште не е.
– Во изјавите на Каракачанов поврзани со Македонија (а најчесто се такви, иако се за вантрешнополитичка употреба во Бугарија) најчесто нема ни ронка вистина, не се во корелација со реалноста, па дури немаат ни (гео)политичка поткрепа. Неговото политичко постоење во мигов го одржува само медиумскиот интерес што му се посветува во Бугарија, но и во Македонија. Доколку постои начин тој медиумски да се изолира барем во Македонија, или да се намали бројката на пребарувања на интернет на неговото име, можеби полесно ќе се најдат начини и комуникација за излез од неразумноста што моментално преовладува во македонско-бугарските односи во контекст на македонските евроинтеграции – вели универзитетската професорка Мирјана Најчевска.

И покрај позицијата на македонската влада да не реагира на изјавите на бугарските политичари во време на тамошното предизборие, сепак во регионалната јавност не избегнуваат да го постават прашањето зошто меѓународната заедница (ЕУ и САД) не реагира на провоцирачките и потпалувачки изјави на еден министер за одбрана на земја-членка на ЕУ. Одговорите на политичките аналитичари најчесто се во насока дека меѓународната заедница таквото однесување и изјави на одредени политичари не ги смета за особено загрозување на нејзините интереси и стратегии во регионот. Сепак, механизмите во европските институции треба да се придвижат. Познавачите на меѓународната политика и дипломатија сугерираат поведување иницијативи во Европскиот парламент, но и широка дипломатска активност пред другите европски институции и држави, како и пред клучните светски држави со кои Македонија има договор за стратегиско партнерство. Премолчната и анемична меѓународна активност на Македонија сѐ повеќе се толкува како немоќ и дека го прифаќаме начинот на дејствување како слаб, „аморфен, растеглив и непрепознатлив карактер на дипломатијата на една автентична нација и држава“. Според експертите од меѓународната политика и дипломатија, ние сѐ уште имаме широка палета од „тежок дипломатски арсенал“, кој чека да биде активиран, а за тоа се потребни смелост, храброст и непоколебливост од севкупните политички структури и со заеднички сили да се презентираат вистината и фактите од страна на „една мала држава со голема нација.“


Заев: Позицијата на Бугарија е анахрона и спротивна на меѓународното право

На видеодебата во организација на Атлантскиот совет, премиерот Зоран Заев нагласи дека нема да преговара со Софија за фактот „дека сме Македонци што зборуваме на македонски јазик“. Оценувајќи ја сегашната позиција на Бугарија во односите со Македонија, Заев констатира дека таа е анахрона и спротивна на меѓународното право.
– Нашиот став е дека пријателите не треба да се блокираат едни со други. Напротив, тие треба да си помагаат едни на други. Бугарија мора да разбере дека имаме суверено право да избираме и да се чувствуваме како Македонци што зборуваат на македонски јазик, притоа почитувајќи ги сите – рече Заев.
На дебатата на Атлантскиот совет учествуваа, меѓу другите, и поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, амбасадорот Роберт Гелбарт, како и Мајкл Карпентер и Џејмс Обријан од транзицискиот тим на американскиот претседател Џо Бајден и Демијан Марфи од Комитетот за надворешни работи на американскиот сенат.