Владеење на правото нема и нема да има сѐ додека не се оствари главниот постулат на демократијата – поделба на власта. Тоа е генералната оцена на експертите во земјава во пресрет на првиот извештај за успехот на мерките на Европската Унија. Имено, Унијата презеде зафати во делот на напредокот на владеењето на правото во земјите од Западен Балкан, а извештајот за тоа, чија конечна верзија треба да биде подготвена до крајот на годинава, треба да го објави Европскиот ревизорски суд. Интерниот документ веќе е испратен до Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување, во надлежност на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој пред некој ден престојуваше во Скопје
Политичарите никако да се откажат од влијанието врз правосудството
Политичарите во Македонија сѐ уште не се откажуваат од, повеќе или помалку, нивните успешни обиди за влијание врз правосудството и затоа голем напредок во областа на владеењето на правото нема. Ниту ќе има, тврдат нашите соговорници, сѐ додека не се оствари главниот постулат на демократијата – поделба на власта. Тоа е генералната оцена на експертите во земјава во пресрет на првиот извештај за успехот на мерките што Европската Унија ги презема во делот на напредокот на владеењето на правото во земјите од Западен Балкан, чија конечна верзија, до крајот на годинава, треба да ја објави Европскиот ревизорски суд, а чиj интерен документ веќе е испратен до Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување, во надлежност на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
Да се елиминира можноста една власт да контролира друга
Содржината на тој извештај е и едно од објаснувањата за молкот со кој заврши завчерашната средба помеѓу премиерот Зоран Заев и еврокомесарот Вархеји.
– Голем напредок, кај нас, нема и нема ниту да има сѐ додека не се остварат главните постулати на владеењето на правото, а најважниот од нив е поделба на власта. Тоа значи дека треба да се елиминира можноста една власт да контролира друга, во случајов да се отстрани влијанието на извршната врз судската власт. Но кај нас политичарите никако да се откажат од влијанието врз правосудството и тоа ги прави лажни сите напори за деполитизацијата на правосудството, само заради ниските лукративни интереси, кои немаат ништо заедничко со општиот интерес – објаснува професорот од Правниот факултет при УКИМ Гордан Калајџиев.
Како добар познавач на состојбите и некогашен член на Советот за реформи во правосудството, Калајџиев смета дека тоа што веќе подолг период се промовира како реформа во таа област, сепак, не резултира со никакви суштински активности и промени за системот да се врати во функција, што, според неговите зборови, „кај правната фела предизвика една општа апатија“.
Направен е напредок, но има уште многу да се работи
Министерот за правда Бојан Маричиќ, неодамна, обраќајќи се на дијалогот за јавни политики „Имплементација на стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022 година со акциски план – до каде сме и што понатаму“, во организација на Институтот за европска политика, рече дека е задоволен од резултатите и темпото на спроведување на реформите во правосудството и најави нови мерки за зацврстување на правната држава.
Тој додаде дека е направена промена, но и дека има уште многу да се работи, потенцирајќи дека реформата останува високо на агендата на Владата и оценувајќи дека земјата е на вистинскиот пат кон исполнување на целта за независен, професионален, транспарентен и ефикасен правен систем.
Во меѓувреме, како што објави неодамна австриски „Стандард“, Европскиот ревизорски суд подготвил извештај за успехот на мерките што Унијата ги презела како поддршка на владеењето на правото во државите од Западен Балкан, меѓу кои и во Македонија. Интерниот документ веќе бил испратен до Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување, кој е под надлежност на еврокомесарот Вархеји, и оттаму било одговорено со коментари на забелешките.
– Откога ќе се исчитаат првите коментари на Комисијата, конечната верзија на извештајот на Ревизорскиот суд би требало да биде објавена кон крајот на годината. Но забележливо е дека Комисијата ги „омекнува“ констатациите на судот – констатира, меѓу другото, „Стандард“.
Одбивајќи да ги коментираат коментарите на оцените во извештајот, во Ревизорскиот суд само потврдија дека на него се работи и дека ќе биде објавен до крајот на годинава.
– Ние не ги коментираме нашите ревизорски извештаи пред да бидат објавени. Планирано е нашиот извештај да биде објавен до крајот на годинава и ќе се погрижиме медиумите навреме да бидат информирани за тоа – одговориле оттаму.
Инаку, во регионалните медиуми можат да се најдат и коментари на инволвирани во оваа проблематика од редовите на институциите на ЕУ, кои изразуваат отворено незадоволство од напредокот на парламентарната демократија, слободата на медиумите, ефикасноста и транспарентноста на државните институции, ефектите од борбата против корупцијата, а најмногу од нивото на владеењето на правото, иако, како што се потенцира, за реформите на правосудството во земјите од Западен Балкан, Унијата вложила над 70 милиони евра во изминативе пет години. Д.М.М.