Воените аналитичари истакнуваат дека нашето водство мора да престане да се фали со тренирки, гуми и чизми и сериозно да размислува за градење на капацитетите во одбраната. Ако би се случил каков било конфликт, истакнуваат соговорниците, наша е првата реакција во заштита на граѓаните и на територијалниот интегритет и суверенитет. Ние мора да се погрижиме за тоа, а не да се потпираме исклучиво на реакција на Алијансата во која сме членки

Сѐ погласно ѕвечкање со оружје од
блиското соседство, Косово и Метохија

Распламтувањето на старо-новите безбедносни жааналитичариришта во нашето соседство никако да сопре. Превирањата на релацијата Србија – Косово, деновиве повторно добиваат актуелност откога Приштина најави дека во 2022 година ќе го зголеми бројот на своите воени сили за 20 отсто, а Белград речиси истовремено навести дека наредните месеци земјата ќе продолжи да ја вооружува својата армија со високомодерна борбена техника во соработка со Русија.
Македонија, која е членка на НАТО, е во непосредна близина и се граничи со посочените потенцијални кризни жаришта. Затоа сите вакви безбедносни индикатори и сигнали за трупање оружје за нас се исклучително битни за следење, бидејќи се одигруваат веднаш „зад аголот“, помеѓу држави што не се дел од Алијансата. Од македонски агол се наметнува дилемата за евентуално прелевање на кризата и конфликтот…

Ако конфликтот ескалира, НАТО веднаш ќе формира регионална
коалиција

Доктор Ангелос Каканис, кој е аналитичар за теми од безбедносни ризици од лондонскиот институтот „Тактикс“ што тесно соработува со НАТО, вели дека загрижувачки е фактот што двете држави од македонското соседство, Србија и Косово, ги зголемуваат своите армиски капацитети.
– Иако и двете земји ги „билдаат“ воените капацитети, не верувам дека тие имаат стратегиски и армиски капацитет да го предизвикаат НАТО, кое е веднаш до нивните граници, односно во Македонија, Албанија и во Црна Гора – вели Каканис.
Тој објаснува дека во случај кога би била предизвикана регионална нестабилност или конфликт, силите на помоќните воени држави во НАТО изразени преку САД, Германија, Британија, па дури и Италија и Грција веднаш би реагирале.
– Реакцијата би можела да биде извршена на начин што најпрво би се формирала регионална НАТО-коалиција на земји од најблиското соседство на конфликтот, која би имала соодветен одговор што би ја пацифизирал состојбата меѓу Србија и Косово и би ги седнал страните од спорот на преговарачка маса – вели Каканис.
Што се однесува до Македонија, според него, она што може да го направи земјата во соработка со НАТО-сојузниците е во овие моменти да ја засили контролата на граничната линија по должината со двете земји и да спроведе прекугранична процена за развојот на состојбите.
– Дополнително, она што најмногу би ѝ користело сега на Македонија е во наредниот период да ги зголеми врските со граничната полиција на Србија и на Косово, па дури и на Албанија и во заеднички активности да се извршат сите неопходни анализи и скенирања на теренот – вели Каканис.
Тој подвлекува дека ваквите градења врски со проблематичните земји е корисно за да се засилат интерсекторските безбедносни врски меѓу сите актери до македонските граници.
– Токму пријателските врски иницирани од Македонија може да се во духот на НАТО за да се смират состојбите кај вашите соседи – заклучува тој.

Нам најмалку ни одговара да има конфликт на север од границите

Универзитетскиот професор и генерал Методи Хаџи-Јанев вели дека неговите стручни процени се дека старо-новиот конфликт меѓу Србија и Косово никогаш не прекинал и не се пацифизирал.
– Прашањето во овој момент, кое е најактуелно, е дали судирот ќе ескалира до конфликт или нема. Легитимно е и за двете страни од воен аспект во име на нивните национални интереси сега да ги преземаат сите мерки за да се доведат во подобра позиција во превирањата околу нивниот спор – вели Хаџи-Јанев.
Тој нотира дека наивни се оние политичари што веруваат единствено во мирното решавање на спорови, без притоа да постојат и калкулации од ефектите на потенцијален конфликт во Косово.
– Како за споредба земете ја познатата фраза што му се припишува на Винстон Черчил, која вели дека Британија никогаш не треба да се остави без можноста да води политика со долгиот стап и да ги брани своите интереси на тој начин – вели професорот.
Тој додава дека во однос на НАТО пораката за спорот е јасна.
– Ако НАТО има распоредено сили во Косово и ако Косово е условно замрзнат конфликт или продукт на замрзнат конфликт, во кој НАТО директно учествуваше, јасно е дека за Алијансата или барем за водечките сили во неа е логично да се очекува дека ќе сторат сѐ за да не дојде до конфликт. Односно, НАТО ќе ја изгасне искрата на конфликт во нашето соседство ако се разгори. Тоа, да бидеме фер, е и најдоброто за сите страни во конфликтот, но и за регионот – вели Хаџи-Јанев.
Во однос на тоа како Македонија треба да се постави и како ќе се постави кон случувањата се две различни работи.
– Едно е јасно, дека нам најмалку ни одговара да има конфликт на север од границите. Ние имаме и свои армиски сили распоредени во Косово, кои се под ризик. Сето тоа значи дека потенцијален конфликт што би ги загрозил нашите сили таму нѐ втурнува и нас во несакани настани – вели професорот.
Тој се надоврзува дека постои и опција ако дојде до конфликт сегашната констелација на односите во земјата, како и кај некои други членки од сојузот заради национален интерес да нѐ принуди превентивно и навреме да се изземеме од учество во конфликт.
– Сепак, се надевам дека ќе преовладее разумот и дека до тоа нема да дојде. Но едно е јасно, дека нашето водство мора да престане да се фали со тренирки, гуми и чизми и сериозно да размислува за градење на капацитетите во одбраната, бидејќи каков било конфликт ако би се случил независно од каде и независно каде, нема да нѐ праша дали и каде сме згрешиле туку ќе ја испорача сметката. Тогаш сите заложби и напори за политикантство ќе ни паднат во вода, бидејќи само наивни политики за мирно решавање спорови немаат калкулации за тоа што ако се случи потенцијален конфликт, а на тоа најмногу треба да нѐ освести познатата фраза на Черчил – заклучува професорот.

[email protected]