Поради големото значење на реформите од областа на безбедноста и високиот степен на јавен интерес за претстојните системски промени од оваа област, „Нова Македонија“ во свој осврт во неколку продолженија ќе се обиде на читателите што поедноставно и појасно да им го презентира процесот на реформите на разузнавачките и безбедносните служби и ќе се обиде да ги посочи најголемите предизвици пред кои се наоѓа безбедносниот сектор на државата во овој момент. Наедно, преку мислењата на релевантни соговорници, ќе се даде појаснување на моделите на преструктурирањето на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) како еден од сегментите на националниот безбедносен систем. Во својот осврт, весникот користи размислувања на видни безбедносни аналитичари, универзитетски професори, правници и поранешни високи државни функционери од оваа област

НОВИНАРСКИ ОСВРТ НА МОДЕЛИТЕ ЗА ПРЕСТРУКТУРИРАЊЕ НА БЕЗБЕДНОСНИОТ СЕКТОР (2)

Националната контраразузнавачка безбедносна институција – Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), овие денови е во центарот на вниманието. Имено, јавниот интерес е фокусиран на нејзината работа спроти процесот низ кој треба да се реформира оваа безбедносно-државно тело.

УБК низ историјата минувала низ повеќе трансформации, козметички или суштински, но отсекогаш била „популарна“ кај граѓаните бидејќи нејзината работа, затскриена зад велот на тајноста, будела многу асоцијации, комбинации, претпоставки и интриги, а многупати и страв од нејзините извршни прерогативи во минатото. Но она што сега навистина е предизвик, е транспарентниот процес на реструктурирање на оваа институција во насока на децентрализација, деполитизација и деконцентрација на безбедносната моќ и ставање на УБК во функција на граѓаните, Уставот и законите на Р Македонија.

Трите модели на реструктурирање на УБК

Имено, според актуелните мислења, се предвидуваат три можни модели по кои може да се движат реформите во УБК.
Првиот модел предвидува Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и Агенцијата за разузнавање (АР) да останат како што се досега, првата во рамките на МВР, втората како посебен орган.

Вториот концепт, односно модел, предвидува УБК да се алоцира надвор од МВР и да функционира како посебен владин орган на управа (дирекција или агенција).
Со третиот модел, се предвидува спојување на УБК и на АР во еден орган, кој ќе функционира како посебна владина безбедносна агенција.
Токму таквиот „триптихон“ за опсервација и анализа на гореспоменатите три различни модели за реформа на УБК, силно ја сензибилизира домашната јавност. Затоа изминатиов период и голем број експерти и аналитичари јавно излегоа со ставови околу овие случувања што ја засегаат македонската национална безбедност, попрецизно, реформите на нашиот најпознат безбедносен сегмент, имено Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК).

Кои се опсервациите за првиот модел – статус кво и за УБК и за АР?

Универзитетскиот професор Гордон Калајџиев вели дека најлошата варијанта за државата е сѐ да остане како досега, односно Управата за безбедност и контраразузнавање и Агенцијата за разузнавање да продолжат да дејствуваат како досега, првата (УБК) во рамките на МВР, втората (АР) како посебен орган.
– Главните проблеми предвидени во првиот модел и натаму ќе останат во смисла на тоа дека во работата оваа институција ќе се соочува со истите пречки како и досега, односно нема да се изврши деполитизација, а цивилната контрола врз ова тело и натаму ќе биде слаба. Во овој модел најголемиот проблем и натаму ќе остане мониторирањето на работата, кое во овој момент е многу нејасно – објаснува професорот.

Поранешниот министер за внатрешни работи, пак, Павле Трајанов размислува слично како Калајџиев и верува дека од предложените три варијанти на државата, воопшто не ѝ одговара работите да останат такви какви што се.
Трајанов го аргументира тоа со тврдењата дека досега низ годините во голем број пригоди биле регистрирани случаи, во кои оперативци на безбедносните служби ги злоупотребуваа своите позиции и овластувања, а многу од нив, според него, дури биле инволвирани во огромни скандали и случувања со огромен дијапазон, почнувајќи од инволвирањата во настаните од кумановско Диво Насеље, па до оние во парламентот од 27 април.

– Токму поради ова, првиот предложен модел за мене, благо кажано, е неприфатлив – вели Трајанов.

Магдалена Лембовска, истражувачката за безбедносни прашања на „Аналитика тинк-тенк“, вели дека моделот што се потпира на постојното решение, односно УБК да остане во рамките на МВР не дава доволно простор за оптимизам дека ќе следува посуштинска реформа на самата служба.

– За современите демократски безбедносни служби е сосема несвојствено да бидат дел од Министерство за внатрешни работи и мене не ми е познато друга земја да се определила за ваков модел. Најголемиот недостаток е неможноста да се обезбеди функционална и финансиска независност на УБК, но и заштита од политички влијанија. Единствен позитивен аспект на овој модел може да биде фактот што реформата би се потпирала на постојната институционална инфраструктура, што значи помали финансиски импликации и пократки рокови за реформирање. Сепак, со оглед на тоа дека станува збор за една од клучните реформи за државата, предност треба да му се даде на наоѓањето на најоптималното решение, кое ќе биде одржливо и ќе резултира со ефикасна и професионална служба – вели Лембовска.

ПРОДОЛЖУВА
(Како би функционирала УБК надвор од МВР според вториот модел)