Во контекст на штотуку добиената позитивна препорака од Европската комисија и јавно искажаните надежи од премиерот Заев и вицепремиерот Османи за добивање датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ на јунското заседание на Советот на министри на ЕУ, новиот план 18 ќе биде фокусиран на она што треба да се стори до јуни
Уште додека оптимизмот од „чистата препорака“ и позитивниот извештај од Европската комисија за напредокот на Македонија во процесот на евроинтеграциите беше во полн ек, вицепремиерот за европски прашања во Владата на РМ, Бујар Османи, најави нов реформски пакет, наречен „план 18“.
Овој план 18, според неговото именување, на некој начин претставува продолжение на планот 3-6-9, во кој беа конципирани реформските чекори на Владата, за кои аналитичарите уверуваат дека беа причината за добивање на чистата препорака од ЕК. Иако пред препораката опозицијата тврдеше дека планот 3-6-9 е дебакл, а некои аналитичари сметаат дека препораката за почеток на преговорите за членство во ЕУ е добиена повеќе како политичка поддршка за Владата на РМ отколку како резултат на реализацијата на планот, сепак конечната оцена на Владата е дека од 3-6-9 е реализирано речиси 90 отсто од предвиденото. И еврокомесарот Јоханес Хан, честитајќи за позитивниот извештај и препораката, не избегна да забележи дека едно е да се донесат законите, а потешкиот дел е нивната имплементација. Очигледно е дека и на Владата на РМ и на европските партнери им е важно да се задржи динамиката на реформи започната со планот 3-6-9.
– Ова е како видеоигра, завршуваш едно ниво, поминуваш на друго и на последното ниво немаш време да размислуваш за првото. Нашето последно ниво е во јуни. Уште во текот на наредните денови Владата ќе излезе со новиот план 18, кој ќе биде фокусиран на она што треба да се стори до јуни – изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи еден ден по добивањето на неусловената препорака за почеток на преговорите.
И покрај генералната оцена за позитивниот извештај на ЕК и отстранувањето на условеноста на препораката за почеток на преговори, сепак повнимателно читање и анализа на извештајот доведуваат до заклучокот дека Македонија треба и понатаму да исполнува услови на својот пат за членството во ЕУ.
– Чиста е препорака и нема услов, но ако малку се задлабочите – има услов – изјави Фани Каранфиловска-Пановска од институтот „Отворено општество“.
Анализирајќи го извештајот на Европската комисија, познавачите велат дека безусловната препорака не треба да ја ослободува власта, бидејќи многу брзо таа може да стане условена, со оглед на тоа што сега е време за имплементација на реформските закони, а и сѐ уште претстојат преговорите со Грција, околу решавање на прашањето за спорот за името на државата.
Во таков контекст, на штотуку добиена позитивна препорака од Европската комисија и јавно искажаните надежи од премиерот Заев и вицепремиерот Османи за добивање датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ на јунското заседание на Советот на министри на ЕУ, новиот план 18 треба да понуди ефикасни и аргументирани потези на Владата. Во овој момент, планот 18 сѐ уште е само во најава.
Од Секретаријатот за европски прашања се очекува на почетокот од идната седмица да биде објавена анализата на извештајот на Европската комисија, а веќе во вторник, 24 април, да биде разгледувана и прифатена од Владата, па дури потоа да се излезе со деталите на планот 18.
– Овој план, Владата на Република Македонија го утврди заедно со Европската комисија врз основа на извештајот на Европската комисија што го добивме во вторникот. Се работи за план што е во почетна фаза и наскоро ќе имаме драфт- верзија – одговори на новинарско прашање за содржината на планот 18 портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.
Во поглед на оптимизмот и мерките за добивање датум за почеток на преговори за членство во ЕУ, за кои се навестува дека ќе бидат основа за структурирање на планот 18, аналитичарите проценуваат дека имаат основа во пораките на високите претставници на ЕУ, како и геополитичкиот момент, но мора да се внимава и на лошите економски параметри наведени во извештајот на ЕК.
– Изјавите на претседателот на Владата, Зоран Заев, и политичките пораки што ги праќа во изминатиот период, а во јавноста се толкуваат како оптимизам се темелат на неколку аргументи. Едниот аргумент оди во прилог на Владата на Република Македонија, а тоа е од геополитичка природа, и желбата на ЕУ овој регион да биде интегриран брзо, но многу внимателно, а тоа е поради сѐ пожестокиот судир помеѓу ЕУ и САД од една страна и Русија од друга страна. Брзо – затоа што ова е регион што подлежи на политички земјотреси на разни интереси на големите сили, а внимателно – поради отворените прашања помеѓу соседите што ги имаат државите на Балканот, Србија со Косово, и ние, односно Македонија со Грција, но и структурните реформи што треба да се совпаднат со тие што треба да ги направи и самата ЕУ, а тоа е она што Макрон го наведе како поента.
Оптимизмот на Заев е реален, не само заради пораките што ги испраќаат високите претставници на ЕУ туку затоа што политичкиот и геополитичкиот момент е таков. Да не заборавиме дека државата политички и институционално се стабилизира, но Заев мора да внимава, бидејќи овој оптимизам може брзо да се урне ако економските параметри, кои се лоши и се наведени во извештајот на ЕК, не се подобрат во овој период – смета политичкиот аналитичар Милан Стефаноски.