Со Драмата на Македонскиот народен театар во Пиринска Македонија
Дневник по 40 години (5)
Пред 40 години, во октомври 1982-та, ансамблот на Драмата на Македонскиот народен театар од Скопје оствари долга и успешна турнеја низ сите поголеми места во Пиринска Македонија. Од претходното гостување во овој крај беа поминале шеснаесет години. На репертоарот на МНТ овој пат беа култната, „Зајдисонце“ од Исак Бабељ и незаборавниот „Кенгурски скок“ од Живко Чинго, обете во режија на Бранко Ставрев. Турнејата ја следеше и новинарот и писател Ристо Лазаров.
Пишува: Ристо Лазаров
Вторник, 19 октомври 1982 година
Рано легнуваме – рано стануваме. Жоро возбудено, уште од рани зори, се вртка околу хотелот. Непроспана ноќ, пред тргнувањето за Петрич – родниот му град.
Мал одмор во Кресненската Клисура, појдовното место на востаниците од пред еден век. Кисела чорба во „Кресненското анче“. Жоро е веќе поцрвенет, вжарен. Сетики поарно ќе беше во родното место да влезеше на бел коњ… Дошепнување – масло на оган. Минуваме, потем покрај Влахи, родното место на пиринскиот цар Сандански. Зад нас е и Сандански. Патоказ ни го предочува и Плоски, родното место на Иван Катарџиев. Си спомнуваме и на него, на неговото „Време на зреење“.
Во Петрич нѐ чекаат пред хотелот. Жоро излегува од автомобилот како од висока печка. Вцрвен до усвитеност. Во родното место по цели дваесет години. Веднаш го препознаваат другарите од детството и младините, сега некои раководители на културниот живот во градот, пуштаат и солзи во прегратката на Жоро.
Претседателот на читалиштето „Браќа Миладиновци“, Никола Тренев, на Бошко Нацевски и мене ни подарува по една значка со ликот на Антон Попов. Ручаме во текстилната фабрика „Билјана“. Потоа со Бошко Нацевски заминуваме на Калабак, крај една планинска куќа на Белaсица. Тука, на задоцнетото планинско сонце една поголема група момчиња седнати на богата трпеза. Пред три години, на овој ден, имале сообраќајна несреќа на патот по кој се доаѓа овде. Сега секоја година се собираат да си наздрават за среќата. Додека да трепнеш, се собираат едно пет-шест килограми костени. Тука ги печеме, а во едно ќесе носиме нешто и за Жоро. Еден постар човек рече дека се вика Генчо, ни се придружува и прашува за Жоро. Комшии биле, сака да го види, да се поздрават.
Беласица, белата ласица од песната на Атанас Вангелов, кобната Самуилова Планина, е зад нас. Или поточно, над нас. Во градот наминуваме во музејот. Љубезната директорка ни покажува повеќе фотоси на Вапцаров и на Попов. Малку потоа – поклон на гробот на Антон Попов, во центарот на градот. Македонскиот литературен кружок во Софија. Венчавката на поетот, во затворот, пред стрелање. Стиховите од неговата ПЕСНА ЗА СТРУМА:
,,Ти денес родино, од историјата си заборавена. Прострелани се твоите гради,
Напукнати се нивите од жалби, Народот ни е во црно забраден“.
Декември 1940 – јануари 1941. Поетот загледан во татковината, со слободарски копнеж: Дојран, Охрид, Шара, Егеј, Пирин. Внук му (од брат) го носи неговото име. Сестра му Роза Смиљанова живее во Сандански. Поетот е во неговите песни.
Жоро брза на прием, со членовите на водството на патот, кај претседателот на општинскиот совет. Задоцнува: го запираат на плоштадот стари познаници, другари од детството. Како да присуствуваме на возобновувањето на детството, на детските желби, на детските радости. Овде, на плоштадот на Петрич. Гледајќи го Жоро во прегратките на другарите.
Вечерта – „Зајдисонце“ во преполната сала. Тука се и многубројните роднини на Ристо Шишков. Едно момче при средбата со Шишков, претпладнето, фалбено ѝ довикна на хотелската рецепционерка: „Овој ми е братучед“. Дончо се вика. Шишков вечерва игра за него, за сите роднини. Пее и Жоро. Ако си спомнувате, во претставата има и две подолги музички „парчиња“, снимени на лента. Ги пее Жоро, сега во родниот град.
На вечерата, во пространиот ресторан, сите бараат од Жоро – песна. Му пишуваме, на салфетка, порака за пиринските водоскоци и македонските крвоскоци… Почнува: „Калеш Анѓа“ и „Малино моме“, задолжително. Жоро и неговата омилена песна во Петрич. Sвонат, до мугри, пиринските ѕвона…
(Продолжува)