Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР во целост ќе ја зачува својата непристрасност при набљудувањето на референдумот. Ангажиран ќе биде тим од 13 експерти, 20 долгорочни набљудувачи и околу 250 краткорочни набљудувачи што ќе оценува дали гласањето се одвива во демократска атмосфера и во целосна согласност со меѓународните обврски и стандарди и со националното законодавство.
Ова му го соопшти денеска амбасадорот Јан Петерсен, шеф на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за референдумот, на претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери.
Како што соопшти Кабинетот на собраниската прес-служба, Петерсен се осврна на активностите на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР и нагласи дека нејзината улога е да го набљудува целиот процес на спроведување на референдумот, почнувајќи од јавната пропаганда, финансирањето и медиумското покривање.
Џафери изрази задоволство што ОБСЕ/ОДИХР одлучи да испрати Мисија за набљудување и оцени дека следењето на спроведувањето на референдумот од страна на оваа организација е од исклучителна важност за поттикнување на довербата во референдумскиот процес.
Тој нагласи дека во Македонија високо се цени улогата на ОБСЕ/ОДИХР, а голем дел од препораките од предходните извештаи се вклучени во Изборниот законик. Информираше за улогата на Собранието на Република Македонија, како овластен предлагач на референдумот и носител на јавната пропаганда, како и за претстојните собраниски активности во пресрет на референдумот.
ОБСЕ/ОДИХР досега набљудувала 17 изборни процеси и еден референдум во земјава.