Американскиот потпретседател Мајк Пенс во телефонски разговори со македонскиот премиер Зоран Заев и со неговиот грчки колега Алексис Ципрас, им го честиташе историскиот договор помеѓу Македонија и Грција за решавање на долгогодишното прашање за името меѓу двете земји, соопшти синоќа Белата куќа.
Пенс ја поздрави позитивната одлука на Европскиот совет за отворање на патот кон преговори за пристапување во Унијата во јуни 2019 година и ја потврди поддршката на САД за членство на Македонија во НАТО и ЕУ.
Во соопштението се наведува дека Пенс го пофалил премиерот Заев за лидерството, храброста и неговата посветеност кон мирот и стабилноста во регионот, нудејќи ја поддршката на САД за успешна имплементација на договорот за името.
Пенс и Ципрас, освен за договорот, разговарале и за грчко-турските односи и улогата на Турција во поширокиот регион, но и за зајакнување на грчко-американските економски односи, особено во пресрет на Меѓународниот саем во Солун кон средината на септември кога САД ќе бидат почесна земја.
– Премиерот ја истакна важноста што ја има овој договор за стабилноста и заедничкиот развој на Балканот, соопштуваат од кабинетот на Ципрас, јави дописничката на МИА од Атина.