Претседателот Стево Пендаровски се обрати на отворањето на манифестацијата Отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, што се одржува во чест на одбележувањето 75 години од официјализирањето на современиот македонски јазик, азбука и правопис. Истакнувајќи дека македонскиот јазик е стандардизиран веќе седум и пол децении, претседателот Пендаровски истакна дека, за жал, и денес „сè уште сме предизвикани да го докажуваме ноторниот факт за неговата посебност и постоење“.
– На 5 мај 1945 година беше озаконета македонската азбука, а на 7 јуни беше издадена и првата читанка, буквар на македонски јазик. Чинот на официјализирање и стандардизирањето на македонскиот јазик има своја долга предисторија во активностите и во делата на Ѓорѓија Пулевски, Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Партениј Зографски и на други многубројни културни дејци од 19 век за да кулминира со дејноста на Мисирков. Затоа, и не случајно и Институтот за македонски јазик го носи неговото име. Секако, процесот немаше да биде завршен ако не беше Народноослободителната војна, ослободувањето од фашизмот и формирањето на македонската република како рамноправна федерална единица во тогашната Југославија – рече Пендаровски.
Претседателот со жалење констатира дека и покрај тоа што поминаа седум и пол децении од стандардизирањето на македонскиот јазик и откако неговото постоење, во меѓувреме, беше потврдено од светската лингвистичка наука, ние сè уште сме предизвикани да го докажуваме ноторниот факт за неговата посебност и постоење. Интересно е, додаде тој, дека негирањето не доаѓа од релевантни, светски лингвистички авторитети и институти, кои за тоа прашање се имаат одамна изјаснето, туку од одредени, најчесто политичко-академски кругови од нашето непосредно опкружување.
– Без намера да ја оптоварувам денешната свеченост со дневнополитичка реторика, нешто што е директно спротивно на поводот за кој сме собрани, сакам само да нагласам дека научните аргументи и вистината се на наша страна и од нив никој разумен не може да се откаже. Заради нашите предци, заради нас самите, заради обврската да ја зачуваме нашата духовна татковина како што на времето се изрази за нашиот јазик големиот Блаже Конески. Токму Конески со своите капитални трудови меѓу кои Граматиката на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик постави цврсти темели за сите натамошни македонистички проучувања – истакна меѓу другото претседателот Пендаровски на вчерашната манифестација.